Дијабетското стапало според Светската здравствена организација (СЗО) се дефинира како стапало со нарушен функционален интегритет, со појава на рани и инфекција, како последица на оштетување на периферните нерви и крвните садови. Десет до петнаесет проценти од пациентите со шеќерна болест развиваат улцерации на стапалото во текот на животот, кои доколку несоодветно се третираат се честа причина за ампутација на стапалото.
Фактори кои ги нарушуваат нормалните процеси на зараснување на раните кај пациентите со шеќерна болест:
- Хипоксија односно недостаток на кислород во клетките, како последица на промени на крвните садови и нарушен проток на крв во долните екстремитети.
- Инфекција која дополнително ја нарушува локалната крвна циркулација. Во услови на инфекција се зголемува кислородната потрошувачка од страна на белите крвни клетки.
слика: нарушен проток на крв и недостаток на кислород во клетките (шематски приказ)ж
Значаен тераписки модалитет во третманот на дијабетското стапало е хипербаричната кислородна терапија (ХБО), процес при кој се вдишува 100% медицински кислород на притисок поголем од атмосферскиот. Кислородот применет како лек, во услови на зголемен притисок, го надополнува недостатокот на кислород во клетките (хипоксија) и овозможува побрзо и ефикасно зараснување на раните.
Со примена на хипербарична кислородна терапија преку следниве механизми се постигнува зараснување на раните:
- Зголемување на концентрацијата на кислород во ткивата
слика: зголемување на дифузионата дистанца на кислород во ткивата (шематски приказ)
- Подобрување на протокот на крв низ микроциркулацијата како резултат на зголемена еластичност на мембраната на црвените крвни клетки
- Забрзана регенерација на кожното и поткожното ткиво (стимулација на фибробластни клетки)
- Создавање на нови крвни садови (неоангиогенеза), со што се овозможува формирање на нови капиларни мрежи и се зголемува снабденоста на клетките со кислород
слика: стимулација на нови крвни садови (шематски приказ)
- Се зголемува фагоцитната способност на белите крвни клетки и на тој начин ХБО делува како неспецифичен антибиотик.
- Директно бактерицидно дејство на анаеробните микроорганизми (микроорганзими кои живеат без кислород).