Бебиња почнуваат да ги цицаат своте палчиња додека се уште во стомакот на мајката, и продолжуваат да имаат нагон за цицање и после раѓањето. Тие го цицаат палчето кога се гладни, уморни или кога се вознемирени. Цицањето на палчето ги опушта и ги прави да бида посмирени.
Постојат различни „предмети” кои ја задоволуваат желбата за цицање на бебињата: освен дојката на мајката, играчки, најчесто цицаат цуцли или пак палчето. Предностите од употреба на бебешки цуцли е предмет на дебата и студии со години. Меѓутоа секако користењето на истата има свои предности и недостатоци.
Сите грижливи родители не сакаат да сторат ништо што би го загрозило обликот, растот на забите и вилицата на нивното дете. Па, каде се вклопуваат цуцлите? Повремената употреба на цуцла-лажливка веројатно нема да предизвика штета, а истата би можела да има смирувачко дејство кога детето се наоѓа во некоја стресна состојба.
Цуцлите, исто така, докажано е дека можат да помогнат во намалување на инциденцата на синдром на ненадејна смрт на новороденче (SIDS). Од друга страна, цуцлите може да му наштетат на растот и развојот на устата и забите. Продолжената употреба на цуцла може да предизвика промени во обликот на покривот на устата, да спречи правилен раст на устата и да создаде проблеми со оклузијата и загризот на забите.
Постојат неколку совети што треба да ги имаат родителите на ум за долгорочно орално здравје на своите деца, кога се одлучуваат да им дадат цуцла лажливка.
– Бидете сигурни дека цуцлата е чиста и неоштетена
Сосема разумно е да родителите внимаваат на сè што нивното дете става во уста. Па така. цуцлите треба да бидат чисти, неоштетени и без остри рабови. Цуцлите треба да се исплакнат со вода доколку паднале на подот и периодично да се мијат доколку се носат наоколу, испреплетени во ќебе или џеб помеѓу нивната употреба. Ако цуцлата е оштетена, истата треба да се замени, со цел да се спречи било каква повреда на усната шуплина на детето.
– Не додавајте вкусови и не потопувајте ја цуцлата во засладувачи
Плунката, мајчиното млеко и водата се трите најздрави работи кои треба да бидат во контакт со забите на детето. Чистата цуцла нема да поттикне развивање на орални бактерии, што може да доведе до расипување на забите. Со потпопувањето на цуцлата во засладувачи, најчесто мед, се предизвикува долготрајно задржување на шеќерите на забите, а со тоа и исхрана на бактериите од денталниот плак, предизвикувајќи кариес.
-Започнете да ја намалувате употребата на цуцлите до 2-та година
Многу деца сами ги оставаат цуцлите, но доколку детето е сè уште цврсто приврзано за нивната употреба, треба да му се дава цуцлата се поретко, со цел да избегне оштетување на забите и структурите на вилицата. Бидејќи детето почнува поактивно да го истражува светот, ситуацијата може да се реши самостојно.
Многу родители практикуваат некои интересни игри за одвлекување на вниманието пред легнување со цел одвикнување од цуцлата. Се препорачува децата да престанат да користат цуцли до двегодишна возраст. До таа возраст, секој проблем со усогласување на оклузијата на забите или вилицата во развој, обично се корегира во рок од шест месеци по запирањето на употребата на цуцлата.
-Совети за откажување од цуцла
Дадете ја цуцлата како поклон на друго бебе или дете и објаснете му на Вашето дете дека на бебето му треба многу повеќе, бидејќи тие се сега веќе големи дечко/девојка.
Договорете посета на самовилата за цуцли. Заедно со вашето дете оставете ја цуцлата пред влезната врата или на прозорецот. Самовилата за цуцли во текот на ноќта ќе ја земе и ќе остави на нејзиното место мал подарок.
Доколку Вашето дете е екстремно поврзано со цуцлата, можете да ја натопите цуцлата во сок од лимон или оцет. Остриот вкус може да предизвика тие засекогаш да ги остават и да не ги употребуваат. Користење на специјални BPA free системи – цуцли за одвикнување.