Како правилно да ги миеме забите?

0

Хигиената на устата е од огромно значење во профилактиката на забите и непцата. Најчест начин за отстранување на наслагите, а воедно и начин за одржување на основна усна хигиена е користењето на четка и паста за заби. Доволно е забите да се мијат 2 пати дневно, наутро и навечер, во времетраење од 3 до 5 мин. На секои три месеци, четката треба да се заменува со нова. Уште подобро е ако се користат 2 четки, едната за наутро, а другата за навечер.

 

Чистете ги забите со бавни кружни движења

За жал, повеќето луѓе ги четкаат своите заби неправилно, поточно користат хоризонтални движења. Запомнете: четката се држи под агол од 45 степени према линијата на непцата. Правете бавни кружни движења, внимавајќи притоа врвот од четката да го задржите на едно место. На секој заб треба се задржите околу десетина секунди.

Со бавни кружни движења се чистат лабијалните (надворешни) површини на забите. Подолгите снопчиња достигаат во просторот меѓу забите.

На ист начин чистете ги и оралните (внатрешните) страни на забите. Со движење на четката во правец напред – назад се чистат џвакачките површини на горните и долните катници.

ПРЕПОРАКА: Користете интердентални четки!

Кога забите се мијат со четка и паста за заби се чистат само три површини од забот (од вкупно пет). На останатите две (меѓу забите) површини им е потребна особена грижа, бидејќи таму најмногу се натрупуваат наслаги и храна.

Бидејки тие простори се тешко достапни за хигиена, се препорачува употребата на интердентални четки. Тие четки стигаат до аглите и вдлабнувањата на меѓузабните простори. На тој начин всушност се контролираат наслагите на местата кои не можат да се исчистат со конци.

Забните конци треба да се употребуваат во случаите каде има тесни меѓузабни простори.

За да се контролира квалитетното миење на забите и воопшто усната хигиена, може да се користат индикатори – различни таблетки или раcтвори кои ги обојуваат местата каде има наслаги.

Здрави заби за цел живот

Тоа не треба да е само мечтаење, туку ЦЕЛ кон која треба секој да се стреми. Тоа би се постигнало со два пати дневно миење на забите, користење конци за заби, правилно хранење и редовно професионално чистење на забите кај стоматолог.

Професионалното чистење на забите е манипулација која се изведува од вашиот стоматолог и вклучува отстранување на сите меки и тврди наслаги на забите. Манипулацијата се извршува со ултразвучни апарати, рачни инструменти, полирање со гумичка, четка и паста. Стремежот за отстранување на наслагите и забниот камен постои поради тоа што тие се основните фактори за пародонтопатии.

Грижата за забите резултира со: здрави непца, пријатен здив, бели заби и блескава насмевка.

Д-р Фросина Дајо родена e на 23 септември 1985 година во Охрид. Основно образование завршува во ОУ “Григор Прличев“ Охрид, во 2000 година. Во 2004 година е матурант во УСО “Св; Климент Охридски“ Охрид,природно-математичка насока. Потоа, се запишува на Медицински Универзитет Пловдив , Факултет за Дентална Медицина – Пловдив , Р.Бугарија. Дипломира во јуни 2010 со просек 9,62. Во текот на студирањето побудува особен интерес кон мобилната и фиксната стоматологија и денталната патологија. Уште како студент има учествувано на повеќе интернационални семинари и конгреси на кои соодветно се стекнува со сертификати... Лиценциран дентален лекар е во три држави : Р.Бугарија , Р.Македонија и Р.Словенија. Д-р Дајо , моментално, професионалната кариера ја продолжува во Р. Словенија, ЈЗУ “Трбовље“ - Љубљана . Во слободното време работи како дентален лекар во приватна здравствена установа во Љубљанска регија. Ужива во интересна книга, живописни глетки, во друштво на пријатни, искрени, оптимистички настроени и креативни луѓе. Одлично говори англиски , албански, бугарски, српско-хрватски и словенски јазик. -Чест и задоволство ми е што сум прв соработник во вашиот тим од областа на стоматологијата. Горда сум што тимот на овој сајт успева да биде чувар на човечкото здравје. Ги разјаснува заблудите кај пациентите, а воедно презентирајќи им ги новите откритија во сите медицински гранки. САМО НАПРЕД!!!