Бемките ги има насекаде по нашето тело, и ниту еден орган не е поштеден. Нема човек кој не стравува дека некоја бемка на неговото тело всушност е потенцијален меланом, кој е еден од најсмртоносните и најинвазивните канцери. Денес ќе ви потенцираме неколку работи на кои треба да внимавате кога се во прашање бемките …
Не секоја бемка е опасна, најголем процент од нив се целосно безопасни, но постои еден мал процент сомнителни бемки кои можат да бидат потенцијални меланоми. Како да ги препознаеме сомнителните промени на бемката?
За она што ќе ви го кажам да биде по сликовито и полесно да го запамниме ќе ги искористам првите шест букви од латинската азбука, кои секогаш треба да ни бидат во главата кога ќе се посомневаме за некоја бемка и веднаш според нив да ја провериме:
- A – асиметрија. Бемката има неправилен облик
- B – border. Бемката има остри или запчести рабови
- C – color. Бемката не е еднакво обоена низ целото нејзино тело има зони на зголемена или намалена пигментација
- D – дијаметар. Бемката е поголема од 6 мм
- E – eлевација. Бемката се зголемува, расте во должина или ширина
- F – Останати промени како крварење, перутење, околно црвенило
Ако бемката која ја имате исполнува некоја од условите по шемата ABCDEF која ја презентирав важно е да не се паничи, бидејќи тоа не значи дека вие со сигурност имате меланом, но уште по важно е да побарате дерматолошки совет, односно преглед. Дерматовенеролозите ќе утврдат дали бемката навистина е ризична и дали има потреба од натамошен хируршки третман или пак не.
Освен ова, мора да ви напоменеме уште неколку работи:
- Ако се појавува нова бемка која дотогаш не постоела, задолжително побарајте преглед од дерматолог
- Ако се зголемува или менува бемка што постоела порано, исто така задолжително побарајте преглед од дерматолог
- Бемките кои ги имате на телото треба да ги проверувате по шемата ABCDEF најмалку еднаш месечно
- Бемката има еднаков степен за малигнитет било каде на кожата, но постојат критични делови кои треба да се проверуваат поради подложноста на механички трауми и сончеви зраи, како што е делот на лицето, косата, интимната регија и други делови кои се бричат, депилираат или се подложни на некои други физички влијанија.
Секоја бемка која исполнува некој од условите на ABCDEF шемата или се сомневате дека е можно да е проблематична побарајте совет од вашиот лекар, тој ќе ве упати на дерматолог, тој ќе одлучи дали е потребно понатамошно лекување.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-