Депресија во трето доба

0

Депресијата претставува ментална болест, која поради симптомите на лошо расположение, губење на интерес и задоволство во секојдевните активности и замореност, претставува пречка за водење на нормален, исполнет и среќен живот.

Комплексното пореметување на психичките функции води и до пореметување на бројни телесни функции, односно едно целосно пропаѓање на личноста, доколку оваа болест остане непрепознаена. За жал чести се случаите каде оваа болест останува недијагностицирана и непрепознаена особено кај лицата во трета доба.

Сликата на сериoзна депресија се намалува со староста. Над 64 годишна возраст, распространетоста на депресијата кај жените е 3-5 %, додека кај мажите е 2-3 %. Појавата пак на блага депресија се зголемува со староста односно 15-22 % кај мажите, а 19-30 % кај жените над 64 години.

Кај лицата во трета доба, самиот физиолошки процес на стареење доведува до намалена работоспособност, намалена концентрација, физичката слабост и истоштеност на организмот, пак доведува до чувство на бескорисност што претставува провоцирачки фактор за  настанок на депресијата.

Загубата на сопатникот или друг член на семејството доведува до силна траума пратена со чувство на празнина која не може да биде лесно исполнета при што нормалната реакција на тага, преминува во депресија. Претходна историја на депресивни растројства и физичка болест се значителни предиспонирачки фактори.

Како изгледа човек кој страда од депресија?

Без насмевка, без емоции. Изгубен е работниот полет, ја нема мотивираноста за утринско будење и реализација на дневните активности, замореност, апатија, постојано е присутно самообвинување, песимизам, суицидални мисли предизвикани од немање на чувство на задоволство од сопствениот живот, емоционална инконтиненција-солзи на очите и при прв обид да се дискутира за проблемот.

Душевната болка некогаш е многу пати поголема од физичката и таа остава траги во погледот на ликот, а раните во срцето, кои понекогаш се многу пати подлабоки од физичките. Често заплашеност се гледа на лицето, а и потреба, односно зависноста од други луѓе, бидеќи се чувствуваат осамено, напуштено.Намален е апетитот, па и присутна е опстипацијата.

Како навремено да го откриеме присуството на депресија?

Разговор, дали сме пробале вистински да разговараме? Но не да си ги кажеме нашите проблеми и болки… туку и да ги чуеме! Од соседот, од бабата, од дедото… па и да сочуствуваме со нив! Или пак нашите проблеми се најголеми, а другите се ситни и незначајни? Секој во себе си носи некоја тага и ако нема со кого да ја сподели, таа тага станува секојдневие, со неа се буди, со неа го поминува денот, со неа заспива…верен пријател!

Станува поголема, се дуе, се храни од нашата душа, додека ние стануваме се поситни и се губиме во некој ќош од сопствената куќа, згрчени во агонијата на сопственото постоење. Обично некој од најблиските најдобро можат да ја доловат сликата на својот најблизок кој секојдневно пати.

Дали социоекономските услови во кои живеат луѓето водат до депресија?
Бедата, лошите услови во кои живее возрасната популација се тригер фактор, постарите неретко се заборавени од средината, од најблиските, од социјалните збиднувања. Немаат обврски, немаат работа, ниту пак се психофизички способни за работа при што тоа делува фрустрирачки и разочарувачки за нив.

ПОСТАВУВАЊЕ НА ДИЈАГНОЗА!

Клиничката депресија претставува симптом кој е предизвикан од нерамнотежа на досега откриени 30 неуротрансмитери кои се смета дека може да имаат имаат улога, меѓу кои норадреналинот, сератонинот и допаминот се најважни. Насоката на антидепресивната терапија се движи баш во тој правец, регулирање на тој дисбаланс. Депресивна симптоматологија може да имаат и други заболувања како деменцијата, алкохолизмот, Паркинсоновата болест, недостаток на Б12 витамин, употреба на некои лекови како метил-допа, бетаблокери, диуретици, стероиди, невролептици итн., хроничната болка, хипотироидизам, хиперпаратироидизам, жалост како нормална реакција на тага.

