Со примена на оваа метода возможно е лекување на туморите на мозокот кои се помали од 3,5 цм, без потреба од чувствителна и ризична неврохируршка интервенција.
Што претставува Гама нож техниката?
Тоа е метода која што се користи за третман на туморите на мозокот без хируршка интервенција и претставува применета, научно докажана, неинвазивна радиохируршка техника. Целта која се постигнува со оваа техника на зрачење е слична на хируршката, па затоа и се нарекува радиохируршка. Со примена на оваа метода возможно е лекување на туморите на мозокот кои се помали од 3,5 цм, без потреба од чувствителна и ризична неврохируршка интервенција.
Најповолно од се е тоа што со Гама нож техниката мозочните тумори се третираат: бескрвно, брзо, ефикасно, без употреба на општа анестезија. Tретманите завршуваат во рок од неколку часа и благодарение на тоа пациентите можат да заминат дома веднаш по интервенцијата.
Структура и принцип на работа на оваа метода
Таа се темели врз принципот на зрачна терапија. Всушност, таа е посебна изведба на кобалтен апарат кој содржи 200 мали кобалтни извори распоредени во полуоска и насочени во една точка за да се добие голема доза во мал волумен која практично се нарекува гама нож.
Прво со помош на компјутеризираната томографија се утврдува туморот на мозокот, неговата точна локализација и големина. Потоа со посебна компјутерски диригирана програма без можност за грешка или отстапување од зададените координати, туморот се зрачи со зраци кои произлегуваат од кобалтен извор. Секој извор од зраците зрачи со ниска јачина, па поради тоа не му штети на здравото ткиво на мозокот.
Индикации
Гама нож методата е златен стандард во радиохирургијата. Се применува во третманот на:
- Артериовенски малформации (аномалии на крвните садови придружени со проширување и извиткување на истите во мозокот, при што артериската крв директно минува во венската, без посредство на капиларите);
- Бенигни и малигни тумори;
- Функционални нарушувања на мозокот.
Како делува Гама нож методата врз туморот?
Треба да се потенцира дека туморот или заболеното ткиво со оваа метода не се вадат како при класичните хируршки операции. Гама нож техниката делува директно врз туморската клетка уништувајќи го нејзиното јадро. На овој начин туморската клетка ја губи способноста за размножување и прехрана, што автоматски доведува до нејзина смрт. Со овој принцип на делување може да дојде и до комплетно исчезнување на туморот.
Кај малигните тумори и метастази во мозокот, бидејќи брзо растат, лекувањето може да потрае и неколку месеци за да се видат вистинските позитивни ефекти од третманот.
Кои се предностите од лекувањето со Гама нож методата?
- Ја намалува потребата од отворена операција на многу тумори на мозокот.
- По постапката има многу малку несакани реакции.
- Нема потреба од општа анестезија.
- На денот на третманот пациентите може да се вратат дома.
- Нема период на постоперативно заздравување.
- Нема промени на кожата и косата на главата ниту дефекти на черепот.
- Пациентите за кратко време може да се вратат на работа.
- Здравото мозочно ткиво добива многу малку зрачење.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-