Матични клетки од млечните запчиња можат да спасат живот – вистина или мит?

0

Maтичните клетки кај повеќеклеточните организми имаат исклучителен потенцијал да се развиваат во специјализирани клетки со карактеристики на различни други клетки и ткива. Тие служат како еден вид обновувачки систем на телото. Се разликуваат од другите клетки по две карактеристики:

  • Прво, тие се неспецијализирани клетки способни да се обноват самите себе преку клеточни делби, понекогаш дури и после долг период на неактивност;
  • Второ, под одредени физиолошки и експериментални услови, можат да бидат поттикнати да станат ткиво/орган специфични клетки со посебни функции.

Кај цицачите постојат два типа на матични клетки: ембрионални и соматски (адултни).

Матичните клетки – центар на интерес во модерната медицина

Во последнава деценија матичните клетки се центар на интерес во регенеративната медицина и се повеќе и повеќе нивната колекција уште при самото раѓање претставува рутинска и голема инвестиција на секој родител за своето дете. Извори за колекција на матични, мултипотентни клетки се крвта од папочната врвца (при самото раѓање) и коскената срцевина.

 

Во поново време се почести се испитувањата на пулпата на млечните заби и умниците со незавршен раст на коренот, која претставува богат извор на плурипотентни матични клетки. Ова особено е значајно за оние родители кои порано немале можност за собирање и банкирање на матични клетки од папочната врвца при раѓањето на нивното дете и претставува втора можност за собирање драгоцени биолошки ресурси на матични клетки.

Матичните клетки од млечните заби имаат потенцијал за диференцијација во повеќе типови на клетки

Научниците идентификувале мезенхимален тип на матични клетки во забната пулпа. Овој тип на матични клетки има иден потенцијал да се диференцира во повеќе типови на клетки, и тоа:

  • кардио миоцити – за обнова на оштетено срцево ткиво по срцев удар;
  • неврални – за регенерација на нерви и мозочно ткиво, на пример по мозочен удар;
  • миоцити – за регенерација на мускули;
  • остеоцити – за обнова на коска;
  • хондроцити – за ‘рскавица и лигаменти;
  • адипоцити – за масно ткиво;
  • за коски и ткива од усната шуплина.

Понатамошните истражувања ќе покажат дали овие клетки ќе можат да се употребуваат во терапија на претходно споменатите состојби, како и на некои болести:

  • Дијабетес (шеќерна болест);
  • Паркинсонова болест;
  • Алцхајмерова болест;
  • Лекување на заби и болести поврзани со забите и др.

Млечните заби – едноставни за колектирање

Се повеќе медицински истражувачки компании вложуваат во испитување на овој вид извор, кој би можел да стане доминантен поради неинвазивното колектирање на клетките (млечните заби секако се фрлаат по нивната екстракција, како и умниците во подоцнежна возраст). Од друга страна, за родителите тоа звучи како одлично здравствено осигурување – банкирање на матични клетки собрани од млечни запчиња на деца од 6-13 годишна возраст во периодот на нивна природна замена и испаѓање (како и кај адолесценти при екстракција на умници со недозавршен раст на корените), со можност за нивна употреба доколку детето развие некоја болест во иднина (секако со надеж дека никогаш нема да треба да ги употребат). Денес, во светот постојат многу такви банки за собирање, обработување и презервирање на матични клетки и нивно чување за евентуална понатамошна употреба во третман на разни состојби и заболувања.

 

 

Истражувањата за матичните клетки се во почетна фаза

Меѓутоа, за жал истражувањата се се уште во почетна фаза, така што терапии кои би ги вклучиле овие матични клетки од забите, се уште не се развиени и најверојатно ќе поминат уште многу години додека се дојде до конечни резултати. Експертите во оваа област се уште се скептични во однос на банкирањето на клетки од забите поради фактот што тие се клетки од мезенхимално потекло и можеби нема да можат да се употребуваат во поголеми животозагрозувачки процедури, како што се веќе познатите болести кои денес се третираат со матични клетки со потекло од папочната врвца на пример. Но, сепак останува на науката, новите технологии и инвестирањето во здравството, да покажат дали млечните заби и умниците можат да придонесат во процесот на регенерирација на ткива и органи како и лекување на разни болести. Да се надеваме дека ќе успеат!

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Петар Вршковски, роден 1985 год во Битола, средно медицинско училиште-забен техничар завршува 2004, дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” - Скопје во 2009 год. Од 2010 работи во ПЗУ “Максидент- Вршковски“-специјалистичка ординација по максилофацијална и орална хирургија во Битола, а од 2011 год. е на специјализација по орална хирургија при Стоматолошкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј “- Скопје. Учесник е на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Доктори.мк е одличен начин пациентите да се запознаат со медицински поими и состојби, занимливи факти, интересни и корисни совети за животот, исхраната и здравјето, како и можност да лоцираат доктор или медицинска установа. Ја поздравувам оваа идеја и секоја чест на основачите за нивната амбициозност, креативност, фокусираност и посветеност. САМО НАПРЕД СО ГАЛОПИРАЧКИ ЧЕКОРИ!