Како лекуваат звукот и вибрациите?

0

-Виброакустична микробранова терапија во медицината-

Честопати  сте слушнале дека смеењето е здраво, пеењето е лек, и сигурно сте се запрашале колку  вистина има  во сето тоа. Сите тие констатации може да се објаснат само со еден збор – микровибрации.   

Микровибрациите се присутни кај секој жив организам. Изворот на тие вибрации може да биде внатрешен ( срцевата пулсна работа, пулсното полнење на артериските крвни садови, говорот, пеењето, смеењето, мускулниот тонус и мускулната активност) и надворешен ( музичките бранови, туширањето, масажата, физичката активност и др.).

Се претпоставува дека во организмот на човекот секогаш постои дефицит на микровибрации. За да се обезбеди дополнително заситување на ткивата со нив, човековото тело има потреба од надворешни извори на микровибрации. Токму овие надворешни микровибрации ги подобруваат функциите на организмот и состојбата на ткивата во целина. Пополнувањето на овој дефицит претставува основна алка во комплексното обновување на организмот кое овозможува вистински да се зголеми ефикасноста на терапијата кај хроничните нарушувања и закрепнување на организмот, а во одреден број заболувања претставува и единствен, неинвазивен ефективен метод на лекување (дијабетична гангрена).

Што претставува виброакустична терапија?

Под виброакустична терапија се подразбира дејство на микровибрации и звични бранови во т.н. слушен дијапазон, кај кој се присутни бранови од 20  до 16.000 херци, со амплитуда од околу 100 микрони. Процедурата се вика фонирање, бидејќи се дејствува со звучни бранови (фон). Ефектот на дејството е пропорционален со бројот на процедурите во текот на денот и во текот на седмицата. 

Првпат започнала  да се применува кај деца со проблеми со слухот во седумдесетите години од минатиот век. Поширока примена започнува во деведесетите години од минатиот век,  за денеска да се применува како конвенционална терапија во многу земји во светот.

Во последниве години во највисоките медицински установи во Русија се разработени и се применуваат цела низа методи и апарати. Овие методи се најобични, со физиотерапевтски приод кои се спроведуваат неколкупати во текот на денот. На тој начин се надополнува микровибрацискиот дефицит со помош на непрекинати и променливи по фрекфенција бранови.

Дејството на виброакустиката се користи за лекување (виброакустична терапија), за закрепнување и зголемување на психичката и физичката способност, како и за превентива (виброакустична масажа).

Механизам на дејство

Благодарејќи на резонантното дејство, звучните бранови продираат од 0.1 до 50 мм во ткивото и кога ќе наидат на некој стеснет крвен сад ќе настане негово проширување. Принципот е следен: – Кога висината на бранот ќе се совпадне со дијаметарот на крвниот сад, тогаш неговиот лумен се проширува.  Ова е резонантната теорија на дејството на овие микровибрациски бранови.

Типични места на делување на микровибрациите се: лимфните капилари, садови и јазли, венските и артериските капилари и садови, бронхиолите и алвеолите, бубрежните нефрони, мочниот меур и мочните канали, жлездите со внатрешно лачење, коскената срцевина, ‘рбетниот мозок, нервните и мускулните влакна како и другите структури од човековиот организам.

Дејството врз организмот

Благодарение на присутните залистоци во лимфните садови и во вените, се создаваат микровибрации  кои дејствуваат како пумпа, со чија помош ткивните течности кои имаат тенденција на хаотично движење, преминуваат во насочено движење. Ова виброакустичното дејство го засилува лимфното течење и венскиот проток, што овозможува да се намали застојот во ткивата и да се подобри микроциркулацијата во ткивата. Со забрзување на лимфниот и венскиот одлив од областите на заболувањата се зголемува навлегувањето на компонентите на хуморалната регулација, а со тоа се предизвикуваат системски реакции. Со регулација на динамиката на порастот на дозите на виброакустичното дејство, се добиваат антивоспалителни дејства, што дозволува овој тип на терапија да се користи кај акутни и хронични заболувања.

Дејството на микровибрациите во пределот на бубрезите ја подобрува филтрацијата и апсорпцијата на ниво на нефронот, а ова ги смалува потребите за висок крвен притисок. Кај болни со намалена бубрежна филтрација, ако виброакустичната терапија се употребува во областа на бубрегот, филтрацијата од 75 мл/мин се зголемува на 103 мл/мин, што претставува зголемување за дури 30%.

Микровибрациите се потребни и за придвижување на имуните клетки во меѓуклеточната течност и ткивата, што ја овозможува нивната мобилизација и учество во регенеративните процеси. На овој начин се обезбедува поголем број матични клетки од ‘рбетниот мозок во циркулацијата. Ова претставува единствен неинвазивен метод за збогатување на крвта со матични клетки.

Системските ефекти се добиваат со дразнење на неврорецепторите, пред сè на механорецепторите (Пачиниеви, Мајснерови телца и слободни нервни завршетоци), при што се добиваат промени во тонусот на крвните садовите во зоната на дејствувањето, што како последица се добива засилена трофика, смалување на отоците и затегнување на кожата.

Виброакустичната терапија се користи како одлично надополнување во комплексот на лекување на многу болести.  Како монотерапија  во лекувањето на: остеохондрози, радикулит, хипертонична болест кога систолниот притисок е помал од 160 mmHg, кај аденомот на простата (бенигна простатична хиперплазија), заболувања на респираторниот систем, дигестивниот, како и кај многу други акутни и хронични заболувања.

Таа е комплементарна со медикаментозната терапија со што се овозможува подобра ресоpпција на лековите, а често е потребно и намалување на дозата на лековите кои се користат.

Оттука произлегува дека виброакустичната терапија е усогласена со биомикровибрациите и е сосема безопасна за човечкиот организам. Нивната улога во физиолошките процеси на човечкиот организам е незаменлива.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијали цели и/или реемитување-

Д-р Мирослав Бошковски е роден на 15.01.1985 год. во Куманово, каде го завршува своето основно и средно образование. Дипломира на Mедицинскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје во 2010 год, отсек Општа медицина. Учесник е на повеќе семинари и работилници и активно ги следи новитетите од областа на медицината. Одлично говори англиски и српско-хрватски јазик, а има познавања и од француски, шпански и словенечки јазик. работно искуство: Од јуни 2010 до јули 2011 работи во Витафон - Скопје, како лекар консултант. Тука се стекнува со големи знаења од областа на виброакустиката и нејзината примена во медицината. Од јули 2011 год. до денес работи во ПЗУ Д-р Гиевска, во Куманово како доктор по општа медицина во примарна здравствена заштита. моментален ангажман: ПЗУ Д-р Гиевска, доктор по општа медицина во примарна здравствена заштита. -Имам огромна чест и задоволство да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Оваа веб страница нуди огромен број на интересни информации, нови медицински достигнувања и откритија корисни како за пациентите, така и за нас здравствените работници. Читајте Доктори.мк и секако применете барем нешто од напишаното!