Множејќи се, вирусите мутираат. Веќе има илјадници варијанти на коронавирусот уште од избувнувањето на пандемијата, но загриженост предизвикаа две, британската и јужноафриканската варијанта на вирусот.
1. Британската варијанта првпат беше откриена во септември. Во ноември, околу една четвртина од случаите во Лондон беа со новата варијанта. Во средината на декември – две третини. Сега таа му припаѓа на светот. Варијантата, позната за научниците како Б.1.1.7, досега се има појавено во 47 земји, вклучително САД, Австралија, Чиле и Јапонија.
Првичните сомневања на научниците се остварија. Станува збор за сој кој полесно се пренесува и кој го потиснува помалку преносливиот актуелен сој.
Започна трката за негово ограничување. На располагање се вакцините, маските, дистанцирањето, средствата за дезинфекција на рацете. Неколкуте генетски промени во вирусот предизвикаа страв од моментот кога се откриени.
Добра вест е што истражувачите не најдоа причина да веруваат дека оваа мутирана варијанта предизвикува потешка клиничка слика. И не го намалува времето после кое едно ново заразено лице може да го шири вирусот – нешто што би можело да генерира побрзо нови пациенти. Исто така, се смета дека новите вакцини се ефикасни кон оваа варијанта.
Но, за да се спречи ширењето, мерките треба да бидат построги отколку досегашните, вакцинирањето треба да биде колку што е можно побрзо достапно и потребна е далеку поголема подготвеност на луѓето за имунизација.
Според едно ново истражување, генетските промени на новата варијанта ја зголемија нејзината преносливост за околу 56%, од минимум 40% до максимум 70%.
Со оваа конкурентска предност, новава варијанта на вирусот набрзо ќе стане најчесто присутен вид. Тоа, пак, може да предизвика експлозија на бројките.
Супермоќта на новата варијанта, (како што беше покажано во Велика Британија,) е нејзината способност лесно да се шири. Пред да биде откриена, таму се ширела најмалку еден месец, а веројатно и подолго.
Воведените забрани за патување беа, очекувано, бескорисни.
Што значи таквата полесна преносливост? Замислете забава на луѓе без маски. Никој од нив да нема имунитет кон вирусот САРС-КоВ-2. Ако едно лице кое го носи типичниот вид влезе на забавата и остане неколку часа, најверојатно дома ќе си појдат 2-3 нови заразени.
Ако истиот посетител на забавата би бил заразен со британскиот вирус, Б.1.1.7, во текот на истиот настан вирусот би се пренел на 3,5 до 4,3 нови жртви.
Разликата можеби изгледа мала, но со заразување на последователни, нови генерации, нејзиниот ефект ќе се зголеми. За еден месец, едно лице со британска варијанта на вирусот може да произведе 150 нови инфекции – речиси четирикратно повеќе од 39 случаи што би произлегле од лице што го има постариот вид на вирусот.
Во реални околности, британската варијанта веројатно ќе наиде на малку поголем отпор. Во овој момент на развој на пандемијата, веројатно дури еден од петмина гости на забавата веќе претходно биле заразени и добиле одредено ниво на имунитет.
Покрај тоа, веројатно ќе биде почитувано и одредено физичко дистанцирање, забавата можеби би се одржувала на отворено, а многу присутни веројатно би носеле маски.
Под такви околности, поединец со типичен вид на САРС-КоВ-2 најверојатно ќе успее да зарази едно лице, евентуално двајца. Пандемијата ќе расте со релативно статично темпо и по еден месец ќе бидат инфицирани вкупно три лица.
Б.1.1.7 (британската варијанта) дава сосема друга слика. Носителот на вирусот на истата забава ќе ја пренесе инфекцијата на 1,5 – 2 жртви. По еден месец, првичниот случај ќе резултира со 11-16 нови инфекции.
Во натпреварот меѓу вирусните соеви, оваа конкурентска предност е многу важна. Целта на вирусот е да пронајде и нападне нови жртви. Варијантата на вирусот што ќе успее да зарази повеќе жртви, ќе оствари доминација во однос на своите конкуренти.
Експертите предупредуваат дека зголемената преносливост на Б.1.1.7 ќе го зголеми процентот на население што треба да се вакцинира, за да се постигне колективен имунитет и со тоа да запре пандемијата. Можеби тој процент е дури 85% и повеќе.
2. Јужноафриканска варијанта – позната и како сој 501.V2, се појави во август во Јужна Африка. Оваа варијанта изгледа дека е уште позаразна од британската. Исто така, постои загриженост дека мутациите можат да влијаат на начинот на кој вирусот ќе реагира на постојните вакцини и лековите базирани на антитела.
Дали јужноафриканската варијанта е посмртоносна? Досега нема докази дека предизвикува болест со потешки симптоми.
Постои загриженост дека лековите со антитела можеби ќе се покажат недоволно ефикасни. Исто така, не се знае дали стекнатиот имунитет против стариот вирус кај оние кои прележале ковид, ќе штити од јужноафриканскиот сој.
Во моментов, најмногу го има во Јужна Америка и Бразил и сѐ уште мал број случаи се регистрирани во Велика Британија, Франција, Швајцарија, Јапонија, Австрија и Замбија.
3. Најнова вест: Откриена е трета, нова варијанта на вирусот во Јапонија кај патници од Бразил.