Дисаутономија

0

Вовед во дисаутономијата

Во ХIX век често присутна состојба била т.н неурастенија. И денес во Меѓународната класификација на болестите под кодот F48.0 постои дијагнозата Neurasthenia. Луѓето се чувствувале неспособни за било какво функционирање како резултат на низа необјасниви симптоми, вклучувајќи замор, слабост, несвојствени болки, главоболка и губење свест. Докторите не можеле да ги објаснат овие симптоми, па така тие се припишувале на “слабиот нервен систем”, или неурастенија. Жените со неурастенија (генерално на мажите не им била давана оваа дијагноза) често пати останувале само дома, во своите кревети, каде или ќе оздравеле или на крајот ќе умреле. И додека никој не знаел што ја предизвикува оваа состојба, сите (и докторите и лаиците) ја сфаќале многу сериозно.

Повеќето сегашни доктори кога слушаат за оваа мистериозна состојба, само зачудено вртат со главата. Само неколкумина сметаат дека се уште постои неурастенија. Последователно, тие се помалку способни во препознавањето на манифестациите на оваа состојба во споредба со нивните колеги од минатото и не сочувствуваат со “жртвите” на неурастенијата.

Вчера – неурастенија, денес – дисаутономија

Луѓето кои пред 1 век би се нарекувале неурастеничари, денес добиваат низа различни дијагнози. Тука се вклучуваат:

  • синдромот на хроничен замор;
  • вазовагална или неурокардиогена синкопа;
  • панични атаки;
  • анксиозност;
  • невообичаена синус тахикардија;
  • синдром на иритабилно црево;
  • синдром на постурална ортостатска тахикардија;
  • фибромијалгија.

Пациентите со овие дијагнози се склони кон дебаланс и почесто кон невообичаени, променливи симптоми од страна на автономниот нервен систем. Денес, сето ова се нарекува дисаутономија.

Автономниот нервен систем и дисаутономијата

Автономниот нервен систем ги контролира “несвесните” телесни функции, како срцевата фреквенција, дигестијата и дишењето. Се состои од симпатички и парасимпатички нервен систем (симпатикус и парасимпатикус).

 

Симпатичкиот систем се смета дека ги контролира “бурните” реакции на телото, доведувајќи до забрзана срцева работа, забрзано дишење и зголемено крвоснабдување на мускулите, со цел организмот да избегне одредена опасност или да се справи со стресот.

Парасимпатичкиот систем ги контролира “тивките” телесни функции, како на пример дигестивниот систем.

Што значи: симпатикусот не подготвува за акција, додека парасимпатикусот не подготвува за одмор. Во нормална состојба, парасимпатичките и симпатичите компоненти на автономниот нервен систем се во совршен баланс, во зависност од инстант потребите на организмот.

Кај луѓето кои боледуваат од дисаутономија, автономниот нервен систем ја губи рамнотежата, и во различно време, симпатикусот или парасимпатикусот несоодветно предоминираат. Симптомите вклучуваат:

  • нејасни, но вознемирувачки болки;
  • пребледување;
  • замор и инертност;
  • сериозни атаки на анксиозност;
  • тахикардија;
  • хипотензија;
  • слабо поднесување на напор;
  • гастроинтестинални симптоми, како синдром на иритабилно црево;
  • потење;
  • заматен вид;
  • вкочанетост и трнење;
  • анксиозност и депресија.

Болните од дисаутономија можат да ги искусат сите овие симптоми или само некои од нив. Тие може во различни периоди да искусуваат различни групи на симптоми. Често пати симптомите не можат да се предвидат и имаат минлив карактер, но од друга страна, тие може да бидат поттикнати од одредени настани или дејствија. Некои луѓе, на пример, ги имаат овие симптоми при напор или при станување и внесување на различни храни. Бидејќи луѓето со дисаутономија се вообичаено нормални од било кој друг аспект, докторот не воочува никакви неправилности при физикалниот преглед на пациентите.

Што ја предизвикува дисаутономијата?

Не постои еднинствен, универзален причинител на дисаутономијата. Јасно е дека пациентите ја наследуваат склоноста за развивање на дисаутономични синдроми, бидејќи често постојат варијации на дисаутономијата во семејствата. Вирусните заболувања можат да поттикнат развивање на дисаутономичен синдром. А, исто така и хемикалиите. Таканаречениот синдром на Заливската војна (Gulf War Syndrome), всушност претставува дисаутономиja; нискиот крвен притисок, тахикардијата, заморот и другите симптоми, иако владата на САД негира, сепак се симптоми поттикнати од изложувањето на организмот на токсини.

Дисаутономијата може да биде резултат на различни типови на траума, особено трауматска повреда на главата и градите. Постои извештај дека и хируршкиот зафат за зголемување на градите може да резултира со дисаутономија.

Дисаутономиите предизвикани од вирусни инфеции, токсини или траума, често имаат ненадеен почеток. Синдромот на хроничен замор, на пример, почнува после типична вирусна инфекција (болно грло, треска, мускулни болки), но кој било од дисаутономичните синдроми може да има сличен почеток.

Дијагностицирање на дисаутономијата

Дијагностицирањето на дисаутономијата претставува тема на раздор за многу доктори. Луѓето со дисаутономија честопати имаат сериозни симптоми кои се далеку непропорционални со било кои објективни физикални или лабораториски наоди. Ова може многу да го отежни процесот на поставување на дијагноза. Во современата медицинска пракса, кога пациентите имаат смелост да се жалат на одредени симптоми без да постојат објективни медицински знаци за тоа, тие често пати се дијагностицираат како хистерични. Оние пациенти кои имаат “среќа” нивниот матичен доктор да ги сфати сериозно, најверојатно ќе бидат упатени на специјалист. Видот на специјалистот кај кого ќе бидат упатени зависи од тоа кој симптом е предоминантен, или пак, кој симптом најмногу го “импресионира” докторот. И следствено на тоа, крајните дијагнози кои се поставуваат зависат од предоминантните симптоми и од тоа кој специјалист го посетиле.

