Алвеолит – компликација по вадење заб

0

Постекстракционите компликации во стоматолошката пракса претставуваат дополнителен проблем за пациентот, но секако и за постекстракциониот план и терапија на докторот.

 

Постоперативно е потребно да се преземат посебна грижа, низа постапки и методи  за да се минимизира можност за постекстракциони компликации од типот на постекстрациона болка, хематом, постекстракционен гранулом, тризмус и така наречената сува алвеола или alveolitis sicca dolorosa. Но понекогаш неочекувано и покрај сите преземени превентиви се вклучува алaрмот за можна компликација. Сувата алвеола, во литературата позната како alveolitis sicca dolorosa (постои и exudativa- присуство на распаднат и растресит коагулум со неријатен мирис), алвеоларен остетитис или во литератирните класификации спаѓа во група на локален остеомиелитис, е честа компликација која опфаќа пореметување во зараснување на раната, односно воспаление на раната со присутна интензивна болка која се јавува неколку дена (2-3 дена) после екстракцијата (вадењето заб). Дополнително пациентот може да осети непријатен здив и вкус.

Самата рана е со почетни минимални знаци на воспаление, а во празната алвеола се гледаат секвестри коска. Во некои случаи може да се види и некротизирана површинската коска и целосно празна алвеола. Основата на оваа состојба ја сочинуваат два симптоми – отсуство на здрав, витален коагулум во раната и неиздржлива интензивна болка кој трае и повеќе 24 часа.

Инциденцата за појава на оваа компликација е поголема при екстракција во долната вилица, особено во моларната регија 70-78%, најчесто на третиот молар, останатите молари па се до премоларите соодветно 20%. Поголем процент на компликации се установени во долната вилица, наспроти горната вилица. Во однос на полот, литературните податоци покажуваат дека повисок процент на компликација се јавува кај жените, а научните истражувања покажуваат дека овој процент е повисок особено кај жените кои користат орални контрацептиви.

Кои се причините кои доведуваат до таа состојба?

Кај нормалната екстракциона рана се создава гранулационо ткиво, кое го затвора екстракциониот дефект, постепено доага до контракција на раната и дополнително покривање на раната со орален епител. Основата на оваа компликација претстаува пореметување на овој механизам, односно фибринолиза, инфекција, пореметување во нормалното создавање коагалум.

  • Перикоронитот– односно предоперативното постоење на инфекција на околното гингивално ткиво е предиспонирачки фактор за присуство на бактериска флора која непогодно ќе делува на процесот на зараснување, што научно е потврдено со испитувањата каде употребата на орални антисептици и антибиотици вродила со позитивни резултати за превенција на алвеолит.
  • Американското друштво за етиолошко испитување на заболувањата изнесува податоци каде постекстракционо доаѓа до квантитативна зголемена присутност на бактериската флора (50% стафилококи), без квалитативна промена. Односно, апатогените бактерии добиваат патогени особини, со што предизвикуваат коликвација на крвниот коагулум и воспаление на алвеолата. Етиолошки многу позначајна претставува анаеробната Treponema denticola која е изолирана во 70-80% од случаите со постекстракциона болка. Нејзиниот ензим урокиназа е значајна алка во неуспешното формирање на коагулум во раната, поточно е виновник за пропаѓање на веќе создадениот коагулум. Во основа овој ензим претставува активатор на плазминогенот, што е доволем индикатор дека следува лизата на коагулумот . Дополнително, оваа бактерија се врзува за фибробластите и директно предизвикува клеточна смрт. Следствено на сето ова, присуството на бактерии е доволен предиспонирачки фактор за појава на постекстракционен алвеолит.
  • Трауматската работа врз ткивото, непотребно оставените секвестри, дел од забното ткиво, пломби и други материјали во екстракционата рана, односно празна алвеола се причина за развој на алвеолитис. При екстракција се ослободува Хагеманов фактор, кој плазминогенот го претвора во плазмин, кој е протагонист на фибринолизата односно разградувањето на коагулумот во празната алвеола. На оваа реакција додатно ист ефект може да има и интеракцијата на брадикининот (каскадна реакција на кинините во плунката) со Хагемановиот фактор. При поголема траума на ткивото може да дојде до состојба на тромбоза на крвните садови во ткивото. Ваквата слаба покрвареност предизвикува намалена способност за создавање крвен коагулум во алвеолата, а дополнително ја намалува регенеративната способност на клетките од сврзното ткиво.

