Дали кариесот е генетски наследен?

0

Многу често од луѓето со многу расипани заби слушаме дека тоа го наследиле од нивните родители или баби и дедовци,и дека истото не може да се спречи. Но, кој е ставот на современата стоматологија? Дали кариесот е генетски наследен?

Одговорот е НЕ

Објаснувања за ваквиот став има многу, а најголем дел од нив се темелат на докази од клиничката пракса, но и од краткорочни и долгорочни студии. Главни причини за појава на кариесот се микроорганизмите (бактерии), храната богата со шеќери (која ќе ги нахрани бактериите), но и лошата орална хигиена.

Просечно, во Македонија индексот на кариозни, екстрахирани и пломбирани заби кај деца до 12 години изнесува 7 (толку расипани или извадени заби во устата), што е навистина поразителен податок, ако се земе фактот дека ставот на СЗО по ова прашање за земји со степен на развој како нашата е дека овој индекс не треба да надминува 3.

Дека кариесот не е генетски наследен говори фактот што во Скандинавските земји пред  40-тина години КЕП индексот бил приближно колку Македонскиот. Но, по преземените агресивни превентивни мерки, денес во овие земји КЕП индексот се движи од 0-1. Тоа значи дека родителите пред 40 години имале многу расипани заби, а нивните деца денес немаат ниту еден расипан или изваден заб. Од тука може да се заклучи дека генетиката нема голема улога во настанувањето на кариесот.

Како да се справиме со овој проблем?

Она за што најмногу треба да се води грижа е правилната и редовна хигиена на устата, намалување на внесот на шеќери (или правилно распоредување на ваквите оброци), локална апликација на флуоридни препарати и редовна посета на стоматолог. Овие мерки, ако се применат уште од најрана возраст, со сигурност ќе дадат позитивен резултат во намалувањето на појавата на кариесот.

На што влијае генетската предиспозиција?

Генетската предиспозиција сепак има улога во однос на некои имунолошки и одбранбени карактеристики на индивидуата, како и во уживањето на некои навики (исхрана, хигиена, темперамент), но со примена на гореспоменатите мерки, ваквиот проблем многу лесно може да се надмине.Секако, постојат и исклучоци во однос на наследувањето на одредени болести и синдроми, во чиј склоп немивно порано или подоцна доаѓа до деструкција на тврдите забни супстанции и појава на големи кариозни лезии.

“Подобро е да се спречи, отколку да се лечи”

Старата поговорка сепак зазема главно место и во современите науки. Со кариесот тоа е навистина можно.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Филип Конески е роден на 7.1.1991 год. во Белград. Основно училиште завршил во Прилеп, а средно медицинско училиште во Битола, насока забен техничар. Во 2009 год. се запишува на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Дипломира во 2014 год. со среден успех 9,62 и се стекнува со титулата д-р по стоматологија. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет и поддржан и препорачан од бројни професори и претставници од релевантни стоматолошки здруженија во Македонија, во 2013 год. ја добива престижната Награда на Град Скопје „13 Ноември“ за континуирани успешни достигнувања во наставните и воннаставните активности, кои се од особено значење за афирмацијата на градот и Р. Македонија. На 19. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012 год. освојува втора награда за усна презентација. На 21. и 22. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во 2013 и 2014 год. ги освојува првите награди за најдобри усни презентации. Организатор е на работилници во рамките на студентските конгреси. Секоја година е дел од акцијата на Македонското стоматолошко друштво за одбележување на Светскиот ден на оралното здравје, преку одржување предавања и едукација на учениците во основните училишта за важноста на оралното здравје и начинот на неговото зачувување и унапредување.Дел е и на бројни хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства и деца со пречки во развојот. Дел е од организациониот тим на бројните стручни настани и симпозиуми на Македонското стоматолошко друштво и специјалистичките здруженија кои се во склоп на друштвото. Свој придонес дава и во организирањето на 18. Конгрес на Балканското стоматолошко здружение во 2013 год. Од 2012 год. Филип Конески е амбасадор на Р. Македонија во меѓународното списание International Dental Journal of Students’ Research (ISSN 2278-3784). Во 2011 год. станува дел од тимот на македонскиот веб портал за медицина и здравје доктори.мк, на кој објавува авторски текстови од областа на стоматологијата. Во 2012 год. е добитник на Признание за особен придонес во развојот на здравствените веб содржини и подобрување на здравствената едукација во Р. Македонија. Од особен интерес на Филип е максилофацијалната хирургија и денталната патологија, во чии полиња работи на неколку проекти и истражувања со реномирани професори од тие области. Контактирајте го Филип на koneski_filip@hotmail.com -Здравствената едукација на населението и пациентите има непроценлива важност за нивното здравје, особено за превенцијата, на која треба да се обрнува поголемо внимание. Доктори.мк е место каде се интегрира и на достапен начин се презентира знаењето на професионалци од многу медицински области, со што се постигнува целта за подигнување на свеста и здравствената култура на секој поединец. Доктори.мк е наш бренд со кој треба да се гордееме. Да се биде дел од тимот автори и соработници претставува голема чест и задоволство.