Здравите усни имаат светло розева боја. Бојата на горната и долната усна обично е иста. Горната усна може да биде малку посветла. Овој феномен се должи на големата изложеност на долната усна на надворешните фактори. Поради тенкиот епител и многу добрата прокрвавеност, лесно може да настанат промени во нивната боја. На усните може да настанат следниве промени во бојата:
- Жолта боја – ја имаат усните при жолтица. Оваа промена е највпечатлива на белките од очите, а се менува и бојата на слузокожата на усната шуплина. Кај трудница исто така може да се јават жолти дамки со неправилна форма и големина, која може да достигне и до 2 cm. Настануваат кај околу 70% од трудниците. Некои киселини (на пр. пикринска) и лекови (како атербинот) исто така може да предизвикаат жолти дамки на усните. Слична пребоеност настанува и кај пушачите.
- Црвенило на усните – Настанува за време на реакција на крвните садови при воспаление. Тоа се случува кај некои хеилитиси, после изгореници на усните и слично. Интензивно црвенило на усните настанува кај полиглобулија, т.е. кај изразено ослободување на еритроцити во периферната циркулација. Слични промени на усните настануваат и кај покачен притисок, како и кај пациенти кои имаат цироза на црниот дроб. Пламено црвена боја може да се јави и при покачена телесна температура и при недостаток на витамини од групата Б. Слична пребоеност настанува и после долготрајна терапија со кортикостероиди.
- Жолто-кафеава боја – се јавува при многу тешки состојби, како што се туберкулоза, карциноми и други тешки заболувања. Ваква боја настанува и кај жени за време на климаксот. Исто така, настанува и при изложување на сонце каде што УВ зраците стимулираат создавање пигменти. Ваквата пребоеност е симетрична и се јавува на двете усни. Понекогаш се случува долната усна поради поголемата изложеност да добие потемен тон.
- Заматени усни – настануваат при изразена хиперкератоза (зголемено создавање на епител) која настанува поради механичка иритација. Тоа не е права пребоеност на усните бидејќи доаѓа само до заматување. Вакви усни настануваат и под дејство на неповолни климатски услови (зголемена температура, ветрови, изразито сув воздух, сонце и сл.). Заматеност може да предизвикаат и многу јаки зачини, пушење и слично. Се јавува и при недостаток на Витамин А.
- Бледи усни – се последица на заболувања при кои настанува смалување на вкупниот број на црвени крвни зрнца. Тие се јавуваат при крварења после големи повреди, а интензитетот на нивното бледило зависи од степенот на крварењето.
- Плаво пребоени усни – настануваат кај работници кои доаѓаат во контакт со сулфур – диоксид при производство на сулфурна киселина.
- Цијанотични усни (темно виолетови) – се знак за хипоксија. Тие се јавуваат при срцева декомпензација и претставуваат многу важен дијагностички знак.
- Црни дамки (темна обоеност, темни дамки) – претежно настануваат кај работници кои работат во рудници со јаглен. Исто така може да се јават и кај луѓе кои преработуваат железо. Дамките настануваат поради интензивната продукција на меланин кој настанува поради недостатокот на витамините Б и Ц. Ваква промена најчесто настанува и кај жените помеѓу 30 – 50 годишна возраст.
- Кафеаво-црвена пребоеност – претежно настанува во вид на дамки (ретко меѓу нив се гледа здрава усна) после обилно внатрешно крварење. Оваа боја настанува од продуктите кои настануваат после распаѓање на еритроцитите.
- Бели дамки – на усните настануваат за време на леукоплакија како последица на интензивното создавање на епител на површината. Вакви дамки се јавуваат кај пушачи на местото на усната каде што пушачот ја држи цигарата. Кај Lichen planus дамките се во вид на мрежа. Белите дамки на усните можат да бидат предизвикани од салицилати (Аспирин и сл.), како и од концентриран раствор од водороден пероксид. Овие дамки настануваат и после повреди на усните, изгореници или хемиски оштетувања. Ваквите дамки претставуваат лузни кои можат да предизвикаат и деформација на усните.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-