Алергијата на домашна прашина всушност претставува алергија предизвикана од страна на алергени кои потекнуваат од фекалните материи што ги ослободуваат микрокрлежите од видот Dermatophagoides. Тие се постојани жители на домашната прашина.
Најважни алергени кај алергија на микрокрлежи од домашна прашина:
- Dermatophagoides pteronyssinus: Der p1 и Der p2;
- Dermatophagoides farinae: Der f1 и Der f2.
Најголемиот дел од алергичните пациенти (80-100%) се сензибилизирани на Der p1 и Der p2 и/или на Der f1 и Der f2 соодветно.
Животна средина на дерматофагоидите
Микрокрлежите од домашната прашина живеат секаде каде што живеат луѓето, со идеални услови за живот во душеците, перниците, килимите, прекривките и сл. Тие се хранат со отпаднати изумрени кожни клетки и опстојуваат дури и при највнимателно одржување на лична хигиена. Животниот век на микрокрлежите е 2 до 3 месеци, време во кое секој поединечно ослободува околу 2000 фекални честички.
Во 1 грам домашна прашина има до 500 микроклежи, кои можат да нападнат секаков вид на текстил се додека наоѓаат храна и средина погодна за живот (преферираат температури во ниво на 26 C° и влажност на воздухот од 60%).
Поголемите колонии од дерматофагоидите генерално се локализирани онаму каде што луѓето најчесто го поминуваат времето – дневната соба или спалната. Ова значи дека тие примарно живеат во креветите т.е. душеците, теписите, тапацираниот мебел, завесите, тапетите па и во облеката и препарираните животни.
Складирани дерматофагоиди се наоѓаат во околината на фарми и амбари со храна (сено, слама, крма и останата складирана храна).
Симптоми
Алергените од фекалните маси на дерматофагоидите се класифицирани како инхалациони алергени и можат да ги предизвикаат следниве симптоми:
- НОС – Нагон за кивање, шмркање, ринитис (едем на назална мембрана, опструкција на носот и потешкотии со дишењето);
- ОЧИ – Чешање, вцрвенување, солзење, оток (конјунктивитис);
- РЕСПИРАТОРЕН СИСТЕМ – Кашлање, мукозна секреција (бронхитис), акутни респираторни потешкотии, ХОББ, астма.
Што да се направи во случај на алергија на домашна прашина?
I. Детекција (докажување) и чистење
- Прв чекор:
Систематско умерено чистење е неопходно за да се обезбеди олеснување на пациентите со алергија во средината во која што живеат. Првиот чекор кој се препорачува е всушост тест за докажување на присуството на дерматофагоидите.
- Втор чекор:
Уништување на дерматофагоидите и отстранување на нивните алергени од сите зафатени површини со употреба на акарациди (пр. Benzyl Benzoate), супстанции кои го прават изворот на храна на дерматофагоидите (изумрени кожни клетки) да биде неупотреблив. Имаат продолжен ефект од неколку месеци заради фактот дека микрокрлежите се хранат и со своите фекални материи па активната супстанца од препаратот рециркулира и повторно делува на новите микрокрлежи. Ваквиот третман се употребува еднаш до двапати годишно.
Во моментот на користење акарацидите придонесуваат за драстичен пад на концентрацијата на алергените материи во воздухот – со тоа организмот е изложен на многу помал квантитет иританти. Следи евидентно подобрување на состојбата со имуниот систем со што значително се потенцира и зголемува ефектот на останатите принципи на третман на алергијата на домашна прашина (како на пр. специфична имунотерапија).
- Следни чекори:
Перете ги афектираните алишта барем еден час на температура од 60 степени, со што ќе ги уништите дерматофагоидите. Оние материјали кои не можат да бидат испрани на температура од 60 степени, треба да се перат со акарициден додаток за ладно перење.
II. Превенција
Се додека алергените од домашната прашина се наоѓаат во креветите, примарна мерка е да се обезбедат специјални затворачи за душеците, волнените прекривки, јоргани, перници и сл. (пр. Allergocover).
Сите останати текстилни објекти што се апсолутно непотребни треба да бидат веднаш отстранети. Ако ова не е можно, тогаш тие треба да бидат регуларно чистени. Генерално, честото проветрување и одржување на ниско ниво на влажност, ќе креира анти-дерматофагоидна домашна микроклима. Ова е особено важно за собите за спиење!
Третман на симптомите на алергија на домашна прашина
1. СИМПТОМАТСКА ТЕРАПИЈА
Симптоматскиот третман на алергијата на домашна прашина вклучува брза употреба на акутна терапија во форма на капки, таблети, инјекции и сл. Сето тоа зависи од локализацијата, формата и изразеноста на симптомите.
Оваа терапија ослободува, олеснува или ги задушува алергиски поврзаните симптоми, но само додека трае лекувањето т.е за време на примањето на горенаведената терапија.
Симптоматската терапија примарно се состои од употреба на антихистаминици, кортикостероиди и антилеукотриени.
2. ХИПОАЛЕРГЕНСКА СПЕЦИФИЧНА ИМУНОТЕРАПИЈА (ВАКЦИНАЦИЈА)
Дерматофагоидните алергени можете да ги сретнете не само во Вашиот дом, туку и во сите останати видови на објекти како на пример училишта, хотели, болници, ресторани, како и во домовите на вашите пријатели. Како резултат на тоа, за успешност на третманот се бара додатна терапија за третирање на алергијата на домашна прашина, како на пример, специфична имунотерапија.
Принципот на специфична имунотерапија претставува систем на редовно примање на модифицирани алергени кои предизвикуваат алергии, со цел имуниот систем на организмот да развие резистентност кон нив: при тоа доаѓа до елиминирање на симптомите.
Ова претставува тип на третман со кој се предизвикува промена на имуниот систем (имуноалтерација), делувајќи на причинителот на болеста и овозможува намалување на изразеноста на симптомите.
- Истражувањето спроведено на многубројни T-клеточни линии од пациенти со алергија на микрокрлежи од домашна прашина покажуваат дека Т-клеточните линии кои реагираат со главните алергени Der p1 и Der p2 се стимулирани да пролиферираат од страна на хипоалергенскиот препарат до иста мерка како што се стимулирани од страна на неизменет алергенски екстракт од микрокрлежи од домашната прашина.
- Воспоставената in vitro реактивност од хипоалергенскиот препарат со T-помагачки клетки од пациенти со алергии на микрокрлежите од домашната прашина е претходно потребна за модулација на имуниот одговор кај пациентите со алергија.
- По реекспозиција со алергените кои природно се појавуваат, активацијата на вообичаено атопичниот TH2-клеточен одговор ќе биде инхибирана. Дополнително, B-клеточните одговори ќе бидат пренасочени кон фаворизирање на IgG, IgG4 и IgA антитела.
Технички, терапијата се состои од континуирано примање на вакцини во период од 3-5 години, со модалитети, се стартува со почетна доза која се зголемува на неделна база, се до остварување на пик на дозата, за потоа да се продолжи со доза на одржување.
Алергијата на прашина претставува болест која мора да се сфати сериозно и што е можно побрзо да се започне со имунизација со цел целосно елиминирање на заболувањето како би се спречил развојот на компликации од истото, како на пример алергиска астма или ринит.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-