Основни аспекти на хроничниот гастритис

0

Хроничниот гастритис е навистина чест, но и проблем кој не смее да се занемари или превиди.

Подразбира хронично воспаление на желудечната лигавицата, кое води до атрофија на жлездите и секреторна слабост при потешките форми.

Класификација

  1. Неатрофичен(тип Б) – поврзан со Helicobacter Pilory
  2. Атрофичен автоимун (тип А) – при пернициозна анемија
  3. Мултифокален атрофичен (тип АБ) – поврзан со H.Pilory и грешки во исхраната
  4. Специјални форми – медикаментозен при нестероидни антиинфламаторни лекови и рефлукс од жолчката –т.н. рефлукс гастрит
  5. Грануломатозен
  6. Еозинофилен – како резултат од дејството на вируси,паразити,бактерии и др.

Етиологија

Надворешни фактори

Освен веќе споменатите  алиментарен, алкохолен и медикаментозен гастрит, треба да се одбележи главната улога на бактеријата Helicobacter Pilory. Тaa предизвикува антрален гастрит-тип Б, а  во подоцните стадиуми е можен и пангастрит.

Внатрешни фактори

Од нив најголемо е значењето на автоимуниот гастрит. Тоа е корпусен гастрит -тип А, кај кој што се следи појава на антипариетални антитела и антитела спрема интринзинк факторот. Постоењето на таков гастрит во едно семејство со мегалобластна анемија ја докажува улогата на генетскиот фактор. Пернициозната анемија патогенетски е заболување од желудникот.   Ниската солно-кисела секреција ги стимулира клетките кои секретираат гастрин во антрумот (Г-глетки), кое пак предизвикува хиперплазија на корпусната лигавица. Комбинацијата од полип на желудникот со пернициозна анемија е многу честа. Тоа заболување е преканцероза.  Другите внатрешни фактори се делат на токсични, алергични и исхемични. Кај цироза на црниот дроб, како резултат на порталната хипертонија настанува –портална гастропатија, кај која се следи појава на сублигавични садови со хеморагии, во вид на змиска кожа.

Клиничка слика

За разлика од доцната и ноќна болка при чир на дуоденумот, која се појавува 2-5 часа после хранење, при гастритот симптомите се јавуваат веднаш после хранење. Најчесто тоа е тежина во епигастриумот, болка, дискомфорт, подждригнување, адинамија, брзо заситување, ретко повраќање.

Кај болните со гастрит може да се појави анемија-пернициозна или железодефицитна.

Дијагностицирање

Диагнозата се поставува со помош на фиброгастроскоп и морфолошки.

Терапија

Диета

Треба да се јаде помалку, но почесто(4 пати на ден), а при ресекција на желудникот пет пати на ден и едно ноќно хранење(анти дампингова диета). Консумацијата на храна во големи количества, како и консумација на натриум бикарбонат, може да предизвика  растегнување на антрумот со хипергастринемија и зголемена ацидо-базна секреција.

  • Тестенини – дозволено е бел леб, јуфки, макарони, кои не треба да бидат топли. Не се препорачува ‘ржен леб,банички, мекици и др.
  • Супи -тие го подготвуваат желудникот за основното јадење.
  • Сол – се препорачува намалена употреба на сол
  • Млеко и млечни продукти
  • Месо – дозволено е пилешко, јагнешко, телешко. Се забранува свинско, сланина, конзервирано месо. Се препорачува вклучување во исхраната на риба.
  • Јајца – Консумацијата на јајца е забрането,бидејчки многу тешко се разградуваат,а после тоа и резорбираат.
  • Кулинарна обработка – дозволено е варење, печење. Пржењето е строго забрането.
  • Варива – не се препорачуваат грав, зелка, леќа
  • Овошје и зеленчук – не се препорачуваат марула, краставици (поради тоа во пролет и есен има најмногу случаи со симптоми на гастритот)лук, кромид, туршии, кисело овошје и др.
  • Зачини – Се забранува употребата на црвен и црн пипер,лути пиперки.
  • Кафе и чај – Не се препорачува кафе и силен чај, но може да се користи чај од шипка, липа,мајчина душица и др. Еден филџан кафе после јадење е дозволено.
  • Алкохол – Концентрираниот алкохол може да делува позитивно на болката,но после тоа може да предизвика влошување и хеморагија. Виното ја стимулира секрецијата во желудникот. Газираните пијалоци и пивото исто така не се препорачуваат.
  • Никотин – тој ја намалува секрецијата на бикарбонати од панкреасот и дуоденумот, ја намалува секрецијата на мукус во желудникот и ја намалува микроциркулацијата,го намалува создавањето на простагландините.

Медикаментозна терапија

Антихеликобатерна “тројна” терапија , при повраќање антиеметици или прокинетици, превенција со Н2 блокери или инхибитори на протонската пумпа.

При дуодено-гастрален жолчен рефлукс може да се ординират антациди, но не треба да се примаат на гладно и во комбинација со Н2 блокери и инхибитори на протонската пумпа.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ангела Златковска е родена на 13.03.1986. Високо образование завршува на Медицински универзитет Пловдив, Република Бугарија, со што се здобива со титулата доктор на медицина. Дипломира со висок просек, при што е наградена со златен орден и пофалница за одличен дипломиран доктор. Има учествувано на многу семинари и конгреси. Од посетата на повеќе обуки се има стекнато со пофалници и сертификати. Специјализант е по интерна медицина и асистент во Универзитетската клиника во Баден - Вуртемберг, во рамките на Универзитетот Хајделберг - Германија. За Доктори.мк Живееме во време кога медицината од момент во момент се повеќе се развива, како на полето на дијагностиката, така и на полето на лекувањето. Доктори.мк е идеално место каде што ние докторите од различни области на медицината можеме да споделуваме наши искуства, знаења и новости од областа на медицината и на тој начин да ги едуцираме граѓаните - нашите пациенти. Навистина ми е чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, кој од ден на ден се повеќе се зголемува.