Дисменореа

0

Што е дисменореа?

Дисменореата се дефинира како болна менструација, односно болки или дискомфорт (грчеви, непријатни сензации) за време на или кратко време пред периодот на менструално крварење.

Терминот дисменореа (dysmenorrhea) доаѓа од Грчките зборови: dys – тешко, болно, абнормално; meno – месец и rrhea – тек, течење.

Дисменореата е една од најчестите состојби на кои се жалат младите жени. Оптималното справување со оваа состојба зависи од определувањето на пратечката причина на дисменореата.

Видови дисменореа

  • 1. Примарна (спазмодична) дисменореа

Примарната дисменореа се дефинира како менструални болки и тешки стомачни грчеви кои не се асоцираат со макроскопски видлива пелвична патологија т.е. се појавуваат самостојно и не се поврзани со друга болест. Вообичаено, ова се случува во првите неколку години (1-2 години) после менархата (првата менструација) и симптомите се јавуваат кај околу 50% од младите девојки во постпубертетот. Симптомите вклучуваат: болки во грбот, болки во нозете, гадење, повраќање, дијареа, главоболка, вртоглавица.

  • 2. Секундарна (конгестивна) дисменореа

Секундарната дисменореа се дефинира како менструални болки кои се резултат на анатомски и/или макроскопски видлива пелвична патологија како ендометриоза, аденомиоза, пелвична инфламаторна болест, утерусни фиброиди, малпозиција на утерусот, пелвични тумори, интраутерини контрацептивни направи… Оваа состојба се појавува кај жени на возраст од 30-45 години.

Ризик фактори асоцирани со потешки случаи на дисменореа

1. Менарха (прва менструација) на порана возраст;

2. Продолжено траење на менструалното крварење (хиперменореа);

3. Обилно менструално крварење (менорагија);

4. Пушење;

5. Позитивна фамилијарна анамнеза.

* Обезноста и консумирањето алкохол се поврзуваат со дисменореата само во некои студии.

** Физичката активност и траењето на менструалниот циклус (период од едно до друго менструално крварење) не се асоцирани со зголемена менструална болка.

Зошто се јавуваат болните грчеви?

На почетокот на менструалниот циклус, клетките на ендометриумот ослободуваат простагландини кои предизвикуваат контракција на миометриумот (мускулатурата на матката). Ако простагландините се ослободат во прекумерно количество, одговорот на мускулатурата ќе биде силна и болна контракција односно спазам. При овој спазам настанува привремено прекинување на крвоснабдувањето на утерусната мускулатура и недостаток на кислород, што предизвикува грчење на мускулатурата (cramp). Самите грчеви помагаат да се исфрли менструалната секреција.

 

Прекумерното количество на простагландини исто така е “виновно” за контракцијата на мазната мускулатура на цревата, поради што се јавуваат дијареја, гадење и повраќање. Главоболката и вртоглавицата исто така можат да бидат резултат на високи нивоа на простагландини.

Третман на дисменореата

За лекување на примарната дисменореа, повеќето доктори препишуваат антипростагландински лекови или НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови) како аспирин, ибупрофен, кетопрофен, напроксен. Овие лекови ја попречуваат синтезата на простагландини, ги олабавуваат контракциите на матката и го намалуваат менструалното крварење. Со земањето на овие лекови треба да почнете на почетокот на менструалното крварење со цел да се избегне нивната ненамерна употреба во почетокот на бременоста, и истите треба да се земаат 2-3 дена. Оралните контрацептиви претставуваат друга алтернатива. Со спречувањето на овулацијата и намалувањето на простагландинските нивоа, тие можат да ги елиминираат болните грчеви.

Третманот на секундарната дисменореа зависи од подлежечката причина. Ендометриозата е најчеста причина. Во зависност од стадиумот на болеста, возраста на жената и од нејзината желба да има деца, методите за лекување варираат од конзервативен пристап (андрогени, прогестин, орални контрацептиви и агонисти на гонадотропин-рилизинг хормонот) до хируршки процедури.

Ако причината е аденомиоза, неопходна е хистеректомија. Пелвичната инфламаторна болест може да се третира со антибиотици. Утерините фиброиди, фиброидните тумори и пелвичните тумори честопати се третираат хируршки. Ако причината се интраутерините контрацептивни направи, докторот може да препише антипростагландински лекови и да предложи отстранување на направата и промена на контрацептивното средство.

Самостојна нега

За олеснување на болните менструални грчеви и дискомфортот, започнете со топла бања. Водата помага да се релаксира матката и воопшто овозможува отстранување на другите тензии кои придонесуваат за проблемот.

Ставете топол термофор на Вашиот стомак. Топлината овозможува привремено пријатно олеснување на болката.

Вежбајте редовно. Аеробните вежби како пешачење, пливање, трчање, возење велосипед и аеробик, можат да ги редуцираат симптомите. Кај некои жени, вежбањето може да ја попречи синтезата на простагландини или помага да се ослободат ендорфините – “природните мозочни убијци на болката”.

Оваа статија е воведна од рубриката: “За жените, од поинаков агол”

Останати содржини од авторот:

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)