„Primum non nocere!“ е латинска поговорка, која значи: „Пред сè, не наштетувај!“ Mаксимата е една од главните принципи на биоетиката што сите студенти на медицина ја учат во целиот свет.
“Мерките не смеат да предизвикаат повеќе штета од причината заради која се преземаат!“ Оваа максима важи и во епидемиологијата. Особено во сиромашните земји. Како Македонија. И за сите други, освен Грција и Словенија, кои веќе презедоа строги рестриктивни мерки, како во почетокот на пандемијата. А ние, другите, се потпиравме на препораки за почитување на личните заштитни мерки и делумни ограничувања. За да не се уништи економијата. Зошто?
Затоа што секторот услуги кај нас во континуитет е вграден со цирка 60 проценти од БДВ (бруто додадената вредност), повеќе од половина од вработените во приватниот сектор. И затоа, очигледно, се тактизира со угостителството и туризмот. Се потпиравме на свеста и совеста на граѓаните. Без значајни ефекти. Во голема мера и заради отсуство на посериозна контрола и санкции од страна на институциите.
Потоа се донесоа построги мерки. Со напомена дека, ако биде потребно, и построги рестрикции ќе се донесат. Се разбира, ефектите не беше реално да се очекуваат преку ноќ. Потребни се барем две недели. Во меѓувреме, бројките растат. Основен критериум за прогласување на построги мерки беше заканата за пречекорување на болничките капацитети.
Меѓутоа, откако бројот на хоспитализирани надмина 1.000, а при сè поисцрпен здравствен кадар, веќе се наметнува прашањето: Дали воопшто треба уште да се чека, за да се преземат ригорозни мерки? Зашто, не знам дали имаме време од 2-3 недели за да видиме дали мерките ќе профункционираат. Можеби уште оваа недела. После која, неизбежно е потребно најстрого затворање. Но, не по примерот на другите земји. Туку само за деновите на викендите. Почнувајќи уште од следниот викенд. Потоа, делумно олабавување во текот на работните денови.
Не доаѓа предвид континуирано подолго затварање (од неколку недели)! Зошто? Затоа што тоа ќе предизвика многу штета – економска, социјална. Primum non nocere! Периодичните затварања ќе предизикаат помала штета.
Зошто не можеме да исчекаме две недели? Затоа што, ако секој нареден ден имаме по околу 1.000 позитивни, за 10 дена ќе имаме 50.000. Ако од нив во просек се хоспитализираат 30, за 10 дена ќе дојдеме до 1.300. Не може до бескрај да се пренаменуваат клиники за ковид пациенти. Инфективна клиника, монтажната болница и ГОБ 8 Септември се преполни. Во болниците во другите градови ситуацијата е слична.
Потоа, бидејќи сè поголем број болни се на кислородна поддршка, очигледно е дека критериумите за хоспитализација стануваат сè построги. А тоа значи, сè повеќе случаи, на кои според тежината на клиничката слика им припаѓа хоспитализација, се враќаат на домашно лекување. На терет на матичните доктори… кои се на работ на своите сили. Можеби треба да се сменат протоколите за да може да почне со терапија и човек што има макар и лесни симптоми, БЕЗ да се чека да добие резултат од ПЦР.
Тоа со чекањето за термин за тест и после, чекањето за резултат, прави тие луѓе да шетаат наоколу и да го сеат вирусот. Дел од нив, чекајќи, преминуваат во фаза со тешки симптоми… па за нив после нема место во болница… и ги враќаат дома. И за некои станува доцна…
Крајно време е достапноста на услугите на приватното здравство да станат достапни на граѓаните ПОД ИСТИ УСЛОВИ како и во државното! Неприфатливо е во време на криза да се прават профити! Во време на пандемиска криза, не може да постои поделба на државен и приватен здравствен систем! Затоа што здравствените услуги се јавни!
Според една анализа, направена на 4 октомври, до крајот на годината се прогнозираа 32.000 позитивни и околу 2.000 смртни случаи. Ако дневно, грубо, се регистрираат 1.000 нови позитивни (а повеќе се), до крајот на декември ќе имаме повеќе од 100.000, ако би продолжила истата динамика!
Бројот на хоспитализираните се удвојува отприлика на 20 дена. Ако сега имаме нешто преку 1.000, и просечно дневно се хоспитализираат околу 30 луѓе, до крајот на годината ќе има 8.000. Стапката на леталитет (од сите регистрирани позитивни – иако не се сите инфекции, меѓу нив не знаеме колку се лажно позитивни, т.е. контаминации или колонизации) се движи околу 3,0%. Значи, на крајот на годината, од 100.000 позитивни, би имале 3.000 мртви.
Да не спомнувам дека ќе се изгуби континуитет на здравствените услуги за пациенти со друга патологија освен КОВИД-19. Ќе се соочиме со пораст на други заболувања…
Инаку, и покрај големиве бројки, Ro (всушност, ефективниот репродукциски број R) е околу 1,2 (благодарност до Професор Трајковски за пресметката). Ова е далеку помала динамика, отколку во текот на првиот бран во април, затоа што тогаш имавме експоненцијален раст со период на удвојување од 6 дена, а сега се 20 дена. Но, апсолутните бројки се големи, па ситуацијата изгледа подраматична.
