Расцепи

0

Дали имате проблеми при хранењето на Вашето бебе?

Зборува ли Вашето дете интензивно на нос?

Можеби Вашето дете има анатомско-функционални проблеми со непцето, носот или фаринксот…

Расцепите претставуваат аномалии кои настануваат при затворањето на ембрионалните пукнатини т.е. при непотполно сраснување на поедини сегменти од орофацијалниот систем во текот на раниот развој на ембрионот (до 60 ден). Тие ги зафаќаат мускулните и коскените делови од лицето, устата и фаринксот, а се разликуваат по обликот, видот, локализацијата и степенот на изразеност. Кој дел ќе биде зафатен со расцепот зависи од местото каде изостанало сраснувањето на фацијалните продолжетоци и од времето на делување на штетните фактори, односно од староста на ембрионот кој е во развој.

 

Фреквенција и причини за појава на расцепите

Колку често се појавуваат расцепите не е точно утврдено од повеќе причини, но се смета дека честотата се движи од 0.53 – 1.98 на илјада особи. Причините за појавата на оваа аномалија се сложени и се уште недоволно испитани иако преовладува тезата дека расцепите се јавуваат како резултат на мултифакторијално дејство – егзогено и ендогено.

Во ендогени фактори спаѓаат наследните фактори каде што до пореметување доаѓа поради мутација на гените. Тоа пак, може да доведе до здружени аномалии кои се појавуваат во вид на синдроми, а настануваат како последица на хромозомски аберации (промени во хромозомите). Кај овие синдроми присутни се и разни вродени аномалии на срцето, лицето и екстремитетите, оштетен слух и лесна ментална ретардација.

Надворешните (егзогени) фактори преку мајката директно или индиректно влијаат на растот и развојот на орофацијалната регија. Од многубројните фактори се издвојуваат вирусни инфекции во првите три месеци од бременоста и специфични заболувања на мајката (сифилис, хепатитис, рубеола, грип, епилепсија, дијабетес, рентген зрачења, цитостатици, хормонска терапија за одржување на бременоста, лоша исхрана, алкохолизам, дрога, пушење и др.).

Преглед на најчестите причини кои доведуваат до настанување на расцепите:

  • наследни фактори;
  • дефицитарна исхрана;
  • тератогени хемиски фактори;
  • психички стресови;
  • радијација;
  • инфективни заболувања.

Каде се јавуваат расцепите?

Расцепите можат да ја зафатат само усната, можат да бидат само на непцето или да бидат комбинирани и да ги зафаќаат и устата и непцето, со деформација и на носот. Најчесто расцепите се еднострани, притоа зафаќајќи ја левата страна, но можат да бидат и во средната линија. Степенот на изразеност на расцепите се движи од комплетно зафаќање на меките и коскените делови на устата, до разни варијации на некомплетни расцепи.

Постојат и субмукозни расцепи – расцепи кои надворешно се невидливи, бидејќи расцепот на мускулите на горната усна е премостен со мембрана од внатрешната страна и со кожа од надворешната страна. Често расцепите го зафаќаат и секундарниот палатум (задниот дел од тврдото непце).

Во расцепи кои многу ретко се среќаваат ги вбројуваме следните видови: медијален расцеп на долната усна, слепа фистула на долната усна, коси расцепи на лицето и микроформни расцепи, како што е расцепот на увулата (ресицата) и субмукозниот расцеп на мекото и тврдото непце.

Тегоби кои се среќаваат кај децата со расцепи

Кај децата со расцепи посебно се изразени тегобите во исхраната, чести се зболувањата на дишните патишта, губењето на слухот и потешкотиите во развојот на говорот. Мајките на децата со ваква малформација се плашат при исхранувањето на детето бидејќи доаѓа до враќање на храната преку нос, кашлање, повраќање, отежнато голтање, аспирација на храна во белите дробови и цијаноза. Хранењето на овие деца бара поголемо внимание, вештина, трпение и време при секој оброк. Исхранувањето се изведува со доење со помош на шишенце и цуцла, лажички и сонда, или на комбиниран начин, за да се стимулира функцијата на цицање и голтање, односно да се предизвика активност на јазикот и фарингеалната мускулатура кои се неопходни за развојот на говорот. Хранењето на овие доенчиња може да се подобри со примена на ортодонтски апарат, кој претставува стимулатор за предоперативно лечење (вештачко непце).

