Енуреза – сигнал за паника или не?

0

Енурезата претставува несакано мокрење во кревет за време на сонoт кај децата постари од 5 години. Таа е чест проблем во детството, иако најчесто се работи за бенигно пореметување, сепак делува негативно и фрустирачки како за детето, така и  за семејството.

Постои варијабилност во однос на времето кога децата научуваат да го контролираат мокрењето. Најчесто, прво се постигува дневната контрола на мокрењето, а потоа и ноќната, но кај некои деца тоа се случува истовремено.

На возраст од 3 години приближно 95% од децата постигнале дневна контрола на мокрењето, додека ноќната контрола се постигнува околу 5-тата година, но не е невообичаено периодот на воспоставување на истата да трае и до 7-та година. Кај девојчињата континенцијата се развива порано од машките.

Доста често се јавуваат транзиторни инконтиненции во период на постигнување на контрола на мокрењето, кои не се патолошки и не бараат никаков третман.

Енурезата најчесто е ноќна, но може да биде и дневна која се јавува во текот на дневното спиење на децата. Постои и т.н. диурална инконтиненција, што претставува неволево мокрење во текот на целото деноноќие.

Разликуваме  примарна и секундарна енуреза која се јавува понајмалку 6 месечен период на сувост.

Децата кои имаат само енуреза, без придружни симптоми на дисфункција на долниот уринарен тракт, имаат моносимптоматска енуреза, додека оние со придружни симптоми – полисимптоматска енуреза.

Тие придружни симптоми може да бидат: зголемена или намалена фрекфенција на мокрење, симптом на итност, потешкотии при отпочнување на мокрењето, слаб или испрекинат млаз, чувство на некомплетно празнење, капење при крајот на уринирањето, болка во гениталии…

Дневна или диурална инкoнтиненција

Се јавува кај деца постари од 4 години, кои се инконтинентни барем неколку пати седмично или пак кај деца кои претходно биле континентни. Приближно 5 % од децата на возраст од 5-7 години  имаат барем еднаш неделно дневна инконтиненција.

Најчести причини

Синдром на мрзлив мочен меур – волево задржување на урината,за да не ја прекинува играта, детето не сака да оди во тоалет. Тоа постојано се држи за перинеалната регија и е вознемирено .

Таквите деца треба почесто да се тераат да одат во тоалет.
Нестабилен мочен меур –  постои неволева контракција на детрузорот на мочниот меур поради што детето често клекнува за го спречи умокрувањето.

Добро реагираат на лекови кои ја намалуваат контракцијата на мочниот меур Детрузор – сфинктер дисинергија

Рефлукс и рест урина по микција

Констипација – акумулација на фекални маси може да предизвика контракција на детрузорот

Уроинфекции

Стрес инконтиненција, невроген мочен меур Енуреза асоцирана со смеење – при смеење и кикотење не може да се контролира микцијата поради недостиг на централна регулација

Рефлукс на урина во вагината – капење на урината по завршување на микцијата
Опструкција на уретрата и ектопичен уретер

Дијабетес мелитус и дијабетес инсипудус

Најчесто децата со дневна енуреза имаат нормална анатомска градба на уринарниот и нервниот систем. Причината е физиолошка и бихевиорална дисфункција. Истовремено неретко се јавува и цревна дисфункција (констипација и енкопреза).

Ноќна инкoнтиненција

Ноќната енуреза е почест и позначаен проблем кај децата (20% од 5 годишните деца и двојно помалку кај 10 годишните) и адолесцентите (2%), посебно кај машката популација.

Со возраста постои тенденција кон спонтано излекување, но околу 2-3 % остануваат енуретични и во адултна возраст.

Етиологијата на ноќната енуреза е мултифакториелна со интеракција на генетските и факторите на околината.

Типови на ноќната енуреза

примарна ноќна енуреза – нејзиното настанување може да се поврзе со позитивната фамилијарна анамнеза, ноќна полиурија, разни пореметувања на сонот, како и хромозомите 12, 13 и 22.

Повеќе од половина од децата со ноќна енуреза имаат пореметен циркадијален ритам во лачењето  на антидиуретичен хормон (АДХ), со ниски ноќни вредности и ноќна полиурија.

Не е мал и бројот на децата со ноќна енуреза кои имаат  контракција на детрузорот во текот на сонот со смален функционален капацитет на мочниот меур, додека истите кога се будни немаат никакви проблеми.

Поновите истражувања во областа на оваа проблематика ни говорат за една друга етиологија на проблемот. Тоа е вегетативниот нервен систем, кој како единствена причина ги обединува досега спомнатите патфизиолошки механизми на енурезата. Како дополнителни ризик- фактори може да ги земеме и заостанувањето во менталниот развој, честата опстипација, невролошки дисфункци, ’рчење во сон, ноќна апнеа.

Секундарна ноќна енуреза– како резултат на повторувачки уроинфекции кои водат до привремена дисфункција на сфинктерот кај децата, дијабетес мелитус, дијабетес инсипидус, стресот и другите психопатолошки состојби.

Енурезата како хетерогена категорија, вклучува  поголем спектрум на пореметувања со различни патофизиолошки механизми. Дијагнозата, како и водењето на најголемиот дел од енуретичните деца може да се одвива на ниво примарната заштита, додека децата кај кои постои сомнение за асоциран медицински проблем треба да се упатат на детално уролошко испитување.

Семејствата на енуретичните деца како и самите пациенти треба да се едуцираат околу нивниот проблем, за да можат активно да се вклучат во планирањето и изведувањето  на третманот на лекување.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијали цели и/или реемитување-

Д-р Мирослав Бошковски е роден на 15.01.1985 год. во Куманово, каде го завршува своето основно и средно образование. Дипломира на Mедицинскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје во 2010 год, отсек Општа медицина. Учесник е на повеќе семинари и работилници и активно ги следи новитетите од областа на медицината. Одлично говори англиски и српско-хрватски јазик, а има познавања и од француски, шпански и словенечки јазик. работно искуство: Од јуни 2010 до јули 2011 работи во Витафон - Скопје, како лекар консултант. Тука се стекнува со големи знаења од областа на виброакустиката и нејзината примена во медицината. Од јули 2011 год. до денес работи во ПЗУ Д-р Гиевска, во Куманово како доктор по општа медицина во примарна здравствена заштита. моментален ангажман: ПЗУ Д-р Гиевска, доктор по општа медицина во примарна здравствена заштита. -Имам огромна чест и задоволство да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Оваа веб страница нуди огромен број на интересни информации, нови медицински достигнувања и откритија корисни како за пациентите, така и за нас здравствените работници. Читајте Доктори.мк и секако применете барем нешто од напишаното!