Иако за мажите важи правилото на “Посилен пол”, сепак кога е во прашање здравјето, и тие како и жените се многу подложни на разни видови заболувања. Некои заболувања се поспецифични за жените, некои пак за мажите, јас денеска ќе обрнам внимание на машкото здравје и се она кое е потребно да се знае и парктикува, за еден маж да одгледува добро физичко и ментално здравје …
Да започнеме со здравјето на машките деца …
Ќе ги напоменеме само специфичните работи за здравјето на машките деца. Бидејќи многу од работите кои подоцна ќе ги споменеме за здравјето на возрасните мажи ќе важат и за децата …
Да, за соковникот и салатите, не за синтетичките витамини
Соковник во детството е одлична работа која сте ја направиле. Свежо цедените сокови од овошје, но и од зеленчук се вкусни и многу здрави. Детето кое јаде салати, овошје и пие свежо исцеден сок, а притоа нема некакво заболување, нема никаква потреба од дополнителни синтетички витамини или минерали!
Заборавете на диетите до крајот на пубертетот
Во ниеден случај немојте да ставате на диета дете во предпубертетска или пубертетска возраст без надзор од лекар и нутриционист. Секоја храна е важна, па дури и масната за овој период од животот, и затоа ако вашето дете има проблеми со телесната тежина, посетете лекар, направете хормонски и други биохемиски анализи, а потоа посетете и нутриционист, кој ќе ви предложи специјална диета за дете во овој период од животот.
Преглед на очи и слух пред прво одделение
Прегледот на очите и слухот се важни и за машките и за женските деца пред прво одделение. Многу неуспеси на училиште се должат на неможност да се следи наставата поради оштетување на некој сетилен орган. Децата сами не би можеле да го забележат овој проблем во таа возраст, затоа е неопходен преглед една година или неколку месеци пред детето да заплови во училишните води.
Лабораторија на крајот на секоја учебна година
Многу болести се подмолни во училишниот период. Затоа е важно на крајот на секоја учебна година да се направи лабораториски преглед, за ако се открие некакво пореметување во параметрите да има време за дополнителни анализи и терапија во текот на летото, за да може детето здраво да се врати во училишните клупи.
Внимателност кон здравјето на половите органи кај машкото дете
Уште во периодот од неколку години по раѓањето кај машкото дете мора да се следи растот и развојот на половите органи, и тоа не само од педијатар туку и од самите родители кои секојдневно го облекуваат и бањаат. Голема бројка на мажи остануваат неплодни како резултат на пропуст на контролата на половите органи од страна на родителите, или ненавременото барање на стручна помош.
- Неспуштен тестис или мобилен тестис, мора да се дететктира уште во првите години од животот, затоа контролата од педијатар и од родител е најважна. Ако тестисот е неспуштен и навремено се спушти, неговата функција ќе биде зачувана. Во спротивност, телесната температура може да го уништи.
- Неправилен извод на уретрата (хипо/хиперспадија), ова е состојба кога изводот на уретрата(отворот на пенисот) е некаде над или испод пенисот, а не на врвот како што е нормално. Отворот може да е само малку поместен, но неправилна, проширена или стеснета форма, што би предизвикало постојано капење, неправилно или неможно истекување на урината. Оваа состојба не е животно загрозувачка, но може сериозно да влијае на самопочитта и сексуалниот живот на детето во иднина, а ако се открие навреме, хируршки лесно се лекува и се доведува до нормална состојба. Затоа се апелира до родителите чии деца имаат ваква состојба (која е честа), да не го откажуваат или одолжуваат третманот.
- Облека и температура, кога е во прашање половото здравје, се препорачува децата да се облекуваат во памучни комотни гаќички, не во типичните стегнати боксерки, кои можат да предизвикаат штета на тестисите. Исто како и за возрасните држењето на лап-топ во скут, или седењето врз печка треба да се избегнува, од истите причини. Треба децата да се научат зошто е тоа важно!
