Раните од каснување од куче по својот механизам се идентични со vulnus lacerum (раскината рана), односно настануваат со влечење, тегнење и раскинување на кожата со поткожните структури.
Карактеристики на рана од каснување од куче
Раната е со неправилни, раскинати рабови. Во длабочина ѕидовите се неправилни, девитализирани, со ракинати крвни садови, кои се тромбозирани и пулсираат, а нема крварење. Ова е резултат на тоа што при влечењето прво доаѓа до пукање, раскинување на интимата и медијата со нивно вовлекување, а потоа и на адвентицијата. Кучето зафаќа со забите, односно натрапува и пробива, а потоа влече и раскинува. Обликот на раната е типичен за забите на животното.
Беснило
Доколку кучето е инфицирано со вирусот на беснило (рабиес), преку плунката го пренесува истиот во влезната врата – раната која настанала со каснувањето.
Инкубациониот период или периодот од каснувањето до појавата на првите симптоми за инфекција со беснило трае од 3-6 недели, но како широка инкубација се зема периодот од 6 дена до 1 година.
Вирусот има неуротропно дејство, односно се наоѓа и шири по нервен пат. Хистопатолошки по смртта се наоѓаат црни телца во мозочната маса.
Клиничка слика и симптоми:
- Продромален стадиум: Во овој стадиум преовладуваат неспецифични симптоми, како малаксаност, главоболка, болки по телото, гадење со можно повраќање, покачена телесна температура. Овој стадим наликува на настинка.
- Ексцитаторен стадиум: Се јавуваат специфични симптоми како анксиозност, конфузност, инсомнија, агитираност, параноја, тремор, халуцинации и делириум. Потоа има и зголемено лачење на плунка, солзење на очите, хидрофобија итн.
- Паралитички стадиум: Краен стадиум на болеста кој води кон смрт на пациентот. Се јавува неможност за зборење и голтање како резултат на паралитичка зафатеност на мускулатурата. Настанува нарушување на свеста до кома. Процесот прогредира до зафаќање на респираторната мускулатура, оневозможено дишење и смрт.
Превенција:
- Редовно вакцинирање на животните;
- Хирушка обработка на раната и заштита против тетанус.
Третман:
Вакцина HDCV 1мл интрамускулно во m.deltoideus истиот ден и уште 4 дози 3, 7, 14 и 28-от ден. Вакцината се состои од живи атенуирани вируси.
Имунизација со готови имуноглобулини во доза од 20 IE.на кг телесна тежина интрамускулно, при што половина од дозата се дава во самата рана. Ако е започната вакцинацијата, се дава 8-миот ден од првата доза на вакцината.
Пациентот се третира со симптоматска терапија.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-