Интересни факти за метеопатијата

0

 

Метеопатија – Пречувствителност на временските услови

Сите ние ги чувствуваме наглите временски промени кои помалку или повеќе влијаат врз нашето здравје. Временските разлики, кога за еден ден се изменуваат две годишни времиња, си го прават своето: кај здравите луѓе се јавуваат тегоби кои до тогаш ги немале, а хронично болните се соочувааат со влошување на нивната здравствена состојба. Најпогодени се жените во менопауза и секако хроничните болни кои секојдневно примаат терапија. Преминот од ладно кон топло време, од дождлив период кон сонце, создава поголеми непријатности отколку во спротивниот случај. Скоро половина од светската популација страда од метеопатија, која се уште не добила официјално место во медицината и покрај тоа што метеоролошките услови имаат големо влијание врз нашето здравје.

На што се жалат метеопатите?

Од меланхолија, поспаност, главоболки и депресија кога врне дожд, до раздразливост, варијации во крвниот притисок и нервоза кога има температурни промени – тоа се само мал дел од симптомите на кои се жалат метеопатите. Лицата кои хронично страдаат од низок крвен притисок се жалат на поспаност, мрзоволност, намалена концентрација и енергија поради поизразената хипотензија. Лицата кои страдаат од покачен крвен притисок чувствуваат неодредена непријатност, несоница, главоболка, гушење поради поизразената хипертензија. А, ревматичните болни пак, се чини дека страдаат најмногу, болките во коските и зглобовите стануваат неподносливи и често знаат да не реагираат на терапија.

Како да се справиме со метеопатијата?

Ние лекарите препорачуваме:

  • Кафето заменете го со зелен чај, бидејќи содржи кофеин и полифеноли кои се силни антиоксиданси и не само што ќе ве освежи и ќе ви ја подобри концентрацијата, туку и благопријатно ќе делува врз крвниот притисок и шеќерот во крвта;
  • Студените и слатките пијалоци, вклучувајќи го и алкохолот, заменете ги со многу вода и незасладени билни чаеви, бидеќи една од можните причини за главоболка и низок крвен притисок е и дехидратацијата;
  • Мрсната храна заменете ја со риба и морска храна, житарици, млечни производи со низок процент на масти и верувајте нема да згрешите;
  • Тортите, колачите и чипсот заменете ги со една убава голема порција овошна салата и неколку порции салати од разни видови зеленчук, како краставичките, доматите и зелката;
  • Секојдневниот стрес и стресот на работното место заменете ги со малку мир и тишина, посветете си дел од денот за релаксација и одмор, дремка, топла бања, тивка музика, а се препорачува и мала прошетка во попладневните часови. Јогата и медитацијата почнуваат се почесто да се практикуваат и кај нас, како дел од современото справување со стресот.

Сепак, мора да се земе во предвид и дека неодредените симптоми на замор, главоболки и вртоглавици, промените во расположението и сл. можат да бидат симптоми во прилог на некоја посериозна болест. Затоа истите треба да се сфатат сериозно и да се побара помош од лекар, кој темелно ќе ја процени вашата здравствена состојба.

Д-р Моника Самарџиоска е родена на 12.09.1984 год. во Прилеп, Република Македонија, каде го завршува своето основно и средно образование. Во 2009 год. дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. За време на студиите волонтира во студентскиот сојуз и во невладини организации во повеќе наврати, како: волонтер во IFMSA (програма за студентска размена) - 2007 г.; волонтер на Одделот за општа хирургија, Медицински универзитет, Вроцлав – Полска, како дел од програмата за студентска размена - август, 2008 г.; волонтер на 58-мо Генерално собрание на IFMSA - август, 2009г); волонтер во „Националната фондација за трансплантација“. Одлично го познава англискиот јазик, а го изучува и германскиот. Љубител е на планинарење и промовира здрав начин на живот. -Многу ми се допаѓа сајтот затоа што е забавен, поучен и информативен. Доброто здравје треба да се одржува и почитува затоа што здравјето не го цениме доволно се додека не го изгубиме.