Стабилноста на тоталните протези во устата на пациентот се постигнува со помош на интимен контакт на акрилатната база од протезата со меките ткива. Овој интимен контакт се постигнува со комбинација на мускулната контрола и вакуумот, кој настанува поради тенкиот слој на плунка која се наоѓа под протезната база.
Долната протеза има помалку стабилно ткиво на кое треба да лежи, таа во најголем број од случаите стои на своето место, бидејќи пациентот кој ја носи има развиено способност да ја придржува со јазикот додека разговара или додека џвака. Некои пациенти никогаш не можат потполно да се адаптираат на своите тотални протези. Многу од нив немаат доволно вилична коска, која е потребна за стабилизација на протезата или неможат да го координираат мускулното џвакање со тоталните протези. Многу години нaназад стоматолозите не можеле да понудат ништо повеќе од адхезивите – лепаци за тотални протези.
Денес ваквите проблеми се решаваат со употреба на мини импланти, кои стабилноста на протезата ја подобруваат многукратно, а ефикасноста на џвакањето се враќа во просек 70 % од првобитното џвакање, кога пациентот ги поседува сопствените заби. Како краен резултат добиваме пациент кој си ја повратил својата самодоверба.
Мини имплантите многу практични и повеќенаменски. Може да се користат и како носачи на коронки кои се фиксирани, кога нема доволно простор за аплицирање на стандардни импланти.
Главата на мини имплантот има облик на топче, а на соодветното лежиште во тоталната протеза се наоѓа гумен прстен со облик на буквата О. Овој прстен ја опфаќа главата на имплантот, кога е таа во своето лежиште и ја држи со одредена сила. Оваа фиксација дозволува микро движења на протезата, додека таа се спротивставува на силите кои тежнат да ја подигнат. За разлика од стандардните импланти, мини имплантот дозволува моментално оптеретување, што значи дека пациентот истиот ден кога се вградва имплантот излегва од ординацијата со протеза која е стабилна и може да се користи за џвакање.
Многу често мини имплантите се вградуваат во виличната коска без инцизија на непцата, односно се поставуваат директно преку непцата. Анестезија се аплицира во меките ткива на местото каде треба да се постави имплантот. После поставувањето на мини имплантот се ребазира старата тотална протеза и пациентот може да ја употребува веднаш без да треба да чека извесен период кој кај стандардните импланти е околу 6 месеци. Целата интервенција трае околу 90 минути, а посттерапиското опоравување е брзо без некои особени симптоми. Може да се јавиблаг оток и мала болка која исчезнува кога пациентот ке земе некој аналгетик. Понекогаш има потреба од антибиотска терапија.
Апсолутни контраиндикации за вградување на имплантите:
- Неконтролиран дијабетес
- Претходно зрачење во пределот на вилиците
- Имуносупресивна терапија
- Зависници од наркотични средства
Релативни контраиндикации – состојби кај кои има зголемен ризик од губиток на имплантите:
- Тешки пушачи и алкохоличари
- Сјоргенов синдом
- Алцхајмерова болест
- Бруксизам
- Деца кај кои вилиците не се развиени
Лицата во постара животна доба не претставуваат контраиндикација поради своите години.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-