Ригорозната хигиена на рацете е една од основните мерки за заштита од SARS-CoV-2 вирусот. Овие неопходни мерки предизвикуваат оштетување на кожата на рацете, а со тоа и можност за појава на екцем (дерматит), особено кај лица кои веќе имаат сува кожа или хронични заболувања на кожата. За да се избеге појавата на екцем неопходно е кожата да се негува, а притоа да се запазат препораките за хигиена на рацете.
Докажано е дека рецепторите за SARS-CoV-2, познати како angiotensin-converting enzyme, се присутни во крвните садови на кожата, базалниот слој на епидермот, како и во фоликулот на влакната. За сега нема докази дека оштетена кожа може да биде влезна врата на инфекцијата. Сепак, на сила се препораките за хигиена на рацете, а кај професионално експонираните лица и носење на заштитни ракавици.
Практикување на добра хигиената на рацете
Познато дека SARS-CoV-2 вирусот може со часови да се задржи на кожата на рацете, од каде лесно може да се внесе во организмот при допир на усните, носниците или очите.
Светската здравствена организација (СЗО) и националните здравствени организации со месеци го едуцираат населението за техниките на миење на раце и употребата на десинфициенс. Тоа даде резултати и кај нас – се променија хигиенските навики кај сите категории на граѓани.
Треба да се напомене дека носењето на заштитни ракавици, како и користењето на дезинфициенс, не е замена на миењето раце. Во исклучителни ситуации (кога подолг период немате услови да измиете раце), а сте изложени на потенцијално контаминирани површини и предмети, може да нанесете дезинфициенс.
Постои навика да се нанесува дезинфициенс врз заштитните ракавици. Тоа треба да се избегнува, особено затоа што некои силни дезинфициенси го оштетуваат латексот.
Често се поставува прашањето дали треба да се користат специјални антимикробни сапуни. Преовладува стручното мислење дека поважно е да се придржуваме на техниката (миење 20 секунди, користење топла вода), отколку изборот на сапун.
Сепак, треба да се избегнуваат нежни сапуни или измивни средства кои содржат масла. Во март 2020, Британската асоцијација на дерматолози соопшти дека маслата инкорпорирани во сапуните може да задржат партикли од вирусот и да го отежнат нивното отстранување.
Причини за појава на екцем на раце
Во нормални услови, кожата на рацете е отпорна на надворешни влијанија (студ, вода, хемиски средства) поради дебелиот епидерм на дланките, како и поради присуство на масти – себум (продукт на лојните жлезди) на горната површина на рацете.
При зачестено користење на сапун, постепено се трошат мастите на површината и го олеснува навлегувањето на хемикалии во подлабоките слоеви на епидермот.
Дезинфициенсите (препарати базирани на алкохол, јод, хлорхексидин, хлороксиленол, триклосан), во концентрации потребни да го уништат вирусот, додатно ги отстрануваат заштитните масти и ги оштетуваат протеинските структури на кожата.
Иритантен и алергиски контактен екцем
Контактниот екцем е воспаление на кожата кое настанува како резултат на изложеност на хемиски средства. Тој може да биде иритациски (80%) или алергиски контактен дерматит (20%). Алергискиот контактен дерматит се јавува кај лица сензибилизирани на одредени состојки (никел, кобалт, детергенти, парфеми и тн).
Постои еден магичен круг – иритантниот дерматит е терен за појава на алергискиот, и обратно. Клиничката слика кај двете состојби е многу слична. За нивно разликување и прецизно дијагностицирање потребен е преглед од дерматолог и алеголошко тестирање.
Симптоми и знаци
Прв знак на тоа дека кожата на вашите раце е оштетена е сувост, јадеж и чувство на затегнатост, по што следи печење, појава на црвенило и лушпи. Често првите знаци се јавуваат во просторот меѓу прсите (интердигитален екцем) како место со најтенок епидерм (површен слој на кожата), но и место каде се здржуваат траги од сапуни и дезинфициенси.
При лошување, се појавуваат меурчиња, влажнење, пукнатини (рагади) и болка. Состојбата може да се комплицира со бактериски и габични инфекции, што се манифестира со засилена болка и оток на рацете, гнојна секреција, непријатен мирис на секретот, како и црвенило и болка околу ноктите.