 

 

  • Пушењето како предиспонирачки фактор може да се објасни во три сегменти. Пред се, со вовлекување на димот се предизвикува негативен низок притисок, со што е зголемена можноста за губење на создадениот коагулум, потоа никотинот на системско ниво предизвикува периферна вазоконстрикција и предиспонира тромбоза, која негативно влијае на создавањето коагулум.
  • Во истражувањата е согледано дека газираните пијалоци може да предизвикаат отсранување на коагулумот од алвеолата, како и прераното и обилно испирање на екстракционата рана со физиолошки раствор во првите неколку часови.
  • Од општите заболувања, дијабетот е на листа за предиспонирачки фактор, а причина се зема намалениот анаболизам на протеините, односно спорото зараснување на раните и можноста за колонизација и инфекција, на што ќе следи фибринолиза.
  • Првите 15тина дена од месечниот циклус на жената која користи орални контацептиви се фактор кој може да придонесе за ваква компликација. Тоа е затоа што се покачува нивото на естриген, кој преку секундарно дејство влијае врз зголемувањето на кининогенската концентрација, што во реакција со Хагемановиот фактр, предиспонира фибринолиза.
  • Потребно е да се внимава на нивото на витамин Ц во оргамизнот (одговорен за синтеза на колаген) и витамин К (битен за промените при коагулација) за да не дојде до проблеми во зараснувањето на раната.

Терапија

Откако ќе се установи дека пациентот се соочува со алвеолит како постекстракциона компликација следува негова терапија, чија цел е добивање на витален, компактен коагулум, кој во потполност треба да ја исполни екстракционата рана.

Конзервативната терапија се состои од испирање на алвеолата со физиолошки раствор или некој антисептик и аплицирање на медикаментозен препарат (денес најчесто ресорптивен) со антифибринолитичко,антипиретско и аналгетично дејство.

Доколку не помогне конзервативата, тогаш како опција ја применуваме хируршката метода која се состои од отстранување на постоечкиот коагулум (под локална анестезија) и затварање на празната алвеола со мукопериостален резен. Меѓу овие две методи постои и можност за нивна комбинација, односно чистење на алвеолата од постоечкиот коагулум, провоцирање ново крварење во алвеолата за настанување ново коагуламционо ткиво и аплицирање медикаментозна влошка-ресорптивна, и спојување-шиење на рабовите на алвеолата.

Како дополнителен дел од терапијата претставува екстраоралното зрачење во пределот на раната со инфрацрвени зраци два пати дневно по 20 минути, постигнувајќи вазодилатација и подобра прокрваереност во таа регија.

Превенција

Со голема посветеност и стручна подготвенот на стоматологот потребно е да се минимизира траумата на ткивото и да се направи адекватен дебриман на раната-киретажа, затоа што најчесто оваа компликација е поврзана со вадење на пулпитични и гангренозни заби. Со новите научни достигнувања се препорачува испирање со антисептички средства (хлорхексадин)пред и постоперативно, повидин-јодид, примена на парахидроксибензоевата киселина поради антифибринолитичкото делување и секако испирање со физиолошки раствор но многу внимателно и не во големи количини. За предекстракционата употреба на антибиотиците размислувањата на научната елита се поделени и тие се избор според соодветната ситуација за проценка на состојбата на пациентот од страна на стоматологот. Се користат тетрациклините, клиндамицинот, метронидазолот, амоксициклин. Неопходно е добра проценка на стоматологот за состојбата на алвеолата после екстракција, доколку е празна да испровоцира крварење и да превенира полнење на алвеолата со крв на сметка на плунката која неминовно е присутна во оралниот медиум.

На крај, да потенцираме:

Која болка ни сугерира на појава на постекстракциона компликација-алвеолит?

Не е онаа болка која се јавува по престанокот на делување на анестетикот и која поминува после примена на благи аналгетици. Не е ни онаа болка која се јавува најчесто после 12 часа од екстракцијата и за брзо време поминува. Болката која трае повеќе од 2-3 дена (или повеќе од 24 часа) е доволен индикатор да се посети стоматолог за да се провери зараснувањето на раната, односно состојбата на коагулумот во празната алвеола како би се установила и дијагнозата.

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Славица Доковска е родена на 12.03.1987 година во Струга. Средно образование завршува при ДСУ "Нико Нестор" во Струга, природно-математичка насока. Уште во гимназиското образование покажува интерес кон научно-истражувачката дејност и при учеството на Државниот натпревар за Млади истражувачи на Р.Македонија освои прва награда во областа Аналитичка хемија. По завршувањето на средното образование се запишува на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во тек на студиите покажува понатамошен интерес во истражувачката област и учествува со научни теми на конгреси на студентите по стоматологија во област на конзервативно-естетската стоматологија и оралната патологија и пародонтологија. Дипломира на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во јуни 2010 година и се здобива со називот Доктор по стоматологија. Во истата учебна година, веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломски студии при Стоматолошкиот факултет - Скопје, каде продолжува со научно-истражувачката дејност во областа на стоматологијата. -Доктори.мк овозможува примарна информираност и подигање на здравствената култура на целокупното население. Воедно, со сеопфатната интерклиничка проблематика дава можност за проширување на медицинските видици на сите доктори и надоградување на своето знаење, се во знак на рано откривање, дијагностицирање, спречување и сузбивање на понатамошната прогресија на заболувањата, неминовно нивна терапија и понатамошна рехабилитација. Доктори.мк е водич во секојдневието на секој човек кој се грижи за своето здравје и подобро утре.