Летниов бран стивнува. Ако се случат дополнителни “епидемиолошки важни настани” (така ги викаме стручно) – какви што се настава во живо во школите без тестирање два пати неделно на децата и наставниците со брзи тестови и ако останат невакцинирани членовите на повеќето нивни семејства, како и групирања во затворено понатаму во ладните денови – на овој бран може да се надоврзе есенско-зимски бран. Тогаш летно-есенско-зимската епидемиска крива ќе има облик на двогрба камила.
Но, тој нов бран не би требало да биде со висока амплитуда како сегашниов, затоа што веќе практично „догорува сѐ што беше за горење“. Нема да има веќе доволно гориво. Зошто? Бројот на заразени и вакцинирани сѐ повеќе се зголемува. Тие постепено ќе станат мнозинство.
Бидејќи делта го пробива во одредена мера и стекнатиот имунитет, меѓу новозаразените сѐ повеќе ќе има вакцинирани и веќе прележани граѓани. И ова ќе биде добра почва да почнат да се шират идеи дека вакцините не делуваат, дека џабе се вакцинираме итн.
Но, треба да се има на ум дека вакцинираните (и прележаните, секако) се заштитени во огромен процент од тоа да не завршат со тешки симптоми… или уште полошо… Само да се потсетиме дека од сите хоспитализирани кај нас досега, 87 проценти се невакцинирани или вакцинирани само со една доза.
Ќе се заразуваат вакцинирани и заради тоа што кај нив постепено ќе ги снемува антителата.
Меѓутоа, заедничко за сите (освен за невакцинираните непрележани) ќе биде стекнување на базичен имунитет кој ќе ги заштити (во најголем дел) од тешка клиничка слика и смрт! Затоа, карактеристика на можниот есенско-зимски бран ќе биде појава на голем број инфекции (но помал отколку во актуелниов бран!), со изразито малку хоспитализации и смртни случаи.
Последново јас го очекував во тек на постоечкиов бран, ама заборавивме дека дистрибуцијата на опфатот со вакцинација кај нас е сосема асиметрична/хетерогена. Се разбира – тоа сите го знаеме – основен фактор што предизвика експлозивност беше сосема слободното одржување на свадби и други веселби во затворено.
После зимскиот „бран”, многу веројатно, ковидот ќе го имаме меѓу нас само како ендемска болест што ќе тлее и одвреме-навреме ќе избива во форма на локални „џепови“. Вакцинација ќе им треба само на високо ризичните граѓани.
Дотогаш, постоечките вакцини сигурно ќе бидат „апдејтирани“ – прилагодени на делта. Сите други, вклучително и децата, природно ќе си го „билдаат“ имунитетот со повторувани контакти со вирусот (после прележување или вакцинирање) – при тоа поминувајќи без или со сосема лесни симптоми.
И делта монструмот полека ќе се сведе на „скротен лав“- исто како што тоа се има случено со неговите сродници, четирите типови на корона вируси што предизвикуваат обична настинка.
Се разбира, освен ако не се појави однекаде некој сосема нов мутант – што не е неверојатно – кога повторно може да доживееме помали растројства на ендемски воспоставената рамнотежа. Делта плус, ламбда, епсилон мутантите се следат дали ќе пројават епидемиски потенцијал…
Но, независно од можната појава на било какви идни мутанти, малку е веројатно повторно да се појави пандемија! Популацијата на планетава не е веќе имунолошки “наивна”. Со короната е завршено…