Расцепите непосредно влијаат на:

  • Артикулацијата – артикулацијата кај расцепите е целосно или делумно оштетена, во зависност од местото каде што настанал расцепот;
  • Гласот е назален, односно воздушната струја излегува преку носот, а не преку устата бидејќи е невозможно одвојување на оралната од носната шуплина;
  • Слухот – слухот се оштетува како резултат на честите воспаленија на ушите;
  • Цицањето, голтањето;
  • Дентицијата – растот и развојот на забите.

Кога треба да се започне со лечење на расцепите?

Во лечењето на овој сложен проблем учествува тим на стручњаци: педијатар, ортодонт, пластичен хирург, аудиолог, логопед и психолог со максимална соработка на родителите. Кај комплетните широки расцепи (обостраните расцепи на усната, тврдото и мекото непце) неопходно е да се започне со предоперативно ортодонтско лечење што е можно порано (два до три дена по раѓањето). Лечењето е најефикасно во текот на првиот и вториот месец по раѓањето, поради интензивниот раст на максиларните сегменти. Раното лечење овозможува не само корекција на деформацијата, туку и поголемa можност за детето да се навикне на протезата и да се подобри исхраната. Кај напредната осификација, предоперативната терапија не може да се примени.

Задоволителни резултати при лечењето се постигнуваат доколку навреме се започне со лечење и притоа има беспрекорна соработка со родителите. Кога предоперативното ортодонтско лечење е успешно завршено, настанало сраснување на коскените елементи, тогаш во петтиот односно шестиот месец од животот на детето може да се изведе првиот хируршки зафат – затворање на усните, а интервенциите на непцето се изведуваат во периодот до осумнаесет месечна возраст. Ортодонтската терапија продолжува низ целиот развоен период на дентицијата (растот на млечните и трајните заби). Периодот на изведување на хируршката интервенција има големо значење не само за развојот на орофацијалната регија, туку и во понатамошниот развој на говорот на детето.

Успешно излекуван расцеп на усната и непцето:

 

Успехот зависи од соработката помеѓу стручниот тим и родителите

За успехот на говорната рехабилитација е неопходна соработка со логопед и ортопед уште од најрана возраст и активна улога на логопедот како координатор помеѓу стручниот тим и родителите на детето. Потребно е родителите да бидат добро едуцирани и запознаени со состојбата уште од самото раѓање на детето. По завршувањето на првата хируршка интервенција, логопедот ги припрема органите за говор за правилен развој на говорот и артикулација на гласовите, а по завршувањето на втората интервенција се создаваат поволни анатомо–физиолошки услови за развој на говорот. Затоа развојот на говорот кај децата со расцепи зависи од времето на хируршката интервенција. Ако тие се завршат пред воспоставување на говорната функција (до крајот на втората година), нема да има големи потешкотии при развојот на нормален артикулационен говор. Доколку операциите на расцепите се изведат по овој период, односно по третата година на детето, тогаш бенефитот од нив нема да е голем, бидејќи многу тешко и споро се корегираат веќе развиените неправилни говорни модели. Освен ограничените можности за логопедска терапија, задоцнетите хируршки интервенции на расцепите придонесуваат и за појава на психолошки трауми кај овие деца, кои создаваат пречки за развојот на здрава личност.

Поради аномалиите кои се видливи на лицето, често се јавува чувство на намалена вредност, изолација и страв, кои можат да влијаат врз развојот на здрава личност, да имаат последици при учењето и социјализацијата на детето.

Навремената интервенција обезбедува психички мир кај детето, како и отсуство на паника и несигурност кај родителите. Со навремена интервенција се постигнува и функционална и естетска корекција на говорните органи, максимална поддршка преку разговор со психолог, а се вложуваат и големи напори за нормален развој на говорот и јазикот.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Слаѓана Пашовска е родена на 01.06.1983 год. во Берово. Основно образование завршува во родниот град, а средно образование во ДСМУ „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје, отсек забен техничар. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ”Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. и се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. По завршувањето на студиите стажира и волонтира во повеќе стоматолошки ординации во Берово и Скопје. Учесник е на повеќе конгреси, семинари и саеми од областа на стоматологијата. Од 2011 год. работи во сопствена ординација по општа стоматологија „Д Е Н Т И К О“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје. -Доктори.мк е портал кој мене лично многу ми се допаѓа. Единствено место каде секој може да научи нешто ново и нешто корисно. Портал кој ги приближува пациентите кон докторите, овозможува да се добијат повеќе мислења на едно место, да се одбере најблиската потребна ординација преку локаторот на доктори.мк и да се дознаат најновите и најзанимливите работи од областа на медицината. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк и се надевам дека сите заедно здружени ќе придонесеме да се подигне здравствената свест кај нашата популација. Секоја чест за оснoвачите, за нивната добра идеа и голема посветеност... Само напред