Во врска со самопрегледот на детето ќе важат истите работи што во понатамошниот текст ќе ги опишувам за возрасните, само што наместо самопреглед, децата дома се прегледувани од родителите …
Здравјето на возрасните мажи …
Ако веднаш го погледнете текстот или го прочитате, можеби одпрвин ќе си помислите дека ова што ви го опишувам едноставно не можете да го контролирате или пак дека е потребно да бидете лекар за да го направите, но верувајте дека не е така, се ова може да се види со само 15-минутен преглед, гол, пред големо огледало. И навистина е многу важно, бидејќи за да се јавите кај лекар, прво потребно е сами да го откриете проблемот, тој понекогаш е толку очигледен, а бара само малку време за себе …
Хигиена и самоконтрола
Многу пати сме се прашале, нормално ли е секојдневно да се тушираме, како правилно да одржуваме хигиена. Ова можеме накратко да го одговориме и нагласиме, затоа што е многу важно. Да се истуширате неколку минути секој ден, утро или вечер не е штетно доколку секогаш не користите козметички сретства и шампони. Претерувањето со сретствата за хигиена може да биде многу штетно, па дури и опасно за кожата. Затоа ви нагласуваме, вие можете да се туширате и по неколку пати во денот, но тоа правете го рутински 4-5 минути и не секогаш со шампони и гелови за туширање. Деталното чисење се препорачува да го правите само 2-3 пати во неделата и ништо повеќе.
Самопреглед по хронолошки ред
Самопреглед на главата
За да се самопрегледаме, секогаш е потребен некој ред. Да започнеме од главата. Само прегледот ќе ви одземе 2-3 минути, а е многу важен. Фрлете поглед на зениците, на белките. Дали се чисто бели? Ако забележите жолтило, пукнат капилар или поголема прокрвавеност, побарајте преглед. Потоа погледнете ги усните и јазикот. Забележете му ја бојата и влажноста. Ако бојата е нетипична јазикот и устата изгледаат суви и испуцани, а тоа се повторува често, побарајте лекарски преглед. Бојата на лицето е важна. Вие најдобро знаете каква боја на лицето имате, и дали во моментот сте повеќе бледи или вцрвени. Ако подолг период забележите промени на бојата, побарајте преглед. Чистењето на ушите е важно, но се препорачува со мека памучна крпа (односно со крајчето), не со ушни стапчиња, уште помалку со предмет. Ако забележите истекување од ушето, крв или други нетипични промени побарајте преглед од лекар.
Самопреглед на вратот
Овде нема потреба од многу пишување. Едно е важно да го опфатите вашиот врат со двете раце нежно, да го допирате и да забележите евентуални промени од типот на мали топчести форми во бочните делови или евентуална несиметричност. Ако од тоа нешто забележите побарајте лекарски совет и преглед.
Смопреглед на граден кош
Тоа што немате дојки, не значи дека немате ризик од карцином на дојка. Добро претиснете го пределот околу брадавицата. Особено ако имате помасивно ткиво во овој предел. Ако забежежите некаква топчеста формација, без разлика дали е болна или не побарајте лекарски совет или преглед. Исто така побарајте преглед ако брадавиците, болат, крвават или ако истекува некаква течност. Пред да поминете надолу забележете ја и пигментацијата, промената на пигментацијата исто така е причина за преглед од страна на стручно лице т.е. матичен лекар.
Самопреглед на абдомен (стомак)
Само минута-две фрлете на стомакот. Допирајте го насекаде. Дали некаде чувствувате болка? Дали некаде чувствувате чудна маса која претходно не била таму (без разлика болна или не болна)? Дали има промени во некој дел од стомакот од типот на црвенило, модрило? Дали имате широки или виолетови стрии? Погледнете го и папокот. Не заборавајте ги бемките. Ако нешто од ова го забележите или некаква друга чудна промена. Побарајте што поскоро лекарска помош.
Самопреглед на полови органи (пенис и тестиси)
Многу важен дел од прегледот кај мажот. Пенисот земете го во левата рака, повлечете го препуциумот(кожичката) до крај, и разгледајте минута-две. Дали главата на пенисот е мазна и нормална како претходно? Важно е да се забележи било каква промена, особено е важно да се јавите на преглед ако имате било каква раничка која се јавила на главата на пенисот! Дали можете да ја повлечете кожичката до крај? Дали под кожата се забележува бела материја (смегма)? Ако сте забележале смегма тоа е знак дека треба да обрнете поголемо внимание на хигиената, ако пак кожичката не се повлекува до крај, побарајте помош од уролог! Тестисите мора да се самопрегледуваат еднакво често кај мажот како што треба да се самопрегледуваат дојките кај жената. Важно е ова да им се каже и на тинејџерите особено на мажите во период од 18 до 30 години бидејќи ракот на тестис е многу почест кај младата популација. Како да се самопрегледате? Посе туширање, застанете пред огледало, земете го со рака прво левиот, потоа и десниот тестис и појдете од горе до долу со благо претискање и движење низ него. Ако забележите нерамнина или болен допир на одреден дел, веднаш побарајте преглед од матичен лекар. Не заборавајте да го погледнете и скротумот (кожата која ги прекрива тестисите) интензивно црвенило, перутење, како и модреникава боја се индикации за преглед од лекар.