Лица со ризик за појава на екцем
Поголем дел од населението, заради мерките на ограничено движење, ретко е изложено на потенцијално контаминирани површини, а со тоа и поретко има причина за миење раце. Но и кај нив, изложеноста на сапуни и детергенти е зголемена заради практиката на миење на продуктите внесени во домот.
Некои лица развиваат опсесивно однесување и прекумерна хигиена. Во многу земји веќе е регистрирана зачестена појава на екцем кај популација која не е професионално изложена.
Затоа пак, медицинските работници имаат голем ризик за појава на екцем. Во Кина 75% од здравствените работници вклучени во лекување на болните со COVID-19 имале оштетување на кожата.
Во овој период ризикот за екцем е зголемен и кај многу немедицински професии: хигиеничари, вработени во продукција и трговијата со храна, полицајци, одржувачи на редот, таксисти, шалтерски работници, превозници и тн.
Лица со хронични болести на кожата
Овде спаѓаат лица со болести кои ги зафаќаат дланките: хроничен екцем, псоријаза, пустулоза, ихтиоза и атописки дерматит. На ова листа може да се додадат лицата кои конституционално имаат сува кожа (ксероза) и возрасната популација.
Превенција на екцемот на раце
1) Темелно плакнење по употребата на сапун, за да се спречи негово заостанување во кожните набори. Кожата се суши со нежно бришење, а не со триење.
2) Кога постои опасност за контакт со заболени лица и контаминирани површини, треба да се користат силни дезинфициенси, а во вообичаени услови се препорачуваат поблаги дезинфициенси
3) По нанесувањето, дезинфициенсот треба да се остави да се исуши.
4) Да се нанесува крем / емолиент за раце, по можност после секое миење раце. Потребно е да се внимава да не се контаминира содржината на препаратот. Погодно е да се користат креми пакувани во туби или со посебни апликатори. Изборот на препаратот зависи од личниот избор, но и од цената. Подобро е да се избере крем кој може да си го дозволите, а при тоа да не го “штедите“. Додатен совет е да комбинирате скапи и ефтини препарати, кои наизменично ќе ги користите.
5) Во тек на денот да се нанесува нов слој на крем секогаш кога ќе се почувствува сувост на рацете.
6) Кај поголемо оштетување на кожата, се препорачува интензивна нега во тек на ноќта, со нанесување дебел слој крем, по можост со ставање памучни ракавици.
7) Треба да се избегнува прекумерна хигиена во домот. При користење на силни средства, да се користат винилни ракавици
8) Домот треба да се доживува како “чиста зона“, каде не е потребно често миење на рацете и користење на дезинфициенси.
Терапија на лесните форми на екцем на рацете
Во голем број случаи, спроведување на наведените мерки дава резултати. Доколку се работи за потешка форма на екцем, Вашиот матичен лекар може да Ви препише кортикостероиден крем или маст (во зависност од клиничката слика).
Кортикостероидот брзо ке ги смири знаците на воспаление, но неговата употреба треба да е временски ограничена. Оралните антихистаминици обично имаат слаб или немаат никаков ефект во терапија на екцемот.
Кога треба да се консултира дерматолог?
Повод за преглед кај дерматолог е појава на болка, секреција, пукнатини и крварења од промените на рацете. Дерматологот ќе утврди дали има знаци на суперинфекција и дали се работи за иритантен или алергиски дерматит. Реорганизацијата на дерматолошките амбуланти во овој период го отежнуваат пристапот до алерголошко тестирање, па лекарот ќе ја утврди потребата и итноста на таквите процедури.
Литература:
Singh M et al. Overzealous hand hygiene during COVID 19 pandemic causing increased incidence of hand eczema among general population. J Am Acad Dermatol. 2020 Apr 16.
Lotfinejad N et al. Hand hygiene and the novel coronavirus pandemic: The role of healthcare workers. J Hosp Infect. 2020 Mar 19.
Peters A et al. The economics of infection prevention: why it is crucial to invest in hand hygiene and nurses during the novel coronavirus pandemic. J Infect. 2020 Apr 23.