За добро да го дијагностицираме пациентот, најважна е деталната анамнеза и хетероанамнеза односно, разговор со пациентот и неговите роднини за животниот тек и актуелната проблематика, што го мачи пациентот, поради која тегоба тој се обраќа на лекар. Дали пациентот имал претходна психијатриска болест, текот на нејзиното лекување, дали има други заболувања, тестови за деменција, лабораториски испитувања се со цел да се исклучи соматска болест ( крвна слика, вит Б12, слободен тироксин, ТСХ, хепатограм, електролити и креатинин.)

Третман

Третманот кај овие пациенти, најпрво се состои од објаснување на природата на заболувањето на пациентот, но и на неговото семејство, за да можат да се охрабрат, дека со соодветна медикација може да се третира состојбата. Особено тука има важна улога лекарот, кој треба да е полн со разбирање, поддршка и охрабрување за пациентот.

Психолошките интервенци како когнитивната-бихејвиор психотерапија, интерперсонална терапија,  со мотивирање на пациентите може да вроди плод. Медикаментозната терапија се движи во правец на користење на SSRI ( citalopram, sertaline, paroxetine ), SNRI ( venlafaxin )за третман на депресии отпорни на друга терапија. Трицикличните антидепресиви не се препорачуваат за постари лица.  Користењето на терапијата е долготрајно, првите ефекти се забележуваат по 4-8 месеци, а дозираењето е индивидуално.

Се врши промена на терапијата доколку таа не покажала никакви ефекти. Терапијата се продолжува обично до ½ до 2 години. Ако депресијата се навраќа, тогаш лековите се користат и повеќе години.Доколку причината за тагата била загуба на близок, треба да му се дозволи на пациентот да ја искаже својата тага, нормално да тажи по ужаленоста, односно да го помине периодот на нормална реакција на тага, која трае 40 дена.

Меѓутоа мора да го предупредиме пациентот дека доколку таа тага продолжи и тој не успее да се соочи и да продолжи со нормалниот живот, го прати ризик од отпочнивање на клиничката депресија. Доколку е причината одредена болест, тогаш треба третманот да се насочи кон третирање на основното заболување, но доколку се работи за неизлечлива болест во тој случај треба да се насочи третманот кон ублажување на болката и терапија за поддршка.

Тешката депресија може да доведи и до суицидални мисли при што во тој случај треба што побрзо и што поефикасно да се интервенира, со болничко лекување односно хоспитализирање на пациентот.

Депресијата во трето доба понекогаш доведува до промена на личноста, кај пациентите се потенцираат негативностите во нивниот карактер, се проблематични, емоционално лабилни, да обвинуваат, да се безнадежни, меѓутоа тоа не треба да биде пречка на најблиските и на медицинскиот персонал, за нивниот третман да го спроведат на највисоко можно ниво.

Секојдневната грижа од најблиските, окупационата терапија, дружбата со лица на иста возраст, грижата и третманот на лекарот се од витално значење за лечење и контрола на оваа болест.

„Најздравата реакција на животот е радоста“

Дипак Чопра

Авторски текст, не смее да се превзема

Д-р Моника Самарџиоска е родена на 12.09.1984 год. во Прилеп, Република Македонија, каде го завршува своето основно и средно образование. Во 2009 год. дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. За време на студиите волонтира во студентскиот сојуз и во невладини организации во повеќе наврати, како: волонтер во IFMSA (програма за студентска размена) - 2007 г.; волонтер на Одделот за општа хирургија, Медицински универзитет, Вроцлав – Полска, како дел од програмата за студентска размена - август, 2008 г.; волонтер на 58-мо Генерално собрание на IFMSA - август, 2009г); волонтер во „Националната фондација за трансплантација“. Одлично го познава англискиот јазик, а го изучува и германскиот. Љубител е на планинарење и промовира здрав начин на живот. -Многу ми се допаѓа сајтот затоа што е забавен, поучен и информативен. Доброто здравје треба да се одржува и почитува затоа што здравјето не го цениме доволно се додека не го изгубиме.