Афти – клинички знаци, причини, дијагноза и терапија

0

 

Рецидивирачките орални улцерации (рецидивирачки афтозен стоматитис) се една од најчестите болести на оралната слузница која се јавува кај голем дел од популацијата. Преваленцата на болеста во општата популација се движи од 10-30%. Само во Европа 17% од луѓето имаат афтозна улцерација. Болеста е почеста кај луѓето со повисок социо-економски статус и кај жените, како и кај особите под стрес.

Афтите најчесто се јавуваат кај млади особи, со најголема кулминација од 10-19 години и со тенденција за чести рецидиви во текот на целиот живот. Ретко се јавуваат кај особи над 45 години. Рекурентната природа афтите ги прави многу непријатни и тие тешко се поднесуваат поради непредвидливиот почеток и интензитет.

Клинички знаци

Афтите се појавуваат на оралната слузница во вид на округла, јасно ограничена болна улцерација со плитко некротично дно и благо издигнати зацрвенети рабови. Болката е најголема по 2-3 дена од нивното појавување. Во зависност од бројот и изгледот, афтите се делат на:

  • Мали или минорни афти, со големина од 1 см во дијаметар, можно е да ги има неколку во устата, а се повлекуваат спонтано за 7-10 дена, без лузни;

мала афта:

 

  • Големи или мајорни афти, поголеми од 1 см, помалобројни од малите. Најчесто се појавуваат на слузницата на усните, мекото непце и ждрелото, перзистираат и до 1 месец оставајќи лузни. Поголемите улцерации од типот на афти се јавуваат и кај болните од СИДА, а тоа се објаснува со нарушувањата на имунорегулаторниот капацитет;

голема афта:

  • Херпетиформни афти, се карактеризираат со голем број мали плитки улцерации со големина од неколку милиметри во дијаметар, а се јавуваат претежно во предниот дел на устата, најчесто на слузницата на усните, јазикот и на подлежечката слузница. Поради сличноста на клиничката слика со херпесните лезии, го добиле и тој назив.

Карактеристика на сите облици на афти, а воедно и еден од дијагностички важните критериуми за разликување на афтите од останатите орални лезии предизвикани од херпес вирусот е нивната локализација: афтите исклучиво се јавуваат на слабо кератинизирана и подвижна слузница, а никогаш на гингивата и тврдото непце.

Причини за појава на афти

Иако болеста е позната многу одамна, точните причини за нејзина појава денес не се целосно познати и постојат бројни дилеми околу тоа. Се смета дека афтите се клинички синдром со неколку можни причини од кои најзначајни се:

  • Наследност;
  • Алергија;
  • Хематолошка дефициенција и
  • Нарушувања во имунитетот.

Се поголем број докази укажуваат на имунопатогенетската основа на оваа болест, пред се на нарушувања во Т-имуниот систем.

Како можни додатни причини се наведуваат: психичка напнатост со засилено чувство на страв, анемија со недостаток на железо, недостаток на витамин Б12, нагло губење на телесна тежина, прекумерно консумирање на кисели продукти, недоволен сон, неутропенија, алергија на храна и имуносупресија кај болните од СИДА.

Важно место во етиологијата на афтите зазема и траумата (механичка повреда на слузницата), која може да биде причинета од многу фактори: форсирано четкање на забите, несакани вгризувања со сопствените заби, како и мали повреди од брикети при носење на фиксни ортодонтски апарати.

Дијагноза и терапија

Во дијагностицирањето на афтите потребно е да се направи разлика меѓу клинички сличните болести кои се јавуваат со рецидивирачки улцерации, како што се: херпес инфекција, мултиформен еритем, пемфигус и др. Потребен е внимателен клинички преглед и детална анамнеза. Обично не е потребен лекарски третман, бидејќи афтите најчесто спонтано се повлекуваат за 10-14 дена.

Кога да побарате лекарска помош?

Кај Вашиот стоматолог треба да се упатите кога симптомите на афтите значително се влошуваат, афтите се повторуваат 2-3 пати во една година или ако постојат други пропратни симптоми како: осип на кожата, треска, дијареа и главоболка.

Дијагностичкиот и терапевтскиот алгоритам се темели на строго индивидуален пристап кај секој болен:

  • откривање на потенцијалниот причинител;
  • упатување на пациентот кај лекар специјалист;
  • лечење на афтите;
  • спречување на рецидивите.
 

Лечењето на афтите вклучува локална или системска примена на кортикостероиди, локални анестетици и антимикробни препарати (раствори за промивање уста и грло кои најчесто имаат антиинфламаторен, антимикробен и аналгетички ефект), како и поголем внес на витамини (особено Б12 и фолна киселина). Треба да се избегнува премногу зачинета храна и секако да се врши правилна и редовна хигиена. Начинот и должината на терапијата зависи од интензитетот на афтите.

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Филип Конески е роден на 7.1.1991 год. во Белград. Основно училиште завршил во Прилеп, а средно медицинско училиште во Битола, насока забен техничар. Во 2009 год. се запишува на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Дипломира во 2014 год. со среден успех 9,62 и се стекнува со титулата д-р по стоматологија. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет и поддржан и препорачан од бројни професори и претставници од релевантни стоматолошки здруженија во Македонија, во 2013 год. ја добива престижната Награда на Град Скопје „13 Ноември“ за континуирани успешни достигнувања во наставните и воннаставните активности, кои се од особено значење за афирмацијата на градот и Р. Македонија. На 19. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012 год. освојува втора награда за усна презентација. На 21. и 22. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во 2013 и 2014 год. ги освојува првите награди за најдобри усни презентации. Организатор е на работилници во рамките на студентските конгреси. Секоја година е дел од акцијата на Македонското стоматолошко друштво за одбележување на Светскиот ден на оралното здравје, преку одржување предавања и едукација на учениците во основните училишта за важноста на оралното здравје и начинот на неговото зачувување и унапредување.Дел е и на бројни хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства и деца со пречки во развојот. Дел е од организациониот тим на бројните стручни настани и симпозиуми на Македонското стоматолошко друштво и специјалистичките здруженија кои се во склоп на друштвото. Свој придонес дава и во организирањето на 18. Конгрес на Балканското стоматолошко здружение во 2013 год. Од 2012 год. Филип Конески е амбасадор на Р. Македонија во меѓународното списание International Dental Journal of Students’ Research (ISSN 2278-3784). Во 2011 год. станува дел од тимот на македонскиот веб портал за медицина и здравје доктори.мк, на кој објавува авторски текстови од областа на стоматологијата. Во 2012 год. е добитник на Признание за особен придонес во развојот на здравствените веб содржини и подобрување на здравствената едукација во Р. Македонија. Од особен интерес на Филип е максилофацијалната хирургија и денталната патологија, во чии полиња работи на неколку проекти и истражувања со реномирани професори од тие области. Контактирајте го Филип на koneski_filip@hotmail.com -Здравствената едукација на населението и пациентите има непроценлива важност за нивното здравје, особено за превенцијата, на која треба да се обрнува поголемо внимание. Доктори.мк е место каде се интегрира и на достапен начин се презентира знаењето на професионалци од многу медицински области, со што се постигнува целта за подигнување на свеста и здравствената култура на секој поединец. Доктори.мк е наш бренд со кој треба да се гордееме. Да се биде дел од тимот автори и соработници претставува голема чест и задоволство.