Дефиниција
Перикардиоцентеза е процедура при која се поставува игла во перикардниот простор за да се отстрани течноста од него. Во оваа статија ќе се зборува за ургентната перикардиоцентеза, која претставува животоспасувачка мерка во третманот на срцевата тампонада.
Индикации
-Тампонада на срцето со хемодинамско засегање
Срцевата тампонада е ургентна состојба при која доаѓа до брзо насобирање на течност под притисок во перикардот. Течноста врши компресија на срцевите шуплини, а перикардот има ограничена можност за комплијанса. Штом тоа негово растегнување премине одредена граница, компримирањето на полнењето на срцевите шуплини доведува до хемодинамски колапс. Тампонадата најчесто е предизвикана од излив на крв по повреда на срцевиот мускул.
Тука погледнете видео анимација за срцева тампонада.
-Беспулсна електрична активност
БЕА (постар термин е електромеханичка дисоцијација) претставува отсуство на контракција на миокардот иако на ЕКГ-мониторот се забележува електрична активност. Поради губење на кардијалниот output доаѓа до прекин на крвоснабдувањето на мозокот што се манифестира со губење на свеста и прекин на спонтаното дишење. БЕА во овој случај е предизвикана од срцевата тампонада.
Контраиндикации
Апсолутна контраиндикација за перикардиоцентеза е немање на доказ за ефузија по направената ехокардиографија. Како релативна контраиндикација може да биде некое растројство во коагулацијата на крвта.
Клинички знаци
Клиничка слика на пациент со потреба за итна перикардиоцентеза:
-Глад за воздух, сомнолентност, конфузија;
-Тенок пулс + pulsus paradoxus. Нормалното инспираторно намалување на систолниот крвен притисок при инспириум се продлабочува. Формалната дефиниција на pulsus paradoxus гласи: Инспираторен пад на систолниот крвен притисок поголем од 10 mmHg.;
-Дистензија на југуларни вени + намалување на систолниот крвен притисок;
-Тахикардија;
-EКГ наод за electrical alternans кај симптоматски пациент. Electrical alternans е ЕКГ феномен кој се карактеризира со различни варијации на правецот, амплитудата и траењето на ЕКГ компонентите (P, PR, QRS, R-R, ST, T, U).
ЕКГ наод за electrical alternans – разлика во амплитудите на QRS-комплексите:
Дијагностички процедури
Кај хемодинамски нестабилен пациент кој има јасна клиничка слика на срцева тампонада не треба да се губи време на дијагностички испитувања. Сепак, доколку е можно, треба да се направи:
-итна ехокардиографија;
-RTG Pulmo et cor за исклучување на пнеумоторакс.
Опрема за перикардиоцентеза
-18 gauge спинална игла;
-30-60 ml шприц;
-Флексибилна guide-жица;
-Дилататор;
-Pigtail катетер;
-EКГ Монитор.
Пристапи
-Субксифоиден – Иглата се инсертира помеѓу processus xiphoideus и левиот ребрен лак во aгол од 35-40 степени на кожата. Таа се насочува кон: десното рамо, fossa jugularis sternalis или левото рамо.
-Парастернален – Иглата се инсертира нормално на кожата во 5-тиот лев интеркостален простор, до работ на стернумот.
Пожелно е, доколку сме во можност, иглата да ја инсертираме со помош на ехосонографско водење. Притоа сондата се поставува во супкостална позиција за визуелизација на максималната ефузија и лоцирање на виталните структури. Иглата се инсертира со парастернален пристап на местото каде се визуелизира најголемата количина на течност.
Техника на изведување
Пред изведувањето на перикардиоцентезата треба да се направи соодветна припрема на пациентот:
-O2 и ЕКГ мониторирање;
-Пациентот се исправа во седната положба под агол од 15-30 степени;
-Обезбедување на стерилно работно поле;
-Локална анестезија.
По соодветната припрема, се започнува со перикардиоцентезата. Процедурата ја изведуваме во неколку чекори:
1. Ја приврзуваме спиналната игла од 18 gauge на 10-30 mL шприц;
2. Ја инсертираме и придвижуваме иглата користејќи го субксифоидниот или парастерналниот пристап;
3. Ако се појават ЕКГ промени на мониторот, запираме и ја враќаме иглата наназад;
4. Нежно аспирираме;
5. Перикардот се достига на 6-8 cm под кожата кај возрасните;
6. Во моментот кога ќе се аспирира течност, престануваме да ја движиме иглата;
7. Ја инсертираме флексибилната guide-жица;
8. Ја ваѓаме иглата;
9. Го поставуваме ткивниот дилататор;
10. Го ваѓаме дилататорот и го поставуваме pigtail катетерот над guide-жицата;
11. Го внесуваме катетерот во перикардниот простор;
12. Ја ваѓаме guide-жицата и го поврзуваме катетерот со систем за дренажа;
13. Правиме ехокардиографија за проценка.
Конфирмација за успешност на процедурата претставува аспирирање на течност од перикардијален извор: не-хеморагична течност или крв која не коагулира (дефибринирана). При аспирација на крв секогаш треба да се елиминира можноста за пункција на миокардот. Коагулирањето на крвта не ја потврдува интракардијалната аспирација. Сепак, во моментот на пункција на миокардот, веднаш настануваат ЕКГ промени на мониторот. Затоа при перикардиоцентезата, секогаш треба да се внимава на ЕКГ-мониторот.
Во следното видео се прикажани срцева тампонада и перикардиоцентеза, со осврт на улогата на ехокардиографијата во дијагнозата и третманот:
Компликации на перикардиоцентезата
При неправилно изведување на перикардиоцентезата можат да настанат компликации:
-Не се аспирира течност;
-Пнеумоторакс;
-Повреда на миокардијален/коронарен крвен сад;
-Хемоперикард;
-Воздушна емболија;
-Дисритмии;
-Cardiac arrest или смрт;
-Повреда на хепар;
-Инфекција.
Приметете ја промената на ритамот на ЕКГ при засегање на миокардот. При изведувањето на процедурата треба внимателно да се следат ЕКГ промените на мониторот.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-