Сите сакаат да имаат убаво подредени бели заби и убава насмевка, затоа сè почесто пациентите се одлучуваат на ортодонтски третман. Но, за да се постигнат посакуваните резултати пациентите треба да се кооперативни, одговорни и многу претпазливи. Ова пред сè важи за одржувањето на оралната хигиена за кое треба малку повеќе труд од вообичаеното.
Четкање
Како прво треба да се одбере четка со меки влакна или посебна четка која е наменета за пациенти со ортодонтски апарати (bi-level). Доколку имате електрична четка, може да се користи само што треба повеќе да се внимава да не се оштетат брикетите, гумичките или жичениот лак. Ако имате интермаксиларни гумички треба да ги извадете истите пред четкањето. Се четка со кружни движења со благ притисок околу сите површини на брикетата, под жичениот лак, забот од сите страни особено на вратот каде што често знаат да се оформат наслаги заради потешко достапните местa за самочистење.
Се четка секој заб посебно и нема одредено точно време колку треба да трае четкањето, туку сè додека не се исчистат сите површини и не се одстрани ретинираната храна, а обично трае од 3-5 мин ако се четка правилно. Треба да се четка најмалку 3 пати на ден, но најидеално е да се четка после секој оброк.
Некогаш кога не сте во можност да четкате треба да исплакнете темелно со вода за да се одстранат сите заостанати делови од храната. Но, носењето на џебна четка не е лоша идеја особено кога не сте дома. Ако имате ретеинер или мобилен ортодонтски апарат треба да се чисти секој ден и тоа внимателно да не се оштетат жиците. Може и преку ноќ да ги оставате во чаша со солуција за чистење, но пред тоа да се уверите дека од таа солуција нема да кородираат жиците.
Чистење со забен конец
Чистењето со забен конец може да изгледа како не возможна мисија додека имате ортодонтски апарат но не е, и треба да пробате. Ако не знаете како, при посета кај вашиот ортодонт побарајте да ви покаже. Треба барем еднаш дневно да се чистат забите со забен конец.
Други помагала
Интердентална четка
Дизајнирана е така што навлегува под лакот и комплетно го остранува плакот и храната околу брикетите и гумичките.
Флуоридни препарати
Треба да се употреби паста со флуор , но дополнитно може да се употреби и течност за плакнење на устата со флуор. Флуорот помага забите дабидат поодпорни и поцврсти против киселините кои се произведени после јадење и пиење и ги заменуваат изгубените минерали.
Исхрана
При носење на ортодонтски апарат треба да бидете малку попредпазливи при избирање што ќе јадете, за да се намали ризикот за појава на кавитации ,оштетување на брикетите и жичениот лак. Треба да избегнувате тврда храна, леплива храна, храна која има многу шеќери и газираните пијалаци да се намалат што е можно повеќе. Никогаш немојте да јадете храна која содржи шеќери пред да спиете и после тоа да не четкате.
ЧЕТКАЊЕТО ПРЕД СПИЕЊЕ Е ИМПЕРАТИВ!
Проблеми кои се појавуваат при недоволно внимание
Добрата орална хигиена е многу важен дел при ортодонтскиот третман. Без добра орална хигиена храната се заглавува околу брикетите и се акумулира дентален плак, со што понатаму можна е појава на кавитации на забите. Ако се дозволува да се акумулира плак околу брикетите тие може да остават дамки на забите кога ќе се тргнат брикетите, поточно тоа е декалцификација и овие линии и дамки остануваат на забите засекогаш.
Не остранувањето на плакот доведува исто така и до едем на гингивата, крварење, црвенило (гингивит). Во понатамошен стадиум плакот може да создаде и забен камен. Во последен стадиум веќе под гингивата се создаваат длабоки џебови кои ја разоруваат коската околу забот и забите се луксираат. Затоа, на почеток наведов дека од страна на пациентите треба кооперативност и одговорност за да не настане штета место планираниот прогрес во терапијата.
Професионална грижа
Не мора да значи дека ако одите редовно на контрола кај вашиот ортодонт, треба да го запоставите вашиот општ стоматолог . Треба редовно да правите контрола и професионално да ги чистите забите барем еднаш во 6 месеци или зависно од потребата.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-