Зошто кашламе?

0

Есента е во полн ек, а пациентите мора да обрнат внимание на своето здравје и да се подготват за временските варијации. Со честите температурни разлики, кои понекогаш одат и до 10 Целзиусови степени, доаѓаат и честите респираторни инфекции пратени со кашлица.

Што се случува при кашлањето?

Повторувачка, неочекувана, досадна.Така пациентите ја дефинираат кашлицата која претставува прв и доста важен аларм дека нешто се случува во нашиот респираторен систем, почнуваќи од кашлица предизвикана од моментална иритација на дишните патишта, до сериозен симптом на болест. Кашлицата е природен одбранбен рефлекс кој настанува на следиот начин: со поголемо вдишување на воздух поради затворање на глотисот и со контракција на мускулите, поголемо количество на воздух останува заробено во градите со што се зголемува притисокот на воздух во градите. Тоа предизвикува брзо отварање на глотисот со експлозивно ослободување на заробениот воздух и исфрлање на наталожениот секрет.

iFrame

видео – механизам на кашлање

Типови кашлица

Разликуваме сува и продуктивна кашлица според тоа дали имаме исплувок или не, што претставува значаен податок да дијагностицирање на пациентите. Должината да траење на кашлицата е дијагностички релевантна при што разликуваме

  • акутна кашлица со времетраење до три недели,
  • субакутна кашлица со времетраење од три до осум недели и
  • хронична (перзистентна ) која трае подолго од осум недели.

Другите симтоми кои ја придружуваат кашлицата, помагаат во полесно дијагностицирање на типот на заболувањето.

Мора да се обрне внимание дека кашлицата претставува симптом, а не болест.

Причини

Продуктивна кашлица

Продукцијата на слуз може да потекнува од белите дробови или да се слева од синусите или носот по задниот дел од грлото. Во овие случаи од голема важност е да се исфрла собраниот секрет со што ќе се оневозможат услови за прогресија на инфекцијата, а ќе се овозможат услови за нормална размена на кислород со јаглерод диоксид. Како причинители на продуктивна кашлица можат да се наведат:

  • Вирусни заболувања како обичната настинка, каде неретко се слева секрет од задниот дел на грлото,
  • Бактериски, вирусни и габични заболувања на горниот и долниот дел од респираторниот систем, како што се синузитис, бронхитис, пнеумонија, туберкулоза или ларинготрахеобронхитисот ( круп ) кој се карактеризира со кашлица што звучи како лаеж,
  • Хронични заболувања на белите дробови, како што е Хроничната Обструктивна Белодробна Болест ( ХОББ ), Хроничниот бронхитис, се влошуваат кога настанува инфекција,
  • Кај пушачите кашлицата е честа, поради надразнувачкото дејство кое го имаат цигарите и оштетувањето на белодробното ткиво кое тие го предизвикуваат.
  • Кај Гастроезофагеалната рефлуксна болест, желудочната киселина се враќа назад во езофагусот и доаѓа до постојана кашлица поради иритацијата на грлото кое го прави таа.

Непродуктивна кашлица

Непродуктивната или сува кашлица најчесто се јавува после изложување на некој иритант, како прашина или чад, или при крајот на обичната настинка. Како причинители на непродуктивната кашлица се набројуваат:

  • Астмата, придружена со хронична сува кашлица, визинг, губење на здивот,
  • Алергиите се чести причинители, особено алергискиот ринитис придружен и со кивавица,
  • Вдишување на страно тело, особено често кај мали деца,
  • Изложување на прашина, чад, хемикалии во работната средина.
  • Кај околу 10% пациенти со покачен крвен притисок кои се на терапија со АКЕ инхибитори, (како Еналаприл, Лизиноприл, Каптоприл) еден од несаканите дејства е токму хроничната непродуктивна(сува) кашлица.

Акутна кашлица

Акутната кашлица настанува наеднаш, не трае подолго од три недели и најчесто е предизвикана од воспалителна етиологија. Синузитисот, акутниот бронхит, пневмонијата, без разлика дали се причинети од бактерии, вируси или габи освен терапијата препишана за инфективниот агенс кој ги предизвикува, потребна е и симптоматска терапија. Доколку искашлокот е густ и мукозен тогаш се препорачува користење на експекторанси и муколитици, со што го слузта станува помалку вискозна и се олеснува нејзиното искашлување.

Хронична кашлица

Хроничната кашлица трае повеќе од осум месеци и предизвикува истоштеност, потење, проблеми со спиењето, намалена работоспособност, вртоглавица, повраќање и во најлош случај и фрактура на ребрата. Астмата, инфекциите на респираторните патишта, АКЕ инхибиторите (дел од антихипертензивната терапија) ,хроничниот бронхитис и ХОББ се дел од причинителите на хронична кашлица. Пушењето на цигари може да предизвика хронична кашлица поради оштетувањето на белодробното ткиво. За супримирање на кашлицата се користат антитусици, особено доколку се работи за сува и надразнувачка кашлица. Нормално, наједноставен начин за да се превенира акутната кашлица да премине во хронична е да се избегнуваат алергените, да се прекине со пушењето и да се внимава да не се влошува здравствената состојба.

Посебни видови на кашлица се:

  • Пертусис-предизвикана од сериозна инфекција која доведува до силна , исцрпувачка кашлица која е елиминирана благодарение на вакцинацијата.
  • Кашлицата  може да биде предизвикана од карцином на белите дробови каде освен кусок на здивот, губење на телесната тежина, главен симптом е кашлицата која има примеси на крв.
  • Заболувањата како саркоидоза, бронхиектази, цистична фиброза исто така предизвикуваат кашлица и при дијагностицирањето треба да се обрне големо внимание на времетраењето на кашлицата, изгледот и обемот на исплувокот и придружните симптоми.

Природни лекови

За смирување на кашлицата пробајте со чај од босилек, листовите од сушен босилек потопете ги во зовриена вода и оставете го чајот во затворен сад околу десет минути. Исто така како природен лек против кашлица се препорачува да се земат две лажички мед измешани со пола чаша сок од портокал кои делуваат на намалување на кашлицата. Чајот од бел слез го олеснува искашлувањето и се препорачува кај продуктивна кашлица. Мешавина на 5мл сок од кромид, со 10мл мед  два пати дневно е одличен сируп против кашлање.

Јавете се на лекар

Во секој случај потребно е да се обрне внимание на предизвикувачот на кашлицата и кога него ќе го отстраниме, кашлицата ќе престане.  Разговарајте со вашиот матичен лекар при секоја сомнителна кашлица, се со цел да стигнете до права и брза дијагноза.

-авторски текст , не смее да се корристи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Моника Самарџиоска е родена на 12.09.1984 год. во Прилеп, Република Македонија, каде го завршува своето основно и средно образование. Во 2009 год. дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. За време на студиите волонтира во студентскиот сојуз и во невладини организации во повеќе наврати, како: волонтер во IFMSA (програма за студентска размена) - 2007 г.; волонтер на Одделот за општа хирургија, Медицински универзитет, Вроцлав – Полска, како дел од програмата за студентска размена - август, 2008 г.; волонтер на 58-мо Генерално собрание на IFMSA - август, 2009г); волонтер во „Националната фондација за трансплантација“. Одлично го познава англискиот јазик, а го изучува и германскиот. Љубител е на планинарење и промовира здрав начин на живот. -Многу ми се допаѓа сајтот затоа што е забавен, поучен и информативен. Доброто здравје треба да се одржува и почитува затоа што здравјето не го цениме доволно се додека не го изгубиме.