И покрај тоа што во неколку наврати во медиумите имам објаснувано за причините на зголемениот број настинки и грип последниве месеци, (дека тоа се должи на направениот „имунитетен долг“), се соочував и понатаму со прашања за објаснување на тој феномен. Затоа, одлучив повторно да го објаснам, се надевам, на разбирлив начин.
Пред пандемијата со ковидот, сите ние, почнувајќи уште од раѓање, бевме постојано изложени на сезонските вируси (предизвикувачи на настинки, грип, проливи) и затоа, нашиот имунитет добро ги познаваше и беше „истрениран“ за борба со нив. По завршување на настинката, „сеќавањето“ на нив брзо бледнееше – за неколку недели.
И затоа, се случуваше да ги „фатиме“ вирусите и по неколку пати годишно. Тоа особено беше карактеристично за децата, откако ќе тргнеа во градинка и на училиште. Бидејќи имунитетот никогаш не исчезнуваше сосема, симптомите по правило беа многу лесни (кивање, кашлање, растечен нос, црвено грло, поретко покачена температура).
Но, се појави КОВИД-19. Практично никој на планетава немаше одбрана против вирусот. И тој многу брзо се рашири низ светот. Се прогласи пандемија. За да се забави преполнувањето на болниците, на располагање беа само „средновековни“ методи – ограничување на контактите меѓу луѓето, затворање на објекти, забрана на собирање, носење маски, држење растојание, проветрување на просториите и хигиена на рацете. Во меѓувреме, сѐ повеќе луѓе стекнуваа имунитет заради прележување на ковидот, а подоцна, и со вакцинирање, откако станаа достапни вакцините. Огромен број и комбинирано.
Мерките против короната го спречуваа ширењето и на другите вируси што се пренесуваат преку воздух. Во тек на 2020 и 2021 година, практично немаше грип и настинки. И логично беше нашиот имунитет да го изгуби „сеќавањето“ на тие вируси, стекнато во периодот пред пандемијата.
Во меѓувреме, се раѓаа и деца. Новородените немаа можност да се „запознаат“ со вирусите веднаш по раѓањето, а најдоцна до втората година, како што беше пред пандемијата. Истовремено, не добиваа готови антитела преку млекото и од своите мајки, затоа што и тие немаа контакт со вирусите.
Со приближување на пандемијата кон својот крај, мерките се олабавуваа. Тоа значеше дека сѐ повеќе повторно почнавме да се дружиме како порано, немаше веќе ограничување на собири, прекинавме со маските, децата си тргнаа на училиште. Со тоа се создадоа услови за слободно пренесување на дотогаш потиснуваните вируси. Но, тие сега се пренесуваа меѓу луѓе, кои веќе ги имаат „заборавено“. Или воопшто немале шанса да ги запознаат (случај со новородените). Затоа, не само што бројот на настинки стана поголем во споредба со годините пред пандемијата, туку и тежината на клиничката слика, општо земено, беше (е) потешка. Таа состојба ја нарекуваме „имунитетен долг“ или „јаз“.
И тоа така ќе трае сѐ додека доволен број поединци (колективен имунитет) повторно не дојдат во контакт со тие вируси, односно, сѐ додека нашиот имунитет повторно не се „истренира“ да ги држи вирусите под контрола. Или велиме, сѐ додека не го „исплатиме имунитетниот долг“ (или не го „пополниме имунитетниот јаз“). Со други зборови, додека повторно не се воспостави еколошката рамнотежа меѓу човекот и вирусите. Ова „исплаќање“ на „имунитетниот долг“, се проценува дека не може да трае подолго од една, најмногу две сезони.
Затоа, неодамна, на една телевизија изјавив дека тоа што половина од учениците кашлаат и шмркаат или дури и покачена температура имаат, заради што треба да поседат малку дома, всушност, претставува „инвестиција во нивното здравје“! Зошто инвестиција? Затоа што, колку почесто бидат во контакт со вирусите, толку нивниот имунитет повеќе ќе јакне, ќе станува сѐ поспособен за идни предизвици во животот.
Оваа ситуација не е без ризици за старите, изнемоштени лица и хронично болните, особено оние со нарушен имунолошки систем – независно од возраста. Препорачливо е тие да носат маски во затворен простор, ако има повеќе луѓе и да се вакцинираат против грип и/или корона. Зашто, тоа за нив живот значи.
Сите други, културно е, ако кашлаат и киваат, да си стават маска кога се движат во затворен простор и да останат дома, ако имаат покачена температура. Тоа го викаме „респираторен бонтон“. Што зависи од нашата совест.