Се наоѓаме во 21-век и сексот и сексуалниот живот навидум веќе не се табу, младите меѓусебно разговараат на оваа тема, а и информатичката технологија им помага на младите да ги разбијат сите митови во врска со сексуалниот живот кои ги самокреирале или ги слушнале од некаде. Дали сепак на младите им е потребно сексуално образование, што губат, а што добиваат доколку истото се воведе во училиштата?
Погрешни перцепции за сексуалното образование
Самите деца, но, и родителите, нивните баба, дедовци и роднини уште од самиот старт имаат погрешна перцепција за тоа што претставува сексуалното образование. Тие сметаат дека децата ќе се учат на неморално однесување, дека ќе се поттикнуваат на сексуален однос уште од многу мали години и дека нив ќе им се зборува за работи за кои не се дозреани, при што тоа ќе биде срам за детето, а и за блиските. Ова мислење е толку тврдо што дури и некои родители кои имаат високи образовни достигнувања го застапуваат и шират. Вистината е сосема поразлична. Сексуалното образование нема за цел на децата да им објаснува техники за водење љубов, туку да им ја објасни сериозноста на самиот сексуален акт. На децата треба да им се напоменат сите црвени линии кои се важни и мораат да се почитуваат за време на сексуалниот однос. Како да се заштитат? Што е правилно што не? Што смее да се користи што не? Која е добра контрацепција која е штетна? Какви ризици носи користењето на контрацепција, а какви ризици носи не користењето? Како да препознаат полово преносливи болести? Кои се најчестите полово преносливи болести? Кои се ризик факторите и многу други слични прашања. Почитувани родители дали навистина сметате дека не е потребно вашите деца навреме да ги дознаат правилните одговори на овие прашања?
Другарите/другарките интернетот (форумите, енциклопедиите, статиите) се одлични за информирање на младите, но тие можат да доведат до конфузија во главата на детето. Детето често се доведува до ситуација да прочита контрадикторни работи за една иста тема. Ова може да доведе до несигурност, погрешна постапка, срам и намалување на самодовербата. Сексуалното образование има за цел да ги расчисти сите нејаснотии, детето да биде сигурно “што е што” и кога самото ќе биде спремно за сексуален акт да се опушти со поголема доза сигурност и доволна доза сериозност, бидејќи сексот можеби е игра, но, сексот е сериозна игра, таа нема строги правила, но, има правила од кои детето не смее да отстапи, бидејќи истите можат да го чинат живот, него или неговата партнерка или да допринесат за темелна промена на неговиот живот.
Што се сексуалното образование мора да ги научи децата?
Доколку и вие сте едни од луѓето кои мислат дека денешните деца “знаат се за сексот уште од многу мали нозе” тогаш сте во голема заблуда. Јас ќе ве исправам и ќе кажам: Денешните деца благодарение на интернетот сметаат дека знаат се за сексот, но се лажат. Во ова ќе се убедите ако само ги погледнете форумите поставени на порталите за медицина во Македонија или во регионот, ќе видите дека деца кои и не се така на мала возраст поставуваат прашања кои се многу банални, но и многу важни кои детето не смеело да не ги научи пред возраст од 15 или 16 години. Форумите се одлично мерило за истражувања на вакви теми бидејќи се анонимни, децата прашуваат се она што никогаш не се осмелиле да прашаат некого во живо. Затоа размислете двапати пред да донесете заклучок дека децата веќе навремено се информирани.
Кондомите и задоволството
Спонтано разговарајќи така со многу млади, кои се всушност средношколци дојдов до речиси сигурен заклучок дека момчињата дефинитивно добиваат наметнато мислење и погрешно пренесени искуства од нивни поголеми другари. Скоро секој кој ќе ви каже нешто за кондомите ќе ви се обрати со зборовите “Тоа не чини, со него не се чувствува задоволство, морам да го носам само ако партнерката инсистира” . Една од целите на сексуалното образование е да им укаже на младите што треба да превземат за да не им се скрати задоволството при користењето на кондом. Треба да им се каже дека мора да се купуваат проверени и “марки” на кондоми кои се дерматолошки тестирани и сигурни, без разлика што се поскапи. Мора да им се укаже на фактот дека постојат големини и не се сите константни. Мора да им се покаже како правилно да го наместат (симулација на макета(банана)), неправилното местење е причина број еден за дисконфорт, но и за кинење. Мора да се посоветуваат како да изберат кондом, од каде да го купат, како да го наместат и како да внимаваат на него за време на сексуалниот акт. Ако овие работи се знаат момчињата нема да имаат проблем со помалото задоволство при неговото користење. Мора сериозно да им се нагласи и фактот дека кондомот не се носи само за да се заштитат од несакана бременост, туку дека полово преносливите болести не се ни малку, ретки колку што тие си замислуваат и дека се практично секојдневие, затоа мораат да внимаваат. На децата мора да им се отфрли фикс-идејата од глава “Ова секогаш му се случува на некој друг”.