На пример: Пациентите чиј главен симптом е лесното заморување најверојатно ќе бидат дијагностицирани дека страдаат од синдром на хроничен замор. Тие кои се онесвестуваат – вазовагална синкопа. Тие чиј пулс во мирување е значително забрзан, се дијагностицираат како невообичаена синус тахикардија. Ако вртоглавицата при станувањето е главниот проблем, дијагнозата е синдром на постурална ортостатска тахикардија. Дијарејата и абдоминалната болка се симптоми на синдром на иритабилно црево. Болката на било кое друго место е означена како фибромијалгија. Која и да е дијагнозата, сепак дисфункционалниот автономен нервен систем речиси секогаш игра главна улога во предизвикувањето на симптомите.

Секако, запомнете дека дисаутономните синдроми се вистински, реални физиолошки нарушувања, спротивно на психолошките состојби. Тие можат да направат некој да “полуди”, но не се предизвикани од “лудост”.

 

Третман на дисаутономијата

Најверојатно најважниот чекор во третирањето на дисаутономијата е да се најде доктор кој ја разбира природата на проблемот, покажува емпатија кон проблемот (т.е. не Ве смета речиси како луда личност) и кој е спремен да го преземе долготрајниот пристап полн со обиди и грешки, кој што е често пати неопходен за доведување на симптомите до едно толерабилно ниво.

Поради тоа што основната причина за дисаутономијата не е позната, третманот е насочен кон контролирање на симптомите, а не кон излекување на проблемот.

  • Немедикаментозна терапија

Физичка активност: Оддржување на соодветно дневно ниво на физичка активност е веројатно најважната работа која можат да ја прават луѓето со дисаутономија. Редовната физичка активност помага во стабилизирањето на автономниот нервен систем, а на долгорочни стази го редуцира повторното јавување на симптомите и истите траат пократко. Физичката активност може да придонесе побрзо да дојде денот кога ќе исчезнат симптомите сами по себе.

Се смета дека физикалната терапија и слични алтернативни методи како јога, таи-чи, масажа и терапија со истегнување, можат да помогнат.

Диететски додатоци: Секогаш кога постои медицинска состојба која докторите не ја третираат сериозно, снабдувачите со диететски додатоци имаат отворено поле за рекламирање на своите производи. Не само што пациентите сметаат дека немаат подобра алтернатива, туку и здравствените работници, засрамени од неуспехот од неефикасен третман, не се жалат во врска со тоа. Следствено, постојат илјадници неподдржани ставови во врска со способноста на разни витамини, коензими и хербални препарати да ги олеснат различните форми на дисаутономија. Пред да пробате некоја алтернативна терапија, морате да ги дознаете сите објективни информации за истата. Не трошете илјадници денари на нешто што би можело да Ви наштети.

  • Медикаментозен третман

Врз пациентите со дисаутономија пробани се низа групи на лекови. Оние кои највообичаено се сметаат како корисни се:

Трициклични антидепресиви и инхибитори на повторното преземање на серотонин – кога овие лекови се ефективни, тие делуваат во повеќе насоки, а не само контрола на депресијата која е придружна на дисаутономијата. Постојат докази дека тие помагаат во повторното воспоставување на рамнотежа во автономниот нервен систем кај некои пациенти.

Анксиолитици – помагаат во контрола на симптомите на анксиозност, особено кај пациентите во панична состојба.

Лекови против низок крвен притисок – помагаат во лекување на ортостатската хипотензија, главен симптом при вазовагалната синкопа и синдромот на постурална ортостатска хипотензија.

Нестероидни антиинфламаторни лекови – ја контролираат болката асоцирана со дисаутономија, особено фибромијалгијата.

Вредно е повторно да се спомене дека пристапот составен од многу обиди и грешки, речиси секогаш е неопходен при третирањето на дисаутономијата.

Што се случува со луѓето со дисаутономија?

За среќа, прогнозата изгледа многу подобра отколку во деновите кога ова нарушување се нарекуваше неурастенија. Ова е најверојатно поради тоа што мирувањето не се смета како третман од избор. Повеќето пациенти со дисаутономија на крајот сфаќаат дека нивните симптоми или исчезнуваат или се смируваат до степен кога тие би можеле да водат нормален живот. Понекогаш, веројатноста дека работите на крајот ќе се поправат самите од себе можеби е единственото нешто што ги одржува пациентите.

Но, иако некои симптоми во најголем број од случаите се поправаат, многу луѓе со дисаутономија искусуваат симптоми кои ги нарушуваат нивните животи, па потрагата по соодветна медицинска помош која би ги направила нивните симптоми подносливи, многу често е тежок чекор.

Болните со дисаутономија можат да се осигураат себе си со запомнување на 2 факти.

Прво, дисаутономијата вообичаено се подобрува како што поминува времето.

Второ, медицинската академска заедница и фармацевтските компании прифатија дека дисаутономиите се реални, физиолошки медицински состојби. Се водат бројни истражувања за дефинирање на причините и механизмите на овие состојби, како и за развивање на третмани кои се поефективни во однос на тие употребувани денес.

 

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)