Мобилна апликација како мотивација на децата за четкање на забите

0

Мобилните апликации се софтверски програми што работат на паметни телефони и други мобилни уреди. Досега се превземени над 125 милијарди апликации од Apple App Store и Google Play. Во Велика Британија, 62% од децата дома користеле таблет или компјутер. Распространетата употреба на мобилните технологии отвора нови и иновативни начини за подобрување на здравствената заштита.

Апликациите можат да им помогнат на луѓето да управуваат со сопственото здравје, да промовираат здрав живот и да добијат пристап до корисни информации кога и каде им се потребни.

Овие мобилни здравствени апликации може да го променат начинот на кој се бараат здравствени информации. Мобилните уреди се извор на моќна позитивна врска со светот, со оние што ги сакаме, ни овозможуваат пристап до слики, спортски резултати, цртани, филмови и дружење со пријателите.

Токму оваа позитивна емоционална приврзаност со мобилните уреди може да биде од корист во промовирањето на оралното здравјето кај децата, при што истата би се прифатила побрзо од традиционалната, особено кај оние кои пораснале со технологија. Луѓето секојдневно поминуваат се повеќе време на своите мобилни телефони, па така здравствената едукација и информирање може да се спроведе во секое време и на било кое место.

Мобилни апликации за орално здравје

Овие мобилни апликации се развиени со цел да понудат рутинска орална хигиена базирана на докази. Апликациите имаат за цел да ги мотивираат децата да четкаат заби две минути играјќи на омилената музика (превземена или складирана на уредот). Идејата да се користи музика за да се мотивира подолго четкање, не е нова, и датира уште од 1980 година. Слушањето музика во бањата станува попрактично со развојот на мобилните уреди со вградени звучници.

Апликациите исто така им овозможува на корисниците да постават потсетници за четкање на заби два пати дневно, потсетување кога би бил следниот термин за закажување на стоматолог и да ја менуваат четката за заби на секои три месеци. Некои апликации имаат и можност за избор на одреден лик од цртани филм, како на пример нивната омилена принцеза или омилената кола, кој ќе одбројува или ќе ја пее нивната песна за време на процесот на четкање на забите.

Според одредена клиничка студија во Велика Британија, децата изјавиле дека ваков тип на апликации ги мотивира да ги четкаат забите, да четкаат подолго време, дека повеќе не им е досадно четкањето и со нетрпение сакаат да четкаат повторно, бидејќи уживале во музиката и се забавувале. Над 90% од корисниците на ваков тип на апликации би ја препорачале на своите пријатели и семејството.

Одредени анимираните видеа, имплементирани во апликацијата даваат упатства за употреба на рачна или електрична четка за заби, конец и употреба на интердентална четка за заби. Одредени пософистицирани апликации може да бидат поврзани на електрична четка со вграден блутут кои ќе ги води низ процесот на четкање, со цел редоследно четкање на забите. Децата на крајот се наградуваат со насмевка, освојување на значки за успешно четкање, како и аплауз, кога ќе постигнат две минути четкање на забите.

Употребата на овие апликации би била од огромна помош на децата со цел полесно да се одржува орална хигиена во правилен редослед, односно четкање на сите заби рамномерно. Мобилните апликација се ветувачка алатка за мотивирање на рутинска орална хигиена кај децата.

Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.