Дали редовната контрола со Пап – тестот е навистина доволна превентивна мерка против ракот на вратот на матката?
Не. Спроведувањето на Пап-тестот еднаш годишно не е потполно сигурна метода за скрининг на ракот на вратот на матката. Бројни студии во развиените земји покажале дека и покрај редовните Пап контроли, напредниот стадиум на карцином на цервиксот бил присутен и кај жените кои на редовните контроли имале уредни Пап тестови. Резултатот на самиот Пап тест може да биде грешен во 20-40% од случаите, па новите светски препораки се покрај досегашниот Пап- тест да се вклучи и ХПВ ДНА тест т.е. типизацијата. Пап тестот половина век бил единствен тест за скрининг на карциномот на цервиксот па и ден денес се користи диференцијално дијагностички кога постои сомнеж за ХПВ инфекција. Со него можат да се воочат и други воспалителни, механички, хемиски и хормонски промени. Важно е секогаш да се нагласи дека секој абнормален наод на Пап тестот не значи она најлошото – рак.
Колку се веродостојни наодите од Пап тестот?
Во текот на земањето и интерпретирњето на резултатот од Пап тестот можни се лабораториски и човечки грешки. Дури и во најдобрите лаборатории точност на наодот се проценува до 80%. Точноста на Пап тестот, надополнет со ХПВ тестот, колпоскопијата и хистолошка анализа е скоро 100%. Важно е да се направи во првата половина на менструалниот циклус и 48 саати пред тестот да не се користат вагиналети, креми и да се избегнува вагинален однос за примерокот од клетки да биде задоволителен. Абнормален наод со различен степен на дисплазија упатува на можна ХПВ инфекција и зголемен ризик за појава на рак ако таквата инфекција со години перзистира, што не значи дека со сигурност се работи за карцином. Повеќето такви инфекции, посебно предизвикани од нискоризичните типови на ХПВ, спонтано се повлекуваат.
Може ли со Пап тестот да се дијагностицира карцином?
Сомневањето на карцином може да се постави со Пап-от, ама дијагнозата се потврдува со биопсија и хистолошка анализа. Со Пап-тестот можат да се откријата промени кои наликуваат на крцином, а со биопсија ќе се постави точна дијагноза од примерок на ткиво земено во длабочина а не само површински слој на клетки.
Колку видови на карциноми на вратот на матката има и дали го предизвикуваат само ХПВ вирусите?
Повеќето се карциноми на плочестиот епител (85-90%), додека аденокарциноми (тумори од жлездениот епител) се 10-15%. Денес во најновата литература се спомнуваат тумори кои се доста ретки: саркоми, неуроендокрини тумори но и лимфоми.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-