Децата со посебни потреби заостануваат во психофизичкиот развој и имаат повисок ризик за настанување на физички повреди па за нивното здравје треба да се пружи многу поголема нега во споредба со децата со правилен раст и развој.
Под поимот детска церебрална парализа се обединуваат сите остатоци од спастични парези и парализи на екстремитетите, неконтролирани движења, координативни нарушувања и промени во мускулниот тонус кои се резултат од мозочно оштетување во бременоста, раѓањето и постнаталниот период.
Фактори за настанување на церебралната парализа
Децата со церебрална парализа се значаен дел од децата со посебни потреби во целост. Зачестеноста е висока. Причините за настанувањето се уште не се добро разјаснети, но сепак медицински, заболувањето може да се поврзе со пре, пери, и постнатални фактори.
Пренаталните фактори доминираат во 70-80 % од случаите. Кај поголемиот дел од овие дечиња се утврдуваат особени проблеми со хранењето и голтањето уште во првите 12 месеци од животот. Тие наоди најчесто се предвесници за поставување на дијагнозата.
Оштетувањето се среќава пред се кај недоносени деца, кај кои и предиспозицијата кон оштетување на ЦНС пред и за време на раѓањето е особено изразена. Конкретни причини можат да бидат:
- вродени аномалии,
- инфективни или токсични мозочни оштетувања на фетусот,
- асфиксија и мозочно крварење за време на раѓањето или по него,
- тешка неонатална жолтица и др.
Видови церебрална парализа
Во зависност од засегнатиот дел на мозочната кора, но и од малиот мозок, се набљудуваат неколку групи церебрална парализа:
- спастична ;
- атетозна;
- атаксична;
- атонична;
- мешана.
Церебралната парализа е придружена најчесто со повреда на други мозочни функции. Застојот во психичкиот развој на детето се изразува на разни нивоа како идиотизам, пречки во говорот, конвулзии и др.
Церебрална парализа и орални заболувања
Сама по себе церебралната парализа не предизвикува специфични орални заболувања. Сепак, многу од оралните проблеми кај овие дечиња се почести, но и со потешки клинички слики во споредба со вкупната популација. Таквите деца, поради менталната заостанатост, се со низок степен на орална хигиена и тоа е главен фактор за високиот степен на кариозни заби и пародонтални заболувања кај нив.
Во последниве десетина години има тенденција за намалување на оралните заболувања, но за жал кај децата со посебни потреби проблемот со оралното здравје перзистира и се продлабочува. Кариесот, пародонталните заболувања и другите орофацијални оштетувања претставуваат значаен проблем за менаџментот на оралното здравје кај овие деца.
Плунката и церебралната парализа
Плунката го поддржува минералниот баланс и pH, а со тоа всушност ја заштитува оралната средина и го спречува развојот на забен кариес.
За децата со церебрална парализа е карактеристична доминацијата на симпатикусот и хормоните како катехоламини и глукокортикоиди. Тоа води кон секреција на мало количество густа плунка со зголемена концентрација на органски конституенти, но сиромашна со соли. Малото количество плунка, со висока концентрација на муцин и амиолитични ензими е виновникот за болести на забите, пародонтот и оралната лигавица.
Минералниот дисбаланс и деминерализацијата настапуваат во моментот кога заштитниот систем не функционира правилно поради:
- намаленото количество плунка;
- огромното количество ацидогени бактерии во денталните наслаги.
Пристапи за стоматолошко лекување
Во однос на стоматолошкото лекување на децата со посебни потреби има три можни пристапи:
1. Пристап кој произлегува од фактот дека тие се исти како и сите други пациенти и во голем процент од случаите ја прифаќаат соработката со нивниот стоматолог;
2. Особено внимание се дава на поволното влијание на однесувањето и ефикасноста на третманот со седирање. Во никаков случај не е дозволено давање седативи поради разлики од психичка и емоционална природа;
3. Целосна контрола врз пациентот преку општа анестезија.
Многу е важно за стоматологот кој лекува пациенти – деца со посебни потреби да обрне внимание на следниве работи:
- совети и профилакса;
- воведување во лекувањето;
- употреба на усни раширители и локална анестезија;
- премедикација;
- седирање;
- општа анестезија.
Заклучоци
Децата со посебни потреби не можат редовно и ефективно да ги чистат забите и обично болката е честа и главно остра, а нивното однесување го отежнува, дури и оневозможува лекувањето.
Во Декларацијата за правата на децата од 1959 год. На Општото собрание на ООН се потенцирани правата за физичка, умствена и социјална рамноправност на децата. Во нив се вклучува и правото за специјално лекување.
Децата со церебрална парализа имаат потреба од посебна нега во однос на оралното здравје. Основата на лекувањето лежи во профилаксата. Целта е да се намали ризикот од поголеми компликации.
–aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-