Нарушувањето на сонот и стресот
Експертите веруваат дека околу 50% од сите нарушувања на сонот се резултат на стрес. Проблемите на работа комбинирани со фамилијарните проблеми се на врвот на листата на работите што ги држат луѓето будни навечер. Како резултат на тоа, потребното задоволство е стиснато во оние критични часови кои до неодамна беа комплетно резервирани за сон.
Но, доволниот сон е круцијален за соодветно функционирање на мозокот – не помалку важен од потребниот кислород, вода и храна.
Стресот може да го модифицира циклусот сон-будност. Метаболните и ендокрините промени кои настануваат како резултат на недоволен сон ги имитираат многу од карактеристиките на самиот процес на стареење. Хроничниот недостаток на сон не само што го забрзува отпочнувањето туку и ја зголемува сериозноста на придружните болести на процесот на стареење, како дијабетес, хипертензија, обезитас и губењето на меморијата.
Несомнено е дека на мозокот му е потребно време за да ги избрише или да ги разграничи настаните од текот на денот, исто како што на компјутерот му е потребно да го исчисти хард дискот за да ослободи простор за наредните активности. Честопати, ноќта е единственото време кога некои си ја дозволуваат оваа активност. Така наместо да спие, мозокот кој што е под стрес е постојано активен бидејќи постојано ги прелистува настаните од текот на денот.
Очигледно е дека решението би било да најдете време за некој од методите за намалување на стресот за да добиете поквалитетен и поздрав сон.
За да се ослободиме од стресот, најважно е да се запомне дека на нашиот организам му е потребно време за да ги надмине ефектите од стресот. Иако не е можно да се контролира секој фактор кој придонесува за стресот, сепак може да го добиеме потребниот сон и да се чувствуваме помалку болежливи и попродуктивни наредниот ден. Суштинско е да се има постојан режим бидејќи само на тој начин ќе се креира едно позитивно очекување за ослободување од стресот.
Нарушувањето на сонот и дебелеењето
Недостатокот на сон го зголемува нивото на „хормонот за глад“ чии ефекти водат кон прејадување и дебелеење. Тоа може да има удел и во зголемувањето на телесната тежина кај студентите кои учат долги часови во ноќта, работниците кои работат во смени, или пак новопечените родители.
Денес многу се зборува за епидемијата на дебелина – големи порции, храна богата со калории, многу малку физичка активност…
Но, зошто толку пати посегнуваме по оваа калорична храна?
Можеби затоа што сме недонаспани и не можеме да го совладаме апетитот. Се проценува дека 60% од луѓето не ги добиваат препорачаните 8 часа сон во текот на ноќта. Всушност, просечниот возрасен спие 6.9 часа за време на работните денови и 7.5 часа за време на викендите, или во просек 7 часа дневно. Постојат 80-ина видови на нарушувања на сонот, меѓу кои често пати останува недијагностицирана sleep apnea-та која се поврзува со дебелината.
Недостатокот на сонот активира мал дел од хипоталамусот, регија која исто така е вклучена во регулацијата на апетитот. Критичниот хормон кој е вклучен во регулирањето на внесот на храна е познат како лептин. За време на сонот, нивото на лептинот нормално се покачува. Нивото на лептинот е строго зависно од должината на сонот.
За време на недоволниот сон, ниското ниво на лептин му алармира на мозокот дека постои недостаток на храна и се зголемува апетитот. Истражувачи од University of Chicago School of Medicine го испитале ефектот на недоволниот сон врз овој хормон и откриле дека луѓето со најголем недостаток на сон имале најголеми флуктуации во нивоата на лептинот; истите биле најгладни и „трчале” по храна богата со јаглехидрати – торти, сладолед, тестенини и леб. Тие кои имале најмали флуктуации во нивоата на лептинот изјавиле дека не се чувствуваат гладни.
Понекогаш најдобриот начин да се третира обезноста е да се третира подлежечкото нарушување на сонот од типот на опструктивна ноќна апнеа (sleep apnea), чиј главен симптом е ‘рчењето и дневниот замор и поспаност. На пример, успешниот третман на ноќната апнеа (вообичаено со континуиран назален позитивен воздушен притисок) може да ја намали поспаноста и да го мотивира човекот да ја намали телесната тежина, што би имало позитивен повратен ефект врз обезноста и sleep apneа-та.
Апнеа и мозочен удар
Бројни студии покажаа дека умерените до сериозни проблеми со дишењето за време на спиењето, познати како опструктивна ноќна апнеа, значително го зголемуваат ризикот за добивање на мозочен удар. Се претпоставува дека околу 10% од популацијата имаат недијагностицирана ноќна апнеа. Околу 75% од пациентите кои доживеале мозочен удар имаат ноќна апнеа и имаат значително полош функционален исход од пациентите без апнеа.
Една причина зошто опструктивната ноќна апнеа може да го зголеми ризикот за мозочен удар е тоа што таа доведува до хипертензија (покачен крвен притисок), која што, пак, е најчестиот ризик фактор за мозочен удар. Друга можна причина е тоа што за време на ноќната апнеа лицето престанува да дише, па недостатокот на кислород го поттикнува одговорот на организмот на стрес, односно се зголемува лачењето на адреналин. Тогаш, крвниот притисок се покачува, а крвта се наоѓа во хиперкоагулабилна фаза (повеќе склона кон создавање на тромби – згрутчувања). Тромбите може да доведат до мозочен удар.