Сексуално преносливи болести (СПБ)
Не, не е доволно само да ги наброите. Имињата како: сифилис, гонореја, сида, хепатити и сл. за децата се само имиња кои најверојатно ќе ги заборават уште по првото излегување од предавалната. Затоа потребно е предавањето да се спушти на нивно ниво. Со прилагодување на речникот, но сепак опширно да им се објасни што е на пример сифилис, како се пренесува, како изгледа, што прави, опширно но со вокабулар достоен за децата. Потребно е да се користат цртежи, секако не слики, бидејќи сликите можат да делуваат вознемирувачки за децата, но цртежите со убави бои ќе им останат во сеќавање.
Упатство за употреба на половите органи
Колку и да звучи ова смешно, банално или перверзно, сепак размислете малку. Особено ако сте жена – мајка или баба. Колку многу вие би посакувале некој на 14 години да ви објаснел за месечниот циклус, што е во ред, што не е во ред.. За тоа што е нормална менструација, како изгледа нормалната, што е нормално отстапување, што е абнормално отстапување, зошто и во кои услови се јавува исцедок, нормална боја на течноста и сл. Можеби вие како мајка сметате дека се убаво ќе и објасните, но грешите. Во сексуалното образование ќе се вклучени експерти луѓе кои нема да се двоумат што е нормално, а што не, ќе знаат како и со каков речник да му го објаснат тоа на вашето дете.
Мастурбација
Мастурбацијата е табу тема и денес во модерното време, особено ако станува збор за девојчињта. На децата мора да им се објасни дека тоа е нормална работа и кај двата пола, не треба да чувствуваат вина или да се плашат дека се болни, но мора и да им се објасни дека претерувањето е штетно, може да створи завист или микроповреди. Кога е мастурбацијата во прашање, момчињата треба да се охрабруваат да користат лубрикант кој ќе ги намали ризиците од микроповреди.
Оргазам
Иако можеби сметате дека оргазамот не треба да е тема во сексуалното образование, сепак јас би го тврдел спротивното. Многу девојчиња во разни излагања на интернет или низ форумите тврдат дека тие најверојатно имаат проблем бидејќи тие оргазмот не го доживеале како: Губење на тло под нозете од задоволство, излив на прекумерни емоции и губење од задоволство. Денес дефиницијата за оргазам е многу “напумпана” и момчињата и девојчињата треба да ја дознаат објективната вистина, што е, а што не е нормално.
Има ли негативности сексуалното образование?
Ако образованието е изведено од професионалци, луѓе кои ја познаваат детската психологија придржувајќи се до предвидените единици за предавање, тогаш едно нормално психичко развиено дете не може да има никакви последици од ваквото образование.
Дали порно филмовите можат да имаат некаква позитивна улога во овој процес?
Одговорот е дефинитивно Н Е. Зошто? Затоа што порно филмовите ја искривуваат вистината до тој степен што ќе ги одведат децата во дефинитивна заблуда, а згора на се нивната нереалност влијае и на нивната психологија и однесување, па поради тоа не можеме да зборуваме за порно филмови под 18 години. Но, да бидеме реални, денешната технологија допринесува децата да гледаат порно филмови, уште од основно образование. Ние можеме да се бориме против тоа, но не можеме да го спречиме, тоа е факт. Ова е уште една причина зошто е потребно сексуално образование, порно филмовите ја искривуваат вистината, а често ги потикнуваат младите да прават работи кои можат да им наштетат на здравјето или да ги повредат своите партнери бидејќи на самиот порно филм тоа било прикажано како нешто сосема нормално.
Сексуалното образование е тема за која може уште многу да се пишува, некои повторно ќе останат на ставот дека овој тип на образование е срам за нивните деца. Сепак и доколку после целиот текст не успеав да влијаам на вас, тогаш само уште еднаш за крај ќе ви напоменам, подобро е да се спречи отколку да се лечи, знаењето е превенција, моќ на умот, сигурност ….
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-