Вакцините Pfyser и Moderna се вакцини со гласничка РНК (mRNA). Таа им дава на нашите клетки упатства (тоа се случува во цитоплазмата на клетките, а не во јадрото, каде што се наоѓа нашата ДНК – гените) како да создадат безопасен протеин, сличен на протеинот на шилецот на вирусот, со којшто тој продира во клетките.
Откако нашите клетки ќе направат копии на тој протеин, гласникот (mRNA) се уништува. Нашите клетки го доживуваат протеинот како натрапник и градат Т-лимфоцити и Б-лимфоцити, кои ќе запомнат како да се борат против вирусот, ако се заразиме со него во иднина.
Ова е технологија во која во ниедна фаза на производството на вакцината не се користат хумани клеточни линии. Но, Фајзер и Модерна користат такви клетки за да го потврдат создавањето на антитела.
Вакцината AstraZeneca и Oxford се потпира на безопасен вирус на настинка на шимпанзата (аденовирус) за тој да го носи протеинот на шилецот на коронавирусот во телото, со цел да се предизвика имунолошки одговор.
Според тимот за развој на Универзитетот во Оксфорд, за размножување на аденовирусот (бидејќи тој самиот не може да се размножува) користени се клонови на оригиналните хумани ембрионски бубрежни клетки (Human Embryonic Kidney 293 cells) на абортиран фетус во 1973 година. Треба да се нагласи дека фетусот бил абортиран заради одредени здравствени проблеми, а не намерно за користење во научни цели!
Тие клонови се размножувани во лабораторија, оттогаш до денес! Претставуваат т.н. бесмртни клеточни линии. Тие немаат врска со оригиналното фетално ткиво. Служат само како фабрики за производство (во случајов, на мајмунскиот аденовирус). Крајниот продукт, вакцината, не ги содржи тие фетални клетки, зашто тие се елиминираат (со пурификација) во крајната фаза на производство!
Клонови на фетални клетки користи и руската вакцина Спутник V, за растење на аденовирусниот вектор (кој предизвикува настинка кај луѓе), Janssen (Johnson&Johnson), исто така. Но, има и други примери. На пример, Sanofi-GSK ја произведува својата вакцина со користење на модифициран вирус култивиран на клетки од инсекти.
Во традиционалното производство на вакцини, со употреба на живи и атенуирани (ослабени) вируси или вирусни вектори за градење на имунолошки одговор (кинеската Coronavac), се настојува тие вакцини да се тестираат на хумани клеточни линии, за да се разбере природата на вакцината и да се види дали клетката делува врз вирусот.
Овие откритија дополнително помагаат во модификација на вакцината за клинички испитувања. И овде треба да се нагласи, дека после тестирањето, вакцините се прочистуваат, така што крајниот продукт воопшто не содржи ниту клетки, ниту нивни остатоци.
Вакцините за рубеола, овчи сипаници, хепатитис и беснило користат хумани клеточни линии.
Во продолжение е даден линк до сеопфатен список на КОВИД-19 вакцини во развој и со било каква врска со клеточни линии (заклучно со 4 јануари):
Update: COVID-19 Vaccine Candidates and Abortion-Derived Cell Lines