Реплантација на заб

При трауматски повреди во пределот на лицето и усната шуплина, може да дојде до целосно избивање на заб од неговото лежиште во коската. Ваквата повреда ја нарекуваме авулзија на забот. Авулзијата е најчеста во детската возраст, и тоа од 2–4 година кај децата со млечни заби, а помеѓу 6–10 година кај децата со трајни заби. Децата кои се хиперактивни се поподложни на настанување на вакви повреди. Некогаш се обидуваат да направат нешто без разлика на сопствената физичка способност.

Забот кој се избил надвор од своето лежиште може повторно да се врати назад на неговото место. Ова се нарекува реплантација. Успехот на реплантацијата зависи од тоа во каква состојба се наоѓа забот и колку време поминал надвор од коската.

Реплантацијата претежно не се изведува при авулзија на млечен заб, поради краткото време кое ќе го помине тој заб до растот на трајниот наследник. Оваа постапка се одбегнува и од причина што претставува дополнителна траума за детето. Избивањето на забите се смета дека е причинето од неочекувано брза повреда која најчесто вклучува и крварење во пределот на лицето и устата. Родителите премногу ги преокупира ваквиот изглед на детето со што не ги прегледуваат повредите во устата пред да дојдат во стоматолошката ординација. Често се случува авулзираниот заб да остане на местото на незгодата, па по него мораат дополнително да се враќаат. Тоа само го продолжува времето кое забот го поминува надвор од устата и го намалува успехот на реплантацијата. Уште полошо е доколку авулзираниот заб се фрли, мислејќи дека повеќе нема да биде од корист. Оптимално време за успех на реплантацијата е 30 минути, а забите кои поминале повеќе од 2 часа надвор од коската, дополнително ќе покажат голема склоност кон разградување на коренот.

Како да го пренесете избиениот заб до стоматолошката ординација?

Од особена важнот е и тоа на кој начин избиениот заб ќе биде пренесен до стоматолошката ординација. Забот треба да се заштити од исушување. Најдобар начин да се пренесе забот е тој веднаш да биде вратен во своето лежиште во коската. Но, тоа секогаш не е можно. Многумина од родителите во тие моменти на паника и страв од повредата на своето дете, не знаат што да прават. Потребно е најпрво забот да се измие под млаз ладна вода, држејќи го за коронката, да се врати на своето место и веднаш да се оди кај стоматолог. Доколку тоа не е можно, пожелно е детето да го стави забот во устата, под јазикот или странично, кај образот. Доколку природата на повредата не дозволува ваков пренос, се препорачува забот да се стави во: чаша со млеко, малку засолена вода или да се стави во марамче натопено со физиолошки раствор или вода и да се донесе во ординацијата. Во никој случај забот не смее да се чува на суво.

Реплантација во стоматолошката ординација

Во стоматолошката ординација потребно е донесениот заб да се припрема за реплантација. Забот најпрво треба да се испере со физиолошки раствор доколку е загаден и потоа најбрзо што е можно да се изврши трансплантацијата. Треба да се избегне било каква манипулација со коренот. Забот полека се става во неговото лежиште во коската, додека не се изедначи со рамнината на соседните заби. Вратениот заб потребно е да се фиксира со што би биле сигурни дека повторно ќе биде зацврстен во коската. Фиксацијата се извршува со различни видови жичани сплинтови или сплинтови изработени од матерјали за полнење. Имобилизацијата на забот трае од 7 – 10 дена. За време на овој период на пациентот му се препорачува да зема кашеста храна која исклучува да го користи реплантираниот заб.

 

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!