Сега малку теоретизирање:Во моментов, регистрирани се 39.760 (8.11.2020). Ако е точно дека реалниот број е најмалку 10 пати поголем (според една неодамнешна студија), кај нас има веќе близу 400.000 позитивни, што е 23,5 проценти од 1,7 милиони (реална големина на популацијата, според Управата за електронско здравство).
Кај нас 75 проценти од сите регистрирани позитивни случаи се асимптоматски. Ако бројките растат со сегашново темпо и ако претпоставиме дека на секои 1.000 регистрирани позитивни има уште (најмалку) 9.000 неоткриени, тоа значи дека секој ден се јавуваат нови 10.000. Од нив 7.500 се асимптоматски.
Од асимптоматските, пак, (според една студија), 35 проценти (2.625) не се заразни. Тоа се контаминации или колонизации. Од 7.500 асимптоматски случаи, 35 проценти се 2.625 (≈2.600). Преостанатите 4.875 (≈4.900) се асимптоматски инфекции. Ако тие се додадат на оние преостанати 35 проценти или 2.500 симптоматски случаи (вистински болни), доаѓаме до 7.400 реално заразни случаи (4.900+2500=7.400) дневно. Ако ова се примени на нашите актуелни бројки, од 39.760 вкупно регистрирани, заразни биле 74 проценти или 29.422 случаи. Од хипотетичните, речиси 400.000 позитивни, заразни би биле 74 проценти или 296.000 граѓани. Тие се 17,4 проценти од вкупното население во Македонија.
Од друга страна, епидемиолошката теорија вели дека за да се стабилизира епидемијата во заедницата, треба да се достигне т.н. праг на колективниот имунитет (HIT – herd immunity threshold), кој би го спуштил R на вредност 1 (секој случај на инфекција да води до само еден нов случај). При Rо=1,2, HIT= (Rо-1)/Rо или 1-1/Rо. Или HIT=(1,2-1)/1,2=16,6%. Значи, потребно е 16,6 проценти од популацијата да бидат заразени, за да прекине експоненцијалниот раст.
Ние практично штотуку го имаме достигнато тој праг. Се разбира, сосема апроксимативно, со оглед на апсолутно хипотетичните пресметки. Дури и да прифатиме дека се бројките надценети, дефинтивно се приближуваме до потребниот праг на колективниот имунитет, при којшто R=1.
Тоа нема да биде крај на епидемијата. Растот ќе продолжи линеарно, епидемијата ќе премине во ендемија. Ако HIT се надмине, тогаш R<1 и бројот на случаи на инфекции ќе се намалува. Епидемијата ќе згасне.
Ќе згасне тогаш кога ќе се постигне заштитното ниво на колективниот имунитет од преку 60 проценти. Тоа се 1.000.000 луѓе. Ако, пак, претпоставиме дека секој ден ќе се регрутираат нови 7.400 (заразни) случаи, а во моментов имаме (хипотетично) 296.000 (≈ 300.000), разликата до 700.000 ќе се постигне за 95 дена. Една десетина од нив (70.000) би биле официјално регистрирани случаи, хоспитализирани би биле 5.000 и починати 2.100. Тоа не би смееле да си го дозволиме. Заради што, вакцинацијата нема опција!
Секако, ова е сосема груба проекција. Претпоставува хомогена дистрибуција на случаите во популацијата (како кај грипот), односно вредноста на R од 1,2 е упросечена вредност (преносот на вирусот е хомоген низ целата популација). Меѓутоа, една понова студија откри дека хомогена дистрибуција на преносот кај КОВИД-19 нема, односно дека дисперзијата околу просекот е голема.
Затоа, за попрецизни пресметки, мора да се земе предвид и мерката на дисперзија, т.н. фактор k. Ова значи дека кај КОВИД-19 пренесувањето на вирусот се должи доминантно на мала пропорција т.н. суперпренесувачи (веројатно околу 20 проценти од вкупниот број заразени), кои ги заразуваат останатите 80 проценти осетливи поединци. А, пак, преостанатите 80 проценти од заразените не го пренесуваат вирусот никому! Тој фактор k тешко може да се определи при сегашната трансмисија на вирусот низ заедницата.
Во принцип, решение за совладување на епидемијата би било да се идентификуваат тие суперпренесувачи и кластерите формирани околу нив. Како? Со масовно тестирање и со минуциозно епидемиолошко испитување на заразените за нивните контакти, направени не само после заразувањето, туку и пред тоа! Со што би можеле да се идентификуваат можните суперпренесувачи и нивните кластери. Кои потоа би се тестирале и евентуално изолирале.
Да се вратиме во реалноста. Во моментов се соочуваме со масовна трансмисија на вирусот низ заедницата. Се судруваме и со масовно криење на контактите од страна на заразените. Сега е веќе невозможно да се идентификуваат суперпренесувачите и нивните кластери.
Она што сега ни стои на располагање е периодично преземање на строги рестриктивни мерки (опишано погоре), со тестирање претежно на оние кои имаат симптоми или докажан контакт со болен (или позитивен – настрана фактот дека сите позитивни случаи не се заразни), без „рандом“ тестирање на граѓани, заради „израмнување“ на епидемиската крива. За да не ни колабира системот!