Безгрижните детски игри, веселиот детски џагор и насмевките на малите деца не потсетуваат на среќата и енергичноста од тој период на животот. Брзите, енергични и непромислени дејства можат да ги доведат децата до неочекувани падови и повреди, некогаш помалку незначајни, но некогаш доволно сериозни и важни што од нас ќе се бара брза, правилна и медицински оправдана постапка од прв степен, се со цел повеќе да се редуцираат штетните последици со кои подоцна би се соочиле.
Што е тоа авулзија на заб?
Авулзија претставува трауматско избивање на забот од забната алвеола поради дејство на физичките сили во лицевата регија, особено во пределот на вилиците. Статистички гледано, оваа повреда најчесто се случува на возраст од 2-3 години – додека детето е во фаза на осознавање на моторните движења, а вториот најчест период е од 6-10 години – што.претставува период на еруптивна фаза на трајните инцизиви.
Податоците од научно-истражувачки испитувања во САД укажуваат на податокот дека во 7-13% авулзијата се случува на млечната дентиција, додека 0,5-16% на трајната дентиција. Предните максиларни инцизиви се најчесто експонирани поради антериорната поставеност, додека нивната протрузија дополнително го зголемува ризикот за нивно избивање за 4-7пати.
Иако повредите на забите не се опасни по животот, сепак многубројните компликации кои можат да се провлечат по ваква појава (апцеси, флегмона, оштетување на трајните заби, иницирање ортодонтски аномалии) се доволно сериозни за да се посвети внимание на брзото и правилно интервенирање.
Kако да се постапи со авулзираниот заб?
Најзначаен фактор во тераписката постапка на реплантација (враќање на авулзираниот заб во алвеолата) претставува времето за кое забот се наоѓа надвор од алвеолата. Зошто е тоа толку важно? Забот за алвеолата е прицврстен со периодонтален лигамент кој претставува анатомо-морфолошка структура која во процесот на авулзија бива раскината, едниот дел останува на коренот на забот, додека другиот се уште е прицврстен за алвеолата. Времето како фактор е значајно заради биолошкиот интервал за можност за преживување на оваа структура, кој во одредени научни трудови е детерминиран на вредност од максимум 30-40 минути.
Најдобра помош што родителот може да ја преземе претставува непосредното враќање на забот во самата алвеола, под услов ако самиот заб кој е надвор од усната празнина претходно биде исчистен под многу благ млаз ладна вода (за да се елиминира евентуално контаминираната површина). Притоа строго е забрането механички да се допира и чисти коренскиот дел од забот затоа што така би дошло до уништување на останатиот дел од периодонталниот лигамент на коренот чие зачувување е пресудно за успешна реплантација. Откако ќе се реплантира забот, детето треба да загризе марамица, како би се зачувала положбата на забот додека пристигне до стоматолог. За оваа постапка многу родители поради паничната состојба не се чувствуваат доволно храбри и спремни од стручна гледна точка. Заради тоа потребно е веднаш детето да се однесе на стоматолог, кој ќе ја обави реимплантацијата на избиениот заб.
Како да се постапи со избиениот заб за време на транспортот?
Доколку е оневозможена реимплантацијата веднаш по избивањето на забот од било кои причини, најважно нешто што се акцентира е да не се оштетува маханички коренскиот дел од забот (да не се чисти механички), да не се става забот во сува марамица или газа затоа што така може да се иницира дехидратација на евентуално виталните клетки на периодонталниот лигамент и да не се натопува забот во раствор од антибиотици, алкохол и слично.
Наспроти ова, како медиум погоден за транспорт се смета влажна средина, и тоа млеко и евентуално физиолошки раствор.
Денес постојат фармаколошки припремени медиуми специјално за авулзирани заби, кои во високо развиените земји веќе се употребуваат како дел од медицинската прва помош.
Стоматолошка интервенција
Откако сето ова ќе биде спроведено од страна на родителот, понатамошната интервенција е од страна на стоматологот. Стоматологот анамнестички ќе се информира за времето на избивање и за загаденоста на местото каде настанала повредата, евентуално превенирајќи тетанус. Притоа стоматологот врши инспекција на алвеолата, евидентирајќи можни фрактури на коскената алвеола или лацерации. Потоа се отстранува создадениот коагулум во алвеолата и се врши нежно чистење на коагулумот со тампонче памук натопено во физиолошки раствор. Строго забрането е киретирање на празната алвеола заради можноста за повреда на остатокот од периодонталниот лигамент, а оправдано е
анестезирање заради непријатната болка при реимплантација. Откако ќе се реимплантира забот, потребно е детето во период од 15-20 минути да загризе ватеролна како би спречиле евентуално повторна екстурзија, па по овој интервал да се изврши фиксација со жичено-композитна лигатура која се носи 7-15 дена, период за заздравување и сраснување на периодонталниот лигамент. За овој период се става поголем акцент на одржувањето орална хигиена, а исхраната на детето е редуцирана на мека и кашеста храна.
По периодот на фиксација, во зависност дали се работи за заб со завршен или незавршен раст на коренот, следува соодветна ендодонтска терапија. Според една група автори реплантацијата на млечните заби не е оправдана заради можноста за инфекција на клицата на трајниот заб или самиот траен заб.
Доколку се работи за заб со незавршен раст, и доколку е запазен дозволениот перод на реимплантација од 2 часа, реваскуларизација на пулпата е можна и останува да се следи со испитување на виталитетот во период од 35 дена. Доколку нема реакција на дразбите, се установува потреба од ендодонтски третман со меки пасти на база на Са(ОН)2 – нестврднувачки меки пасти. Постојат дилеми во научната фела дали ендодонтскиот третман да се изврши пред или по реимплантацијата. Испитувањата покажуваат повеќе позитивни резултати на ендодонтската терапија по реимплантација што овозможува меѓувремено зараснување на периодонталниот лигамент и избегнување на медикаментното присуство во тек на зараснувањето.
Доколку се работи за заб со завршен раст, реваскуларизацијата на пулпата е невозможна. Тука инициран е ендодонтски третман по 2-3 недели од реимплантацијата.
Фактори за успех на реимплантацијата
Можноста за успех на реплантираниот заб зависи од многу фактори: времето како најважен фактор, медиумот за транспорт на авулзираниот заб, правилното место на реплантација, РТГ следењето на периапикалниот простор – без патолошки реакции, спроведениот ендодонтски третман и сраснувањето на гингивата околу реплантираниот заб.
Не можеме да ја превенираме спонтаноста на детската игра, но можеме да научиме како да се справиме со веќе настанатата штета, внимателно и без паника.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување