Сменете ги старите “црни” пломби на вашите заби

0

Како пациенти многу пати сте се запрашале зошто вашиот стоматолог ви понудил и ставил “црна” амалгамска пломба, наместо бела? Или тврдењето од страна на стоматологот дека “црната” пломба е многу поквалитетна, поцврста и подолготрајна од “белата”?

Со развојот на модерната стоматологија, вметнувањето на нови модерни материјали и примената на голем број нови техники за превенција на расипаните заби, во потполност е отфрлена “црната” амалгамска пломба од употреба, и сега е само дел од стоматолошката историја.

Секако, стоматологот треба да ве информира за достапноста на големиот број естетски, бели композитни пломби. Доколку ви е поставена црна амалгамска пломба, без претходно информирање од страна на вашиот стоматолог за примената на сите овие бели композитни пломби, тогаш со сигурност стоматологот не ја почитува неговата законска и етичка обврска кон вас како пациент.

Давањето на можноста на пациентите да бираат помеѓу црната и белата пломба, секако во скоро 100% од случаевите се одлучуваат за белите композитни пломби. Постојат неколку причини за тоа:

-според многумина, живата како хемиски елемент, која е составен дел на црните, амалгамски пломби е токсична (традиционално, стоматолозите сакаат да ги нарекуваат “сребрени пломби”, но количината на жива е многу поголема од процентуалната застапеност на среброто);

-субјективното чувство на напредната стоматолошка технологија која се јавува кај пациентите, ја прави белата композитна пломба многу поприфатлива за пациентите;

-најважниот дел сепак е естетскиот момент, кој секако го задоволува белата пломба;

-долготрајноста и издржливоста на белите композитни пломби, исто така ги прави поприфатли од страна на пациентите;

-oткако се применува начинот на бондирање (интимно прилепување и лепење) за површината на кавитетот кој е создаден со отстранувањето на деструираните делови од забот, се повеќе се запазува естетскиот момент и добивање на оригинална форма на забот, исто како и пред да биде подложена на стоматолошки третман.

-забите на кои се изработени бели композитни пломби се многу помалку чувствителни на ладно и топло за разлика од забите со амалгамски пломби;

-композитните пломби бараат помало оштетување на забот кој треба да ја носи пломбата, кое секако кај старите амалгамски пломби мораше да биде поголемо со оглед на тоа што се бараше поголема површина за подобро прикрепување на пломбата.

Но секако, треба да се наведат и предностите кои ги поседуваат,”црните” амалгамски пломби, бидејќи и тие имаат долгогодишен удел во стоматолошката пракса и развој:

-генерално тие се поевтини. Она што ги прави белите пломби поскапи за разлика од амалгамските е долготрајната постапка која секој стоматолог треба да ја запази за поставување на една композитна пломба, која одзема 60% подолго време за разлика од кај амалгамските пломби

-секој стоматолог без дополнителна обука може да поставува амалгамски пломби. Композитните пломби бараат дополнителна експертска обука за нивно правилно поставување

-за правилно поставување на бела естетска пломба треба да се запазува тотално суво работно поле, што не е случај и кај амалгамските пломби

-амалгамската пломба сама по себе е потврда, со оглед на тоа што претставува мешавина од многу метали. Но со тоа ја намалува цврстината на преостанатиот дел од забот и го прави повеќе подложен на кршење.

Но една од главните негативности кои ги прави амалгамските пломби се повеќе да се избегнуваат од секојдневната употреба е пребојувањето кое се јавува на преостанатиот дел од забот како резултат на испуштањето на металните јони од содржината на пломбата, после одреден период.

Но секако и белите композитни пломби имаат недостатоци кои се јавуваат доколку пациентите прекумерно конзумираат кафе, цигари и разни други производи кои лесно ги пребојуваат пломбите.

Секако крајниот збор за се она што останува да се користи како иден материјал во стоматолошката пракса се добива со задоволување на големиот број барања од страна на пациентите, а тоа е дека новите бели композитни пломби се повеќе ги прави пациентите да бидат задоволни и прифатени од средината во која живеат и работат.