Самопреглед на екстремитети (раце и нозе)
Добро погледнете ги, дали забележувате некоја несиметричност, оток или модрило? Дали има болка на допир? Добро претиснете од врвот па до дното на екстремитетот. Ако забележите некаква промена веднаш побарајте лекарски преглед.
Самопреглед на измет
Можеби ќе ви изгледа глупаво, но ова е можеби еден од најважните симптоми и дијагностички знаци во медицината. После секоја дефекација(одење во WC), погледнете во WC школката. Морате да ја забележите, бојата и мирисот, што е од исклучителна важност. Најважно е пред се да забележите дали изметот плива над водата. Ако плива и уште има бледа, жолта боја (налик на банана) потребна е лекарска контрола, заради можни пореметувања на варењето, апсорпцијата или панкреасот. Примесите од крв се секогаш индикација за преглед, како и темиот измет налик на јаглен. Ако имате било какви чудни промени, дијареа (пролив) или неможност за исфрлање на изметот повеќе од 4-5 дена задолжително барајте преглед од матичен, а подоцна и од специјалист.
Самопреглед на урина
Самопреглед на урина кај мажите е многу едноставна работа кој можете да ја направите за време на уринирање, со оглед на тоа што во текот на целиот акт на уринарење можете да ја набљудувате урината, за разлика од жените каде што е малку потешко. Бојата на урината е променлива во зависност од рехидратацијата на телото и варира од светло бела па се до темно жолта. Нормалната би требало да биде светло жолта, но при интензивно внесување на телности (особено вода, пиење на големи количини на пиво) таа ќе биде светло бела и обилна. Морате да забележите промени на боја и мирис. Ако забележие црвена урина пред, завреме на, и по уринирањето треба да побарате лабораториски преглед. Исто така е важно и ако имате често темно жолта боја (боја на чаѓе) или ако многу често имате потреба за обилно уринарење без посериозно внесување на течности. И овие состојби бараат лабораториски преглед. Средновечните мажи често можат да имаат и симптоми на печење или прекинување на млазот за време на уринирање, во тој случај е неопходен преглед кој треба да се направи што поскоро. Капењето, прскањето или испрекинувањето за време на уринарење кај децата, па и кај возрасните исто така бара преглед од педијатар, детски хирург или уролог(ако се работи за возрасни). Непријатен мирис може да даде некоја храна, или таблети, но доколку чувствувате необичен мирис на урината без да земате нешто необично побарајте лабораториски преглед.
Самопреглед на сперма
Уште од почетокот на пубертетот мажите имаат увид на бојата, количината, густината и мирисот на спермата. Во следната ситуација кога ќе имате можност, забележете ги горенаведените параметри. Особено важно е да се јавите на преглед ако имате примеси на крв, жолтило или друг тип на промена на боја. Количината и густината зависат од тоа пред колку време порано имало исфрлање на сперма. Зголемување на густината и количината. растат право пропорционално со времето. Појавата на несекојдневен и неспецифичен мирис, како и болка при ејакулација бараат лекарски преглед.
Лекарски преглед кај мажите бараат и следниве состојби:
- Несекојдневно обилно потење
- Нагло растење на телесна тежина
- Гагло губење на телесна тежина*
- Еректилна дисфункција (особено губењето на нормална утринска ерекција)
- Формации на било кој дел од телото
- Болка во било кој дел од телото
- Губење на чувство за допир
- Вртоглавици
- Полиурија(претерано мокрење), полидипсија(претерана жед), полифагија(претерана глад) и сл.
*Наглото губење на тежина е особено важен индикатор може да укажува на многу заболувања и треба сериозно да се земе во предвид и да се бара преглед
Важно е да нагласиме дека што и да забележите од ова кое ви го напишав, немојте да паничите веднаш и да си помислувате на многу сериозни заболувања, но и немојте да игнорирате и да одолжувате. Ако само еднаш во неделата одвоите 15-20 минути за да ги забележите овие работи кои ви ги набројав погоре во статијата, ќе можете да забележите почетна појава на било кое заболување и адекватно да го излекувате без посериозни последици.
Затоа мажи овој прирачник го наменив на вас, кај жените е доста слично, но има и некои разлики кои се важни, секако следниот прирачник ќе биде наменет за нив …
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-