Денталната естетика е гранка од стоматологијата која се занимава со надворешниот изглед на забите и непцата. Негата на усната празнина и имањето здрава и убава насмевка, во денешно време е приоритет. Во таа смисла, подолу се претставени неколку дентални материјали кои ја подобруваат естетиката на забите.
Керамички фасети и корони
Фасетите се керамички конструкции кои се изработуваат на фронталните (предните) заби. Најчесто се препорачани кај пациенти со стари пломби, како и за корекција на положбата на завртени или преместени заби. За разлика од “Lumineers“ технологијата, каде конструкциите се циментираат директно врз забите, кај керамичките фасети потребно е најпрво да се истружи слој од забната површина, а потоа се зема отисок. До следната посета пациентот е со привремена конструкција, кога и се циментираат фасетите.
Позитивно во технологијата е крајниот резултат: еднаква боја на забите и добрата маска на очигледните недостатоци врз забите, како и можноста да се корегира правилната положба на забот во својот ред.
Негативно во оваа технологија е стружењето на слој од забите.
“Lumineers“
Тоа се конструкции кои се користат за корекција на нерамни, фрактурирани или обоени заби. Се поставуваат брзо и без болка, блескаат во полн сјај, а всушност се фини и тенки фасети.
Важно за нивната изработка е тоа дека не се стружат забите, потребен е само отисок од нив. Тоа е од големо значење и обично не се забележува зголемена чувствителност на забите како по стружењето на забите за фасети.
Неметални конструкции по CAD/CAM технологија
Естетиката и издржливоста на овие конструкции е безгрешна. Најчесто се поставуваат кај пациенти со алергии кон стоматолошки материјали. Овие конструкции се изработуваат компјутерски со помошта на геометриско моделирање и симулации на 3D дентални конструкции и последователна нивна изработка.
Врз така подготвените скелети се нанесува специјална керамика за да се достигне максимална идентичност со бојата на забите на соодветниот пациент. Компјутерската изработка на моделите го скратува времето за изработка на конструкциите, а воедно го зголемува и квалитетот.
Керамички/композитен inlay, onlay…
Овие конструкции претставуваат најсовремен метод за пломбирање на забите. Со нив, денталното лекување никогаш досега не било толку брзо и без болка за пациентот…
При првата посета се подготвува забот и се зема отисок врз кој се изработува конструкцијата од керамика или композит. Пациентот е со привремена обтурација за 1-2 дена, кога се циментира конструкцијата.
Методот е од особено значење во случај на истовремено пломбирање на неколку заби (од една страна на вилицата), а исто така се скратува и времето на седење на стоматолошкиот стол.
Изборот на материјал (керамика или композит) зависи од желбите и очекувањата на пациентот, а видот на конструкцијата се определува од стоматологот и зависи од степенот на загубено тврдо забно ткиво.
Композитни мостови SR Adoro Vectris
Новиот композитен систем SR Adoro Vectris дозволува одлично полирање на конструкцијата со кое всушност се намалува натрупувањето на наслаги врз неа.
Во комбинација со неметалниот стаклено-влакнест засилен скелет на материјалот, Vectris е најдобриот избор на неметални коронки на задни заби.
SR Adoro Vectris даваат естетика и издржливост на абразија на порцеланот кои се без поговор.
“Чудно е колку малку е потребно да бидеме среќни, а уште почудно е како баш тоа малку ни недостасува…”
– Иво Андриќ