Неодамнешно клиничко испитување на 1475 пациенти откри дека тие кои имале умерена до тешка ноќна апнеа на почетокот од испитувањата, биле 3-4 пати поподложни кон добивање на мозочен удар во наредните 4 години, споредени со контролна група на пациенти без ноќна апнеа. Пациентите во ова клиничко испитување биле класифицирани во групата на умерена до тешка опструктивна ноќна апнеа доколку нивното дишење престанува или се забавува најмалку 20 пати на еден час сон.
Ова испитување покажува уште една причина зошто е важно да се третира ноќната апнеа, особено поради фактот што проценувањето и третирањето на истата не е составен дел од стандардната тераписка процедура кај пациентите со мозочен удар. Многу од пациентите со претрпен мозочен удар имаат ‘рчење и чувствуваат поспаност и замор преку денот како симптоми на ноќната апнеа. И покрај тоа што овие проблеми се познати, и до денес свесноста за ноќната апнеа како фактор кој може да придонесе за функционалната онеспособеност кај пациентите кои претрпеле мозочен удар е се уште многу ниска помеѓу здравствените работници. Поради тоа, пациентот мора да земе многу проактивна улога.
Според ова, успешниот третман на ноќната апнеа може да игра сигнификантна улога во превенирањето на мозочниот удар. Поради тоа што ‘рчењето за време на ноќта и прекумерната поспаност во текот на денот се главните симптоми, важно е да се утврди дека се работи за точната дијагноза.
Апнеа и срцева болест
Ноќната апнеа може да биде подлежечка причина за срцево заболување. Луѓето со апнеа страдаат од повторувачки фрагментиран сон што ги спречува да добијат нормален, освежувачки сон. Неодамнешните истражувања предложија дека и самото ‘рчење може да го наруши квалитетот на сонот и може позитивно да одговори на истите третмани како за апнеата.
Како што споменавме и во претходниот сегмент, ноќната апнеа се поврзува со хипертензијата. Покачениот крвен притисок е главниот ризик фактор за развој на срцевата болест. Истражувањата покажуваат дека пациените со нормален крвен притисок, а кои имаат апнеа, имаат зголемен ризик за развој на хипертензија во наредните 4 години.
Пациентите со апнеа имаат зголемено ниво на активност на симпатичкиот нервен систем (симпатикус) за време на сон и будност отколку пациентите без апнеа. Неволевите функции како срцевата фреквенција и вазоконстрикцијата се контролирани од симпатичкиот нервен систем. Кај луѓето без апнеа, вообичаено за време на сонот нивото на симпатичка активност е намалена и крвниот притисок се намалува. Меѓутоа, за време на апнеичните настани, повисокото ниво на симпатикус ги стеснува крвните садови (вазоконстрикција), додека пак срцевата фркевенција расте, зголемувајќи го минутниот волумен на срцето и протокот на крв низ крвните садови. За време на апнеи, забележани се и вредности за крвниот притисок од 250/150 mmHg.
Пациентите со опструктивна ноќна апнеа имаат побрза срцева фреквенција во споредба со останатите пациенти, дури и во будна состојба, но исто така имаат и помалку варијации во срцевите фреквенции за време на деноноќието. Оваа комбинација на помала варијабилност во срцевата фреквенција со зголемена варијабилност во крвниот притисок е индикатор за потенцијални кардиоваскуларни проблеми.
Состојба позната како централна апнеа може да доведе до покачен крвен притисок, наплив на адреналин и неправилна срцева работа. При централната апнеа нема ‘рчење и истата не е предизвикана од опструкција, туку се работи за проблем на ниво на кардиореспираторниот центар во мозокот.
Уште еднаш, еден метод на превенција од кардиоваскуларна болест е третирањето на евентуално присутната ноќна апнеа, вообичаено со континуиран назален позитивен воздушен притисок.
Неколку совети за подобар сон:
1. Распоредете го времето за да се надмине стресот и да се најде време да се елиминираат проблемите, за истите да не ви излезат пред очи додека се обидувате да заспиете. Обидете се да се справите со обврските и грижите неколку часа пред спиење.
2. Медитирајте пред да одите на спиење.
3. Отприлика 4 часа пред спиење не практикувајте физичка активност.
4. Избегнувајте кофеин и други стимуланси пред спиење.
5. Избегнувајте алкохол околу 4 часа пред спиење бидејќи алкохолот го прекинува и фрагментира сонот.
6. Направете си топла бања, слушајте релаксирачка музика и избегнувајте да гледате ТВ пред да одите на спиење.
7. Одржувајте регуларен распоред на сонот, односно наместете го Вашиот биолошки часовник и одете на спиење отприлика во истото време секоја вечер и разбудувајте се во истото време секое утро – дури и за време на викендите.
*** Забелешка: При опструктивната sleep apnea , дишните патишта се стеснуваат или тотално колабираат за време на спиењето. Како резултат на тоа, лицето многу пати во текот на ноќта за кратко време престанува да дише, со што сонот е многу пати прекинат.