Употребата на различни лекови има влијание врз бојата на забите. Забите може да ја променат својата природна боја без разлика дали лековите се консумираат “внатрешно” (таблети или сируп) или “надворешно” (креми).
Надворешните (“extrinsic”) дисколорации на забите се оние површните, кои може да се остранат со полирање на забите. Добро познати лекови и супстанции кои се најчести причинители на ваквите пребојувања на забите се следнивe:
- Хлорхексидин (за мачкање на устата, се употребува за лекување на промените на оралната слузница)
- Соли на железо за орална употреба во течна форма
- Есенцијални масла
- Амоксицилин со клавулонска киселина, антибиотик
Внатрешните (“Intrinsic”) причинители за пребојувања на забите ги пребојуваат забите во нивната структура. Последица на ова е интерференцијата на лекови во процесот на дентиногенезата т.е. лекот делува во процесот на создавање на забот и ваквата боја е постојана. Лекови кои го даваат овој ефект се следниве:
- Флуориди – И покрај тоа што одамна е познато нивното позитивно делување врз здравјето на забите, малку се знае дека флуорот, во поголеми дози, и тоа како може да го пребои забот и да доведе до тн дентална флуороза.
- Тетрациклини – Во раните 60-ти тетрациклините се појавиле како нови, моќни антибиотици, а подоцна, во 1966г. се утврдил нивниот негативен ефект врз забите – трајна пребоеност на забите (“тетрациклински заби”). Тие се вградуваат во забите во текот на калцификацијата како фаза на развој на забот. Доколку трудниците ги земаат овие лекови во вториот и третиот триместар од бременоста може да доведат до тоа бебето да има промена на бојата на забите. Забите може да станат бледо жолти во текот на растот на детето, а дамките да бидат кафени или сивкасти. Бидејќи главниот дел од минерализацијата на трајните заби завршува до осмата година од животот на детето (освен умниците), тетрациклините пожелно е да се одбегнуваат да се употребуваат барем до оваа возраст.
- Миноциклин – Сеуште не е утврден механизмот на делување кај дисколорацијата предизвикана од овој лек. Бојата на забите може да се промени и покасно, после извесно време од употребата на овој лек. Ваквите заби наликуваат на тетрациклински пребоени, но се со зеленкасто-сиви и плавичасто-сиви нијанси.
- Ципрофлоксацин – Овој лек дава зеленкаста пребоеност на забите. Ова може да се случи кај децата кај кои интравенски се ординира овој лек.
Кај ваквите Intrinsic дисколорации повеќе е изменета бојата на дентинот, отколку бојата на глеѓта. Ваквите заби, после процесот на избелување не даваат никакви резултати. Нивната пребоеност е